Јапонците загрижени: Рекорден број самоубиства меѓу учениците

Според извештајот на јапонското Министерство за образование објавен вчера, минатата година во земјата се регистрирани рекорден број самоубиства на лица на училишна возраст.

Во Јапонија, 415 самоубиства меѓу ученици на возраст од 6 до 18 години биле регистрирани во текот на учебната 2020 година, што е најголем број од почетокот на бележење на рекордот во 1974 година.

Постојат голем број фактори зад самоубиствата, вклучувајќи семејни проблеми, лоши резултати во училиштето, односи со други деца и болести, објавила јапонската јавна телевизија НХК, додавајќи дека за повеќе од половина од самоубиствата пријавени минатата учебна година не се знае причината.

Бројот на самоубиства кај децата на училишна возраст бил 31% поголем отколку во претходната учебна година, кога 317 ученици си го одзеле животот, пишува Си-Ен-Ен.

„Зголемувањето на самоубиствата е крајно алармантно“, рече Егучи Аричика од јапонското Министерство за образование за НХК.

Според извештајот, повеќе од 190.000 ученици од основните и средните училишта пропуштиле 30 или повеќе денови на училиште минатата учебна година, што е за околу 8% повеќе од претходната година.

„Резултатите покажуваат дека пандемијата предизвика промени во училишната и семејната средина и имаше влијание врз однесувањето на децата“, рече Аричика.

Се уште не е познато до кој степен рестриктивните мерки воведени за време на пандемијата придонеле за поголемите отсуства. Во Јапонија, основните училишта и пониските одделенија на средните училишта беа затворени од март до крајот на мај 2020 година. Учебната година во Јапонија започнува во април и завршува во март следната година.

Истражувањето покажало дека околу 30.000 ученици отсуствувале од училиште 30 дена или повеќе поради загриженост за можна инфекција со коронавирус, објавил НХК.

Руски боксер со голи раце убил мечка, која смртно го повредила неговиот пријател

Од Русија доаѓаат вести кои делуваат како приказна од хорор филмови.

Илја Медведев, 23-годишен руски боксер, со пријателот ловел риба во Сибир кога ги нападнала мечка. Пријателот Вјечеслав Дудник бил нападнат и убиен од мечката, а потоа се свртела кон Медведев. Боксерот извадил пиштол и пукал, но мечката му го исфрлила од рака. Сепак, Медведев успеал да извади нож и да го избоде животното.

„Имаше крици, а потоа и пукотници. Кога пристигнав, видов дека Вјачеслав е мртов“, рекол рибар кој бил во близина и кој го префрлил Медведев во болница.

Според Дејли Мејл, тој има сериозни повреди и е во критична состојба.

Полициско куче изгризало навивач во Холандија, неговите колеги го нападнаа полицискиот коњ

На синоќешниот натпревар во Лигата одигран во Ротердам помеѓу Феенорд и Унион Берлин, имало жесток судир помеѓу германските навивачи и холандската полиција.

Според германски Билд, претставниците на навивачите тврдат дека конфликтот настанал поради лошата организација. Наводно, имало премал број вработени кои ги прегледувале ковид-потврдитее, а некои скенери биле неисправни.

Потврдите за Ковид се разгледувале многу бавно, што резултирало со голема гужва пред влезот и нервоза кај околу 2400 фанови.

Полицијата во Ротердам известува за настаните сосема поинаку. Велат дека биле цел на група хулигани и се судриле со полицијата. При жестоката тепачка имало повеќе повреди. Еден навивач бил каснат од полициско куче, а хулиганите повредиле полициски коњ. Имено, фрлањето пиротехнички средства го исплашило, па паднал со полицаецот кој го јавал.

Портпаролот на Унион ги поддржал навивачите и тврди дека организацијата била навистина лоша и дека повеќето навивачи целото прво полувреме го поминале во ред пред стадионот. Снимките и сликите, вели, ја потврдуваат крајната бруталност на домашната полиција во пресметката со навивачите.

Позната холивудска актерка е уапсена за време на протестите пред Белата куќа (ВИДЕО)

Полицијата во Вашингтон ја уапси актерката Алиса Милано додека протестирала со група истомисленици пред Белата куќа, барајќи промени на правото на глас.

„Само што бев уапсена додека протестирав и барав од администрацијата на Бајден и Сенатот да го искористат своето право и да го заштитат правото на глас. Застанете со мене и кажете им гласно на Сенатот и Белата куќа дека секој мора да ги има тие права, без разлика каде живеат ", напишала актерката на нејзиниот профил на Инстаграм.

Полицијата прво ја предупредила актерката дека заедно со членовите на здружението People for the American Way мора да се тргне од областа, во спротивно ќе мора да ги уапсат според законот кој забранува собирање толпи и окупирање на улици и тротоари.

Патем, актерката пред протестот објавила дека може да биде уапсена. „Денес ќе ризикувам апсење бидејќи минатата година беа воведени 425 закони кои го ограничуваат правото на глас“, рече Милано во видеото објавено на Твитер. „Затоа ќе барам нашиот претседател да направи се` што е во негова моќ за да ги усвои Законот за слобода на гласот, Законот за правата на глас на Џон Луис и Законот за државност на ДЦ“.

Актерката од порано е позната по својот политички активизам, а во 2019 година зборуваше за своето лично искуство со абортусот во знак на протест против рестриктивните закони, кои ги нарече „напад врз женските тела“.

притисни ентер