Ја прошверцувал серијата „Squid game“ во Северна Кореја, осуден е на смрт со стрелање

Смртната казна доби севернокорејски средношколец кој прошверцувал примерок од јужнокорејската серија „ Squid game“ во Северна Кореја.

Се верува дека младиот човек донел епизоди од гореспоменатата серија на Нетфликс во Северна Кореја од Кина преку USB, а тоа било откриено откако службите за надзор го фатиле како се обидува да им продаде копии на колегите.

На средношколецот наводно ќе му пресуди стрелачки вод, метод сличен на оние што се користат во серијата.

- Сè започна минатата недела кога средношколец купил USB со епизоди од јужнокорејската серија „ Squid game “ и го гледал со најдобрата другарка од класот, изјави неименуван извор за Радио Слободна Азија.

- Еден пријател им објави на другите ученици, а USB-то го споделил со оние кои биле заинтересирани за серијата. Тие биле фатени од цензорите специјализирани за сузбивање нелегални видеа по добивањето на информации, вели истиот извор.

Седум ученици наводно биле уапсени и осудени на вкупно пет години тешка работа. Некои извештаи велат дека побогатите родители со мито од 3.000 долари успеале да ги „убедат“ властите да им дадат малку поблага казна на нивните деца.

- Луѓето се жалат дека светот е неправеден бидејќи родителите кои имаат пари и моќ можат да им ја намалат казната на своите деца, дури и кога се осудени на смрт, вели изворот.

Ова е првпат владата да санкционира некого според новиот закон што треба да спречи странско влијание во Северна Кореја.

Според тој закон, Пјонгјанг строго го казнува секој кој поседува странски филмови, облека или користи сленг. Со овој закон власта се бори против она што режимот го нарекува „реакционерна мисла“.

Секој кој ќе биде фатен со голема количина на содржина од Јужна Кореја, САД или Јапонија, се соочува со смртна казна, а оние кои гледаат такви снимки се соочуваат со затворска казна до 15 години.

Политичките аналитичари веруваат дека севернокорејскиот лидер се обидува да ги спречи надворешните информации да доаѓаат до жителите на Северна Кореја, бидејќи животот во земјата станува се потежок. Тие веруваат дека милиони луѓе гладуваат, па Ким Џонг-ун попрво би ги хранел со државна пропаганда отколку да им дозволи да гледаат серии од прекуграничниот Сеул, еден од најбогатите градови во Азија, објави Дејли Меил..

Владиниот економски тим на средба со делегација на ЗЕЛС

Дел од министрите од Владиниот економски тим, остварија средба со делегација од Заедницата на единиците на локална самоуправа, се наведува во соопштението од Владата. 

Дел од министрите од Владиниот економски тим, предводени од заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, придружуван со министерите за финансии Фатмир Бесими, економија, Крешник Бектеши и локална самоуправа, Горан Милевски, денес остварија средба со делегација од Заедницата на единиците на локална самоуправа, која ја предводеа претседателката и градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска и потпретседателите, градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, а во која беа и градоначалниците на Теарце, Нухи Незири, градоначалникот на Радовиш, Ацо Ристов и извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ.

Претставниците на ЗЕЛС ги изнесоа предизвиците со кои се соочуваат локалните самоуправи, поврзани со економската и енергетската криза и побараа поддршка од Владата, за да истите бидат полесно надминати.

Вицепремиерот Битиќи и претставниците на Владата посочија дека за секое прашање, кое е важно за граѓаните се води отворен дијалог и притоа ја истакнаа отвореноста за соработка со единиците на локална самоуправа за заедничко надминување на тековните предизвици. Сите теми кои се важни за граѓаните, за нормално функционирање на општеството треба да се дискутираат и да се најдат најсоодветни решенија кои се во општ интерес.

На состанокот, се согласија предизвиците со кои се соочуваат единиците на локална самоупрва да се елаборираат детално, да се направат соодветни анализи и да се предложат соодветни решенија за нивно надминување.

Косовски автобус слета од автопат во Бугарија, најмалку 29 повредени (ВИДЕО)

Во сообраќајна несреќа во Бугарија повредени се 29 патници од Косово, од кои шест деца, кога автобусот се судрил со камион во градот Ќустендил и слетал од патот.

Според приштинските медиуми, несреќата се случила околу 4.30 часот, кога патнички автобус од Косово удрил во запрен камион кој превезувал дрва.

Возачот на камионот наводно се обидел да им укаже на другите во сообраќајот дека паднало дрво на коловозот. Автобусот удрил во камионот и излетал од патот.

Возачот на автобусот се здобил со полесни повреди и бил пренесен во локалната болница. Увид на лице место извршила полиција, а поради сообраќајната незгода е поведена постапка и за истата е известен обвинител.

Петков ја предаде апликацијата ,,dDnevnik" на Ковачевски за превенција и лекување дијабет

Бугарскиот премиер Кирил Петков на претседателот на Владата ,Димитар Ковачевски му ја предаде апликацијата „dDnevnik" која ќе им го олесни животот на болните од дијабетес во нашата земја.

Софтверското решение „dDnevnik" го изготвија врвните таленти на компанијата „Скеил Фокус", која како најголема странска инвестиција од Бугарија во ИТ секторот работи во нашата земја од 2019 година.

Станува збор за Проект подржан од Министерството за надворешни работи на Бугарија, преку оперативната Програма за развој, во кој компанијата „Скеил Фокус" е партнер заедно со Фондацијата Метаморфозис од Скопје, која има за мисија да ги доближи дигиталните технологии до сите граѓани.

Идејата за развој на ваков вид апликација е поддржана и прифатена и од Министерството за здравство на Република Северна Македонија.

Тимот на Скеил Фокус за време на реализацијата на Проектот ја развиваше апликацијата „dDnevnik", консултирајќи се со лекари, ендокринолози и секако со здруженијата на пациентите со дијабетес.

Корисниците на оваа апликација ќе имаат можност бесплатно да ја користат на македонски и албански јазик и ќе биде достапна за корисниците од февруари годинава. За неколку месеци, оваа апликација ќе стане активна и на бугарски јазик во Република Бугарија, за тамошните пациенти. Оваа мобилна апликација е достапна на двете платформи за IOS и за Android.

Претседателот на Бордот на директори на Скеил Фокус, Пламен Цеков пред присутните порача дека преку апликацијата „dDnevnik" дијабетичарите успешно ќе можат да се справат со предизвиците што ги носи дијабетесот и ќе им помогне во превенцијата и за поефикасно лекување.

„„dDnevnik" овозможува пациентите да ги запишуваат измерените вредности за нивото на шеќер во крвта на нивните мобилни телефони, наместо на хартија. Добиените анализи за одреден временски период, апликацијата овозможува да бидат споделени со лекарите или други блиски членови од семејството, преку однапред дефинирани правила од страна на корисникот", истакна Цеков.

Генералната менаџерка на „Скеил Фокус" за Македонија, Софче Јовановска порача дека голема е професионалната сатисфакција на целиот тим на компанијата од креирањето на ваков тип на апликација, која ќе им го олесни животот на болните од дијабетес, а на лекарите ќе им овозможи полесен пристап до аналитички податоци за здравјето на пациентите.

Ова е само еден од над 500 светски проекти, кои „Скеил Фокус" ги има испорачано за повеќе од 300 клиенти низ светот, во Америка, Европа и Азија. Токму годинава, „Скеил Фокус" слави 10 годишен јубилеј, 10 години забрзан раст и развој, препознаен и од реномираните Форбс и Фајненшл Тајмс кои што изминативе години ја вброија компанијата и во најбрзо растечките компании во Европа, се наведува во соопштението од Владата.

Во Скопје компанијата започна да работи со 10 вработени, а денеска бројката надминува 130 луѓе. Бизнис планот на „Скеил Фокус" е да ги мотивира и задржи младите ИТ кадри да останат во земјата.

притисни ентер