Многумина овој изборен циклус го сметаат за историски, токму поради ветувањата кои во изминатиот период ги дадоа двајцата најсериозни кандидати. По повеќе од 20 години власт и огромни овластувања, Реџеп Таип Ердоган бара поддршка за економски силна Турција, со став дека западот сака да го сруши од власт. На плеќи му тежат високата инфлација и обвинувањата дека не успеал правовремено да одговори на катастрофалниот земјотрес. Наспроти него Кемал Киличдароглу со обединетата опозиција има план за прозападна и подемократска НАТО земја членка, промена на актуелниот претседателски систем на управување и испраќање на бегалците од Сирија во рок од две години.
Околу 64 милиони жители имаат право на глас на изборите, а според очекувањата, главниот збор за победникот ќе го дадат Курдите, кои се една петина од гласачите, но и младите коишто за првпат ќе излезат на гласање, а нивната бројка е над пет милиони..
-Комплицирано е да си млад човек во Турција. На пример, ако споредите што прават луѓето на наша возраст во Европа, насмеани се и весели, а ние тука зборуваме за политички стратегии. Се разбира дека ќе гласам. Не треба да се споделува со сите за кого ќе гласаме, не сакам отворено да кажам, но веројатно може да погодите за кого. - Емрах Ардич – студент
-Ова се мои први избори и со нетрпение ги очекувам. Се разбира дека ќе гласам. Ќе гласам за Реџеп Таип Ердоган. Како млада Турчинка, државата и нацијата ми се важни. Не сакам да гласам за опозицијата бидејќи тие си подаваат рака со државните непријатели и тоа е неприфатливо за мене.- Зејнеп Суде Чанакчиоглу – студентка
Во пресрет на изборниот ден Ердоган изјави дека ќе го прифати крајниот резултат и доколку загуби ќе има мирно предавање на власта.. Аналитичарите оценуваат дека во првиот круг ќе биде тешко да се прогласи победник, бидејќи за избран се смета тој што ќе добие повеќе од 50 проценти од гласовите..
-Ова ќе биде тешка битка за Ердоган, кој во измнатите 20 години управуваше со политичкиот пејсаж и победи на сите избори. Сега изледа поинаку за прв пат. Ердоган не води на анкетите, а лидерот на опозицијата Киличдароглу има мала предност. - Синан Улген - политиколог од Анкара
Освен Ердоган и Киличдароглу, во трката за претседател е и Синан Оган кој ќе има само епизодна улога. Анкетите за него предвидуваат само три проценти од гласовите.