Избувна пожар во шведска рафинерија за нафта, има повредени

Пожарот што денеска избувна во нафтената рафинерија Нинас во шведската општина Нинашамн е изгаснат, а има полесно повредени, соопшти полицијата.

„Пожарот избувна утрото, а спасувачките служби брзо пристигнаа на местото и пожарот сега е изгаснат. Погодената област веднаш е евакуирана“, соопшти портпаролот на компанијата Нинас.

Портпаролката на локалната противпожарна и спасувачка служба претходно изјави дека тие се на лице место и дека гори сурова нафта, но дека зградите не горат и дека нема опасност од ширење на пламенот. Неколку лица се здобиле со полесни повреди, соопшти полицијата која го опколила теренот.

Фотографиите објавени од дневниот весник Aftonbladet и јавното радио SR покажуваат густ црн чад што се издига над рафинеријата, која се наоѓа на околу 50 километри јужно од главниот град на Шведска, Стокхолм.

На американскиот Самит за демократија ќе учествуваат 120 лидери

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден испрати покани до 120 светски лидери за вториот Самит на демократијата, што е закажан за следната недела.

Неименуван претставник на американската администрација изјави дека поканети се и претставници од осум земји кои не беа на првиот Самит на Белата куќа во 2021 година. Босна и Херцеговина, Гамбија, Хондурас, Брегот на Слоновата Коска, Лихтенштајн, Мавританија, Мозамбик и Танзанија добија покани за овогодишниот Самит откако беа изоставени од листата на покани за Самитот во 2021 година.

Пред Самитот, на 28 март предвидено е украинскиот претседател Володимир Зеленски да учествува на настан посветен на неговата земја, заедно со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Самитот на демократијата годинава ќе се одржи на 29 и 30 март, а коорганизатори ќе бидат владите на Костарика, Холандија, Јужна Кореја и Замбија.

Првиот ден од Самитот ќе биде во виртуелен формат.

Според претставниците на Белата куќа, претседателот Џо Бајден ќе се обиде да нагласи дека настаните од минатата година покажаа со полна сила дека демократската влада, заснована на владеењето на правото и волјата на граѓаните, и покрај нејзините чести нарушувања останува најдобар систем за промовирање на просперитет и мир.

Бајден првично ја изнесе идејата за Самит за демократија за време на неговата кампања во 2020 година.

Детска балетска претстава Петар Пан

 Во Националната опера и балет на 31 март премиерно ќе биде изведена детската балетска претстава Петар Пан во режија и кореографија на Ирена Лозинска.

Детали за претставата ќе бидат соопштени денеска на прес-конференција.

Сценариото и сонговите за претставата ги напиша Ристо Самарџиев, визуелната магија е доловена преку костимите на Елена Вангеловска и сценографијата на Љупчо Јованов. Музиката е на Владимир Дојчиновски –Дојчин, а продукцијата на М-Соунд.

Во овој музичко балетски спектакл учествуваат и 56 деца од балетско студио „Арт балет“, заедно со Веселин Трајковски и Ницолас Алехандре Хоурсеау, гостите при балетскиот ансамбл.

Детската балетска претстава за Петар Пан, момче што не сакаше да порасне, ќе биде изведена од 17:30 и 20 часот на 31 март, а билетите можат да се набават на mktickets.mk, Југотон и Литература.мк.

Нов Зеланд почнува кампања за утеха на млади со скршено срце

Владината кампања „Love Better“ нуди совети и поддршка кога љубовта ќе заврши, а ќе биде прикажана во подкаст и на платформи како што е Инстаграм.

- Нов Зеланд почна кампања за да им помогне на младите во земјата да ги надминат болните раскинувања, охрабрувајќи ги оние со скршено срце да се помират со тоа и да ги блокираат своите поранешни партнери/партнерки на социјалните мрежи.

Владината кампања „Love Better“ нуди совети и поддршка кога љубовта ќе заврши, а ќе биде прикажана во подкаст и на платформи како што е Инстаграм.

„Раскинувањата болат... но, морате засекогаш да ја свртите страницата. Преземете одговорност за вашите чувства“, вели смирувачки глас во видеото од кампањата.

Еден неименуван млад човек рече дека ја блокирал поранешната девојка на социјалните мрежи бидејќи не можел да спие ноќе и дека се станува чудно и надвор од контрола.

Властите на Нов Зеланд најавија дека ќе одвојат 6,4 милиони новозеландски долари (3,7 милиони евра) за тригодишната кампања.

„Знаеме дека раскинувањето на љубовните врски е болно. Сакаме да ги поддржиме нашите млади луѓе и да им дадеме до знаење дека има излез", изјави неименуван претставник на властите.

Кампањата им овозможува на младите да ги споделат своите приказни и на тој начин да им помогнат на своите врсници кои можеби поминуваат низ слични искуства.

Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) објави дека Нов Зеланд има една од највисоките стапки на самоубиства меѓу развиените земји.

притисни ентер