„Двесте луѓе ги загубија животите во неодамнешните нереди“, соопштија од Советот за државна безбедност на МВР, а пренесе агенцијата Мизан.
Командантот на Револуционерната гарда неодамна процени дека загинале над 300 луѓе.
Според активистите за човекови права, од почетокот на протестите биле убиени приближно 470 демонстранти.
Активистите во Иран повикуваат на нови демонстрации низ земјата од понеделник до среда, според повеќе пораки објавени на интернет.
Поканети се да учествуваат широки слоеви на општеството, пренесува германската агенција DPA.
Во изминатите неколку недели, демонстрантите истураа нафта по патиштата и поставија барикади, што го отежна движењето на безбедносните сили.
Бидејќи мирните протести се строго ограничени во Иран, демонстрантите се потпираат на организирање спонтани собири за да го изразат своето незадоволство од Исламската Република. Интернет блокадите исто така ја отежнуваат организацијата.
Протестите против режимот беа предизвикани од смртта кон средината на септември на иранската Курдка, Махса Амини, која почина во полициски притвор откако беше уапсена од полицијата за кршење на строгите исламски кодекси за облекување на жените.