Идниот собраниски состав поскоро да се наврати на Законот за заштита од дискриминација

Ние никогаш законот за заштита од дискиминација не го гледаме само како барање од Европската унија. 

Идниот собраниски состав што е можно поскоро да се наврати на Законот за заштита од дискриминација кој беше укинат од страна на Уставниот суд, порачувааат од Институтот за европска политика, кој заедно со Хелсиншкиот комитет за човекови права и Министерството за надворешни работи денеска го презентираа извештајот на Европската агенција за фундаментални права во кој првпат е опфатена и земјава.

Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика, вели дека законот за заштита од дискиминација е закон којшто ни е потребен нам како држава.

– Ние никогаш законот за заштита од дискиминација не го гледаме само како барање од Европската унија. Од друга страна, тој е критериум на директивите на ЕУ. Значи, тој не е некое меко право, не е аспект на усогласување на одредени одредби со пракси, туку е потреба за да можете да исполните критеримумите во поглавјето 19, социјална политика и во поглавјето 23, појаснува Кацарска.

Според неа, државата стои доста добро со земјите-членки на Унијата во однос на усогласеноста со европското законодавство, но она на што ќе треба да се поработи и што останува како предизвик во следниот период е градењето на судската пракса и имплементацијата на неколку закони како што се законот за социјална заштита, инклузивните аспекти на Законот за основно образование и новите одредби за регулирање на говорот на омраза.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров изразува жалење што еден толку важен закон сега не е во сила, но вели политичката заложба ќе биде веднаш по конституирање на Собранието, овој закон повторно да биде донесен.

– Холандија уште пред донесувањето на Законот за антидискриминација се интересираше за ова прашање и на еден од брифинзите пред неколку недели разговарав со холандскиот амбасадор, кој пак го упати прашањето. Нашиот одговор беше следен – изразивме жалење што еден толку важен закон сега не е во сила. Не можеме како МНР и како Влада баш експлицитно да ги толкуваме одлуките на Уставниот суд. Укажавме дека има правна заштита преку директна примена на Европската конвенција за човекови права и на Инстанбулската конвенција, меѓутоа кажавме дека политичка заложба веднаш по конституирање на Собранието, ќе биде овој закон повторно да биде донесен, изјави Димитров.

Народниот правобранител како институција предлага комисијата која треба да биде формирана со овој закон да биде избрана на ист принцип како Комисијата за спречување на корупцијата.

– За законот којшто Уставниот суд го укина поради начинот на кој бил донесен, ние како институција се уште имаме забелешки и сметаме дека тој во однос на комисијата за заштита од дискриминација е многу слаб. Ставот на Народниот правобранител е дека оваа комисија треба да биде избрана на потранспарентен начин и од лица кои не се инволвирани во разни политички структури затоа што „рак рана" во нашето општество е комисиите да ги формираме со кадри кои лесно потпаѓаат под влијание на разни политички структури, изјави народниот правобранител Иџет Мемети.

Извештајот на Европската агенција за фундаментални права беше објавен на 11 јуни годинава и покрај земјите членки на Унијата и Велика Британија, ги опфаќа и нашата држава и соседна Србија.

Каселакис: Посакувам да бидам достоен на наследството што ми го остави Ципрас

Посакувам да бидам достоен за наследството што ми го предаде Ципрас. Одиме напред,  рече новиот лидер на СИРИЗА Стефанос Каселакис по средба со неговиот претходник и поранешен премиер Алексис Ципрас,јави дописничката на МИА од Атина.

По вчерашниот втор круг на изборите за лидер на СИРИЗА и победата на Каселакис , стариот и новиот претседател на партијата се сретнаа денеска во канцеларијата на Ципрас во грчкиот Парламент.

Ципрас го посоветува неговиот наследник да ужива во првите денови, бидејќи како што рече, за оние кои влегуваат во политиката „радостите не се изобилни, а тешкотиите континуирани“.

-Треба да дадеме надеж и перспектива со единство, истакна Ципрас на почетокот од средбата. /МИА

Трајковски: Петдневно затворање на маркетите е доволно за компаниите

Според директорот на ДПИ, Горан Трајковски доволни се пет дена затворање на маркетите кои не ги почитуваа мерките за намалување на цените на предвидените прехрамбени производи. 

Затворањето на маркетите кои нема да ја почитуваат одлуката на Владата инаку е предвидено од 3 до 30 денови. По 50 инспекциски контроли извшени во саботата, според Законот за нефер трговски практики беа затворени 5 објекти на ланци на големи супермаркети , а парично казнети 7.

Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека и натаму ќе продолжи инспекциската контрола во маркетите, но покрај тоа , најавени се и засилени контроли во трговијата на големо и кај производителите, за да се увиди дали ја почитуваат одлуката на Владата тие да испорачуваат 70% од количината на прозиводите што ја снабдувале во август.

Бектеши најави дека утре се очекува да се донесе одлуката за намалување на цените безалкохолните и алкохолните пијалоци,а во тек е и анализата за тоа дали има простор за намалување на цените на хигиенските производи, која се очекува да биде завршена во текот на оваа недела.

Дечанскиот манастир предупредува на дезинформации: Во манастирот Бањска не е пронајдено оружје

„Во самиот манастир Бањска и неговите простории не е пронајдено оружје. Црквата нема никаква врска со овој трагичен настан, а монасите и верниците