Не треба да бидам жртва ниту пак треба да бидам казнет поради бегството на Никола Груевски. Вака екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески кој од истражниот затвор во Шуто Оризари беше спроведен во Апелациониот суд побара од судиите да му го укинат притворот. Тврдеше дека службената белешка од УБК поради која кривичниот суд му го замени јавувањето во судот со ефективен притвор, му се подметнати на СЈО. Но и убедуваше дека ако обвинителството докаже дека имал банкарски сметки во странство сам ќе бара спогодба па дури и би издржувал доживотна казна.
Во службената белешка од УБК нема ниту ден, ниту датум, ни време ни место за остварената средба. Одговорно тврдам дека оваа службена белешка е фингирана и е направена истиот ден кога побегна Никола Груевски. Оваа службена белешка е класифициран податок, нејзината содржина не смее да се изнесува и овде Кривичниот совет прекршил Закон за тајност на податоци.
И поранешниот владин секретар Кирил Божиновски кој истиот ден со Јанакиески, на 14ти месецов, беше спроведен во притвор, ја негираше вистинитоста на белешката од УБК според која преку посредник иницирал средба со претседателот Иванов на која се барало амнестија за сите обвинети функционери од ВМРО ДПМНЕ во предметите на СЈО.
Немало таква средба со Иванов како што тврди СЈО а немам ни причина за посредник. Знам само дека Јанакиески се сретнал со него, нешто што лично тој му го кажа, но и и ми кажа дека разговарале за актуелната политичка ситуација. А и бегството на други обвинети во овој случај не може да се поврзе со нас.
Специјалното јавно обвинителство бара да останат во притвор. Обвинителката Лиле Стефанова тврди дека и двајцата се подготвувале за бегство.
Во бегство е едно лице кое секако дека не предизвикува дека сите други ќе бегаат. Но Кирил Божиновски и Миле Јанакиески планирале и организирале бегство.
Специјалното обвинителство побара притвор и за двајцата по бегството на осудениот екс премиер Груевски. Апелациониот суд треба во рок од 48 часа да се произнесе, а се очекува и да закаже јавна седница на која ќе ги сослушна аргументите на екс шефот на УБК Сашо Мијалков за определниот притвор.