Извлечени три 16-годишни момчиња заробени на островче од надојдената Треска

Од тинејџерска игра до животна опасност. Три 16 годишни момчиња синоќа речиси до полноќ останаа заглавени на мал остров на реката Треска поради надојдената вода која се испушта од ХЦ Козјак и Матка.

Извлечени три 16-годишни момчиња заробени на островче од надојдената Треска

Од тинејџерска игра до животна опасност. Три 16 годишни момчиња синоќа речиси до полноќ останаа заглавени на мал остров на реката Треска поради надојдената вода која се испушта од ХЦ Козјак и Матка, што доведе до уште едно долго и филмско извлекување на ЦУК и МВР помогнати од мештаните од С.Грчец. Од ЦУК велат невниманието довело до ризичната состојба, бидејќи момчињата воопшто и не забележале дека нивото на водата се подигнува, а кога им станало јасно, веќе било доцна за самостојна евакуација, бидејќи реката речиси и го надминала коритото.

Оваа река која сега изгледа мирно и тивко, во подоцнежните часови е навистина брза, подлабока, а со тоа и поопасна, бидејќи во тие часови се испушта повеќе вода од браните за производство на електрична енергија.

Првиот обид за евакуација со чамец на МВР бил неуспешен поради силната река, а и обидот на Црвениот крст не поминал подобро. По бројните обиди и отпорноста на надојдената река решение се побарало во запирање на водата од страна на ХЦ Матка и Козјак кои работеле со максимален погон за производство на струја, што на крајот се покажало како вистински потег, но и за тоа било потребно време.

-Да ги сопрат браните и што е можно помалку да истекува вода, на оној биолошки минумум практично што е потребен за реката за да може да се намали силината и големината на водата во тој дел. Но, потребно е време да помине тој напливен бран од вода и требало да се чека затоа акцијата траела толку долго. На крај, водата намалила на безбедно ниво, кога можело да се интервенира,- – Илија Бојаровски – Портпарол на ЦУК.

Момчињата кои се нашле во опасната состојба се од околните места, а пријавата до ЦУК пристигнала околу 19 часот. Од ЦУК апелираат до граѓаните да бидат внимателни околу коритото на Треска особено во попладневните и вечерни часови кога турбините на браните работат поинтензивно, што се случува редовно, секој ден.

ТИРЗ: Нова потенцијана инвестиција на италијанска компанија во ТИРЗ Штип

Директорот на ТИРЗ  Гоце Димовски денеска оствари средба со Марио Де Роза, прв секретар, заменик шеф на мисија на италијанската амбасада во Македонија, регионалниот совет на Пиемонт и претставници на италијанската компанија L'Isola Blu Piscine.

ТИРЗ: Нова потенцијана инвестиција на италијанска компанија во ТИРЗ Штип

Во рамки на средбата се разговааше за поволностите кои ги нуди Дирекцијата за ТИРЗ за странските инвеститори, при што беа разгледани условите за нова потенцијална инвестиција во ТИРЗ Штип од страна на компанијата специјализирана за дизајн, производство и инсталација на базени L'Isola Blu Piscine.

Директорот Димовски, како што информираат од ТИРЗ, ги потенцирал бројните поволности кои ги нудат зоните, како и стратешката локација на ТИРЗ Штип, квалификуваната работна сила и поддршката што се обезбедува од страна на Дирекцијата во соработка со Владата за сите инвестиции со висока додадена вредност.

Претставниците на италијанската амбасада и регионалниот совет на Пиемонт ја поздравиле можноста за соработка и истакнале дека Македонија станува се попривлечна дестинација за италијанските компании.

Фабио Каросo, сопственик на италијанската компанија L'Isola Blu Piscine, од своја страна изразил особено задоволство за средбата со очекување за успешна реализација на потенцијатната инвестиција во ТИРЗ Штип. Тој истакна дека клучен фактор за одлуката за потенцијална инвестиција е поволната бизнис-клима и поддршка за странските инвеститори што ја нуди Македонија, претставувајќи атрактивна дестинација за инвестирање.

