ИВЗ се заканува: Ако не добиеме помош од Владата, ќе го повлече повикот за почитување на владините мерки

Од ИВЗ негираат, велат дека не се работи за закана и обвинуваат дека изјавата на реисот Реџепи е извадена од контекст.

Реисот Сулејман Реџепи со предупредување до Владата – бара финансиска помош за вработените во Исламската верска заедница преку субвенции од минимална плата, во спротивно постои опција да се повлече забраната за посета на џамиите и земјава, како што вели, да стане Бангладеш. Во телевизиско интервју рече дека барањето е пуштено до ресорното министерство, но досега одговор нема.

-Јас го побарав нашиот дел, Владата да биде внимателна што прави, имаме повратен одговор во кој се вели дека барањето е прифатено и дека е испратено на разгледување во секторот за финансии на Министерство за економија. Ќе ги потсетам малку поинаку, со писмо, затоа што не дај Боже ние да ги суспендираме одлуките, нема сила што ќе може да се бори против епидемијата, ви гарантирам, тогаш тука ќе стане Бангладеш, вели Сулејман Реџепи – поглавар на ИВЗ .

Од ИВЗ негираат, велат дека не се работи за закана и обвинуваат дека изјавата на реисот Реџепи е извадена од контекст.

На иста линија е и вицепремиерот и член на кризниот штаб во Владата, Бујар Османи. Тој за Канал 5 вели дека барањето на верските заедници за државна помош е легитимно, бидејќи единствениот приход на вработените им е од верниците кои ги посетуваат и одржуваат церемонии во црквите и џамиите особено во пресрет на најголемите празници. Османи очекува барањето на Исламската верска заедница да биде ставено на некоја од следните владини седници.

-Јас сум во комуникација со поглаварот и во ниту еден момент не сум почувствувал дека е закана, туку повеќе како помош од страна на Владата бидејќи основниот извор на финансии е прекинат и дека сме обврзани барем со минимална плата за вработените кои во овој период останаа без никакви приходи,изјави Бујар Османи – вицепремиер.

Сметам дека барањето е легитимно, но прашање е дали Владата ќе може тоа да го направи, не само на ИВЗ туку на било која верска заедница.

Македонската православна црква пак засега нема побарано помош од Владата. Оттаму информираат дека и тие се финансиски оштетени, но дека и понатаму ќе ги почитуваат владините забрани за собирање во храмовите, се додека не се смири состојбата со корона вирусот.

Во меѓувреме, Религиите за мир и УНИЦЕФ започнуваат глобална мултирелигиска иницијатива против Ковид 19 насловена Верата во акција. Ги повикуваат сите заедници од светот да ги адаптираат верските собири согласно препораките на Светската здравствена организација.

Собранието ја донесе декларацијата за одбележување на четвртата годишнина од НАТО

Собранието на денешната последна пленарна седница на овој парламентарен состав ја усвои декларацијата за одбележување на четвртата годишнина од НАТО и 75 години од основањето на алијансата.

До 4 април кога почнува изборната кампања спикерот Јован Митрески вели дека има простор за уште една седница, за евентуално итни прашања. На денешниот брифинг Митрески потврди дека додека трае изборната кампања нема да има седници и сите други активности на Собранието ќе бидат сведени на неопходниот минимум со цел да се избегне можноста за злоупотреба на собраниската говорница.

Ова се редовни парламентарни избори и согласно Уставот, Собранието не е распуштено и останува во постојано заседание, потсети спикерот.

До 12 мај тој треба да ја свика седницата за инаугурацијата на новиот претседател а најдоцна до 28 мај треба да биде свикана конститутивната седница на идниот парламентарн состав. Инаку, денеска декларацијата за НАТО беше изгласана со 87 гласа „за“ и два „против“

Починал ученик во основно училиште во Белград, откако по физички контакт ја повредил главата

На 18 март во училиште во Белград се случила несреќа, по што еден од учениците го загубил животот, дознава Телеграф.рс.

Како што изјави директорот на училиштето за Телеграф, немало тепачка, но поради сплет на несреќни околности поради физички контакт, еден од учениците паднал, се здобил со сериозни повреди на главата и починал.

- Сакаме да нагласиме дека немало тепачка или конфликт меѓу двајца ученици, туку дека поради несреќен сплет на околности поради физички контакт, еден од учениците паднал, се здобил со сериозни повреди на главата и за жал подоцна починал. Училиштето веднаш реагирало, му пружило прва помош на ученикот и повикало брза помош, која брзо пристигнала и го пренела ученикот во Ургентниот центар. За време на инцидентот учениците биле под надзор на наставник и две медицински сестри вработени во училиштето. За жал, и покрај напорите на лекарот, ученикот починал на 22.03.2024 година. - изјавила таа за Телеграф.

Таа додаде дека за да се надмине оваа кризна состојба, училиштето има подготвено план за поддршка на учениците, вработените и родителите согласно процедурите за справување со кризна состојба.

- Училиштето е во постојан контакт со родителите на учениците и со надлежните институции - Министерството за образование и полицијата, која врши активности во нејзина надлежност - додаде таа.

Истрагата ќе ја покаже вистинската причина за смртта.

Како што неофицијално дознаваме, побарана е обдукција на телото.

Екипата на Телеграф денеска излегла на местото на настанот, но по 15 часот директорот и другите вработени од управата не биле во училиштето. Она што неофицијално можевме да го слушнеме е дека сите се многу потресени од овој настан, објави Телеграф.

Бугарија оди на шести избори за три години

Бугарија и дефинитивно оди на предвремени парламентарни избори откако и официјално пропаднаа сите обиди за формирање на влада по расколот во коалицијата меѓу ГЕРБ и Продолжуваме со промената.

Бугарскиот претседател Румен Радев најави дека во наредните неколку дена активно ќе разговара со сите потенцијални кандидати кои ќе треба да состават техничката влада за организирање на избори. Единствено нешто што засега е нејасно е само дали изборите ќе се одржат во ист ден со европските на почетокот на јуни или пак, бугарите ќе одат на гласање два пати за кус временски период.

-Започнувам средби со сите потенцијални премиери. Денеска или утре ако треба и за викендот. Го одложив и мојот напорен меѓународен распоред за следните 10 дена, кој вклучуваше и посета на странски претседател и моите официјални посети во странство. Како што изјавив и вчера, ќе направам се што е можно тој процес за формирање на техничка влада да биде забрзан,- - Румен Радев – Претседател на Бугарија.

Лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов пак, го повика претседателот да не именува технички премиери од редовите на неговата партија, бидејќи не сака да се даде впечаток дека тие владејат со земјата во периодот пред изборите. Неговиот ривал пак, Кирил Петков пак, побара фокусот да биде ставен на организирање европските и парламентарните избори во ист ден.

-Единственото нешто на кое опстојувам, а никако нема да го дозволам е тоа да е Росен Желјазков (за технички премиер). И навистина се надевам дека претседателот нема да го именува ниту Димитар Главчев, бидејќи тие на некој начин би биле поврзани со ГЕРБ. Бидејќи целата кампања ќе помине како ние да управуваме. Ние управувме откако ќе добиеме избори,- - Бојко Борисов – Претседател на ГЕРБ.

-Враќањето денеска на (мандатот) дава можност за 2 во 1 избори и да се заштедат 100 милиони за бугарските даночни обврзници. Барем тоа да го направиме. Така што, во моментот претседателската институција, во разговорите со потенцијалните идни технички премиери да не ја испуштиме датата да може да се случат 2 во 1 (избори),- - Кирил Петков – Продолжуваме со промената.

Бугарија изминатите неколку години беше управувана од серија на технички влади поради не можноста на политичките партии да формираат стабилно мнозинство во парламентот. На тоа барем навидум се стави крај по формирањето на коалицијата меѓу ГЕРБ и Продолжуваме со промената чија договорена ротација на премиерската функција на девет месеци и составот на владата се претвори во фијаско.

притисни ентер