Кабинетот на Гаши за инцидентот на аеродромот: Демантираме вмешаност на личното обезбедување

Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши, демантира какво била вмешаност на членови на неговото лично обезбедување во денешниот инцидент на скопскиот аеродром, како што пренесуваат одредени медиуми.

Наспроти овие информации, членовите на безбедносниот тим на претседателот на Собранието Гаши биле присутни само за да се смири ситуацијата настаната од недоразбирањето меѓу обезбедувањето на претседателката на Република Косово, Вјоса Османи, и припадниците на аеродромското обезбедување.

Обезбедувањето на претседателот Гаши, кои се вработени во МВР, интервенирале да ја смират ситуацијата и да им помагаат на нивните колеги за спроведување на безбедносните постапки при посета на ВИП личности.

Притоа потенцираме дека секое известување кое го сугерира спротивното е тенденциозно. Исто така ги повикуваме и медиумите кои известуваат за овој настан да ги проверат тие информации пред да објават вакви тврдења и да постапат со професионална и етичка одговорност, соопштуваат од Кабинетот на Гаши.

Зеленски: Путин сака да манипулира со Трамп

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека рускиот претседател Владимир Путин сака да „манипулира“ со претседателот на САД, Доналд Трамп, кога зборува дека за војната во Украина сака да преговара со САД.

- Тој сака да манипулира со желбата на претседателот на САД да постигне мир, истакна Зеленски.

Претседателот на Украина додаде дека е уверен оти ниту една руска манипулација сега не може да успее.

Крводарителска акција во спомен на Тоше Проески

Во холот на Домот на АРМ во Скопје денеска ќе се одржи крводарителска акција во спомен на хуманоста на Тоше Проески.

- Во рамките на традиционалните крводарителски акции на ЦК на град Скопје е и акцијата која се организира во спомен на хуманоста на нашата ѕвезда Тоше Проески, кој за жал прерано го загубивме. Оваа крводарителска акција стана веќе препознатлива во нашиот град и е посетена од голем број граѓани, а пред сѐ помладата популација која во ликот на Тоше Проески препознава пример на хуманост, се вели во соопштението на Црвениот крст на Град Скопје.

Како што посочуваат, на овие акции собрани се над 5 500 единици крв, што зборува за позитивниот пример на Тоше, запаметен како голем хуманист и крводарител.

Хегсет избран за министер за одбрана на САД

 Пит Хегсет со тесно мнозинство е избран за министер за одбрана на САД. Педесет сенатори гласаа „за“, но ист толкав број гласаа „против“. Поради изедначениот резултат од гласањето, одлуката ја донесе потпретседателот Џеј-Ди Венс.

Сите демократски сенатори гласаа против кандидатурата на Хегсет, како и тројца републикански сенатори. Вторпат во историјата за кандидат за министерско место да се одлучува со гласање на потпретседателот. Првпат се случи во 2017 година кога Бетси ДеВос стана министерка за образование.

Хегсет (44), поранешен водител на „Фокс њуз“ и одликуван ветеран, ветува големи промени во Пентагон.

Откако беше објавена неговата кандидатура, критичарите ги доведуваат во прашање неговите квалификации за функцијата, укажаа на проблематичната природа на неговиот темперамент, како и неговите минати ставови за жените во борбените единици.

За време на процесот на одобрување за неговата кандидатура, се појавија низа обвинувања против Хегсет, како за семејно насилство, а е обвинет и за прекумерно консумирање алкохол и финансиско лошо управување во организациите на ветераните.

Тој вети дека ќе се воздржи од алкохол доколку биде избран за министер и призна грешки во финансиското управување, но негираше дека сторил нешто лошо.

притисни ентер