Иванов во Драч имаше билатерални средби со Вујановиќ, Нишани и Јахјага

Инфраструктурното поврзување, односно реализацијата на иницијативата за проектот Јадранско-јонска магистрала и поврзување со Коридорите 8 и 10, беа централни теми на билатералните средби на претседателот Ѓорге Иванов со неговите голеги од Црна Гора, Албанија и Косово, Филип Вујановиќ, Бујар Нишани и Артифете Јахјага, на маргините на претседателскиот Самит во Драч.

Претседателите се согласија дека овој проект кој ќе ги поврзе пазарите и ќе ја зголеми економската компатибилност и конкурентност на сите инволвирани земји, треба да биде највисоко во агендата на регионалната соработката, јави известувачот на МИА.

На средбите е договорено интензивирање на контактите со цел преку заеднички настап да се обезбеди поддршка од ЕУ за реализација на проектот.

Соговорници разменија и информации за актуелните внатрешни економски и политички состојби во земјите и регионот, како и за состојбите во поглед на евроатлантските интеграции. Претседателите изразија заемна поддршка за интегративните процеси во ЕУ и НАТО, како и позитивни очекувања од претстојниот Европски совет во декември и следниот Самит на НАТО во 2014 година.

Претседателите Иванов и Вујановиќ на средбата констатираа дека нема отворени прашања меѓу Република Македонија и Црна Гора, дека двете земји се фокусирани на идентични надворешно-политички приоритети и цели, членството во НАТО и ЕУ и интензивна регионална соработка. Приоритет во наредниот период, според двајцата претседатели, треба да биде развојот на економската соработка.

На средбата со претседателката на Косово, Иванов нагласи дека Република Македонија опстојува на определбата за градење на добрососедски односи, сестрана соработка и се залага низ отворен дијалог, институционално да се надминуваат сите предизвици. Во таа смисла беше изразено задоволство од надминувањето на неодамнешниот проблем во трговската размена и беше изразена надеж дека во иднина нема да се повторат проблеми кои ја ограничуваат економската соработка меѓу двете земји.

Претседателот Иванов нагласи дека Република Македонија целосно ги поддржува евроатлантските аспирации на Република Косово и ги поздрави постигнатите резултати во разговорите меѓу Република Србија и Република Косово, што претставува силен импулс за затворање на отворените прашања во регионот.

Претседателката Јахјага изрази задоволство од учеството на 5-от Регионален самит кој ја зголемува вредноста на билатералните, но и на регионалните односи и искажа благодарност до претседателот Иванов за улогата во овие самити ција примарна цел беше вклучување на Косово во регионалните иницијативи.

Иванов и Нишани на средбата изразија надеж дека континуираниот и плоден политички дијалог ќе придонесе за зголемување на економската соработка и трговската размена.

Нишани искажа благодарност за личниот придонес на претседателот Иванов во достигнатото ниво на пријателски односи меѓу двете земји, кои можат да послужат како пример во регионот, како и за ангажманот и улогата на македонскиот претседател на овие самити кои прераснуваат во корисна и значајна традиција, и од кои се очекува да создадат амбиент за реализација на заеднички проекти од корист за сите држави. Двајцата соговорници констатираа дека евроинтеграцијата на државите од Западен Балкан е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој, а во таа насока потребно е Европската унија да наоѓа решенија и да го одржува кредибилитетот на проширувањето како нивна најуспешна политика. /Извор: МИА/

САД ќе ја повлечат својата војска од Нигер

Повеќе од 1.000 американски војници ќе го напуштат Нигер во наредните месеци, објави Њујорк Тајмс.

Американски извори потврдиле дека веќе е постигнат договор за тоа меѓу заменик државниот секретар на САД Курт Кемпбел и раководството на Нигер, пренесува БТА.

Американската војска во Нигер е стационирана во две бази, вклучувајќи ја и базата за беспилотни летала позната како авиоабаза 201, изградена во близина на Агадез во централниот дел на Нигер.

Од 2018 година, базата се користи против милитантите од Исламската држава и Џамаат Нусрат ал-Ислам вал Муслимин, исламистичка организација поврзана со Ал Каеда, во регионот Сахел.

Армијата на Нигер ја презеде власта со државен удар минатата година. Пред пучот, Нигер беше клучен безбедносен партнер на САД и Франција. Но, новите власти во Нигер им се придружија на хунтите во соседните Мали и Буркина Фасо и ги прекинаа воените договори со своите некогашни западни сојузници како Вашингтон и Париз, напуштајќи го регионалниот политички и економски блок ECOWAS. Тие, исто така, започнаа поблиски врски со Русија.

Во наредните денови треба да се разговара за тоа како ќе се одвива повлекување на американските војници војници од Нигер. /МИА

Верстапен најбрз на спринтот за Големата награда на Кина

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, победи во спринтот за Големата награда на Кина.

Второто место го зазеде Луис Хамилтон од Мерцедес со заостанување од 13.043 секунди.

Вториот возач на Ред Бул, Серхио Перез беше трет со 15.258, секунди послабо време од победникот.

Ова е осма победа на Верстапен во кариерата во спринт.

Главната трка од Формула 1 шампионатот за Големата награда на Кина ќе се вози утре со почеток во 9 часот по македонско време. /МИА

Северна Кореја тестирала тестирала „супер голема“ боева глава и противвоздушна ракета

Северна Кореја денеска соопшти дека тестирала „супер голема“ боева глава за крстосувачка ракета и нов противвоздушен проектил, пренесува ДПА.

Тестот на „супер-големата“ боева глава дизајнирана за стратешката крстосувачка ракета Хвасал-1 Ра-3 и пробното лансирање на противвоздушната ракета Пјољџи-1-2 се извршени во петокот, објавија државните медиуми.

- Преку пробното лансирање беше постигната зацртаната цел, објави агенцијата КЦНА.

Се наведува дека тестовите биле дел од редовните воени активности на Северна Кореја и дека немаат „никаква врска со ситуацијата во регионот“.

Резолуциите на ОН и забрануваат на Северна Кореја да тестира балистички ракети од кој било дострел, од кои некои се способни да носат нуклеарни боеви глави.

Како одговор на севернокорејската програма за нуклеарно оружје, Соединетите Држави и Јужна Кореја ја зајакнаа воената соработка, вклучително и одржување заеднички маневри. /МИА

притисни ентер