Најмалку 20 загинати и 300 повредени во земјотресот во Мјанмар, а 3 лица се загинати во Тајланд

 Најмалку 20 лица загинаа во Мјанмар и три во Тајланд во земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала што денеска го погоди централниот дел на Мјанмар и беше почувствуван низ Југоисточна Азија, пишува „Њујорк Тајмс“.

Најмалку 20 загинати и 300 повредени во земјотресот во Мјанмар, а 3 лица се загинати во Тајланд

Според д-р Кјав Зин од општата болница во градот Мандалеј, во тој град загинале најмалку 20 луѓе, а 300 се повредени.

„Се повеќе и повеќе повредени пристигнуваат, но немаме доволно лекари и медицински сестри“, рече тој.

Земјотресот предизвика уривање на мостови и неколку згради низ Мјанмар, вклучително и во Нејпидо, главниот град на земјата, објави весникот „Global new light od Myanmar“.

Црвениот крст соопшти дека во земјотресот се оштетени и урнати зградите и јавната инфраструктура и изрази загриженост за состојбата на браните.

Најмалку три лица загинаа во земјотресот во Бангкок, а 90 лица останале заробени под урнатините

Најмалку тројца работници го загубија животот кога 30-катна кула во изградба се урна во Бангкок по денешниот силен земјотрес, изјави тајландскиот вицепремиер Фумтам Вечајачаи.

Тој рече дека 90 лица останале заробени под урнатините. Уривањето на кулата следело по силниот земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала. Извлечени седум лица, додека потрагата ја отежнуваат урнатините.

Земјотресот, чиј епицентар беше во близина на Мандалеј во Мјанмар, предизвика значителна штета и во тој град и во други региони на Мјанмар. Неколку минути подоцна следел уште еден силен потрес од 6,4 степени според Рихтер, објави Американскиот геолошки институт.

Властите прогласија вонредна состојба во неколку региони, вклучително и главниот град Нејпидо и Мандалеј.

Кулата која се урнала за неколку секунди била наменета за владини канцеларии.

Медиумите објавија дека земјотресот бил почувствуван и во Бангладеш, Индија, Тајланд, Лаос и Кина.

Влада: Нема официјално барање од СДСМ за лидерска средба, отворени сме за секаков предлог

Нема официјално барање од СДСМ за лидерска средба, отворени сме за секаков предлог и иницијатива за помош.

Влада: Нема официјално барање од СДСМ за лидерска средба, отворени сме за секаков предлог

По најавата на лидерот од опозициската СДСМ Венко Филипче дека следната недела во Собранието ќе иницира лидерска средба по пожарот во Кочани, денеска од Влада велат дека кај нив нема стасано официјално барање, ниту пак иницицијатива од СДСМ, но дека Владата и премиерот се отворени за секаков предлог и иницијатива која има за цел да помогне.

- Не е пристигнато официјално барање до Владата, ниту пак има иницијатива од СДСМ. Забележани се само најави од медиуми. Вакви сериозни ситуации налагаат сериозен пристап. Владата и премиерот се отворени за секаков предлог и иницијатива која има за цел да помогне, велат од Владата за МИА.

Претседателот на СДСМ Венко Филипче кој синоќа гостуваше на Донаторската вечер за помош на семејствата на настраданите и повредените во пожарот во Кочани организирана од ТВ Канал 5, најави дека идната недела во Собранието ќе ги повика на средба лидерите на најголемите политички партии на кои ќе им го презентира неговиот план - што тој смета дека е обврска да се направи за државата бидејќи, рече, „очигледно е дека конвенционалните начини на водење на политика, на политичка борба, не даваат доволно брзо резултати“.

-Не се доволни само зборовите дека ни е потребно единство, дека ни е потребно некакво обединување. Тоа треба да го претвориме во вистински дела и вистински чекори зашто тоа е нешто што најмалку може да го направиме за 60-те семејства, 59 кои останаа без деца, другите што кои имаат стотина деца на лекување и, секако, целото општество кое гледаме сега како бара некакви промени. Младите излегуваат на улица и бараат промена, а младите се категорија граѓани кои не ги интересира ниту минатото, ниту сегашноста, туку ги интересира иднината. И ние треба добро да размислиме како политичари што треба да направиме, рече Филипче.

притисни ентер