Иран продолжува со ублажување на мерките , отворени се верските објекти

Иран денеска започна со отворање компании, религиозни и културни институции, истовремено олеснувајќи ги рестриктивните мерки воведени за запирање на пандемијата на коронавирус.

Музеите и историските места се отвораат утре, кога се слави Еид ал-Фитр, завршувајќи го муслиманскиот свет месец на пост, Рамазан, објави иранскиот претседател Хасан Рохани на државната телевизија.

Светилиштата - од кои некои станале жаришта на епидемијата на коронавирус во Иран - ќе бидат отворени во понеделник. Рохани минатата недела рече дека храмовите ќе се отворат во три наутро и три попладне. Некои делови од светилиштата, како што се тесните ходници, ќе останат затворени поради безбедност од пренесување на инфекцијата.

Како дел од натамошно олеснување на рестриктивните мерки, сите работници во земјата ќе се вратат на работа од следната сабота, објави иранскиот претседател.

„Можеме да кажеме дека поминавме три фази во однос на коронавирусот“, рече Рохани.

Иранскиот претседател минатата недела објави дека рестораните ќе се отворат повторно по Рамазан и дека спортските активности ќе продолжат, но без гледачи. Универзитетите, но не и медицинските училишта, повторно ќе се отворат на 6 јуни.

Иранскиот претседател, исто така, рече дека 88 проценти од жртвите на ковид-19 во Иран страдале од други болести. Според иранското Министерство за здравство, повеќе од 7.000 луѓе починале досега во земјата, а повеќе од 130.000 се заразени.

притисни ентер