Во Брисел, пред самитот на лидерите на ЕУ и Западен Балкан, Мартин рече дека Европската унија „не сака, во ниедна форма, да посредува во гладот“.
„И сега реално се плашиме од тоа поради проблемите со извозот на жито од Украина. Путин ја користи храната, енергијата и миграцијата како оружје, што јас го сметам за целосно неморално и погрешно“, рече Мартин, цитиран од „Гардијан“.
Ирскиот премиер го коментирал и статусот на кандидатурата на Украина во ЕУ.
„Ние во Ирска знаеме што значи Европската унија, да се биде земја-членка на Европската унија. Сега е 50-годишнината од одлуката на Ирска да се приклучи на Европската унија; веројатно најголемата одлука и настан што се случил во модерната историја на Ирска. - изјави Мартин.
„Значи, не можам да разберам како можеме да одбиеме да ни се придружат други земји, бидејќи знаеме колку само членството може да биде трансформативно. Тоа може да поттикне реформи, може да го поттикне економскиот развој, особено ако се има предвид дека Украина сега минува низ страшна и нехумана војна“, додаде тој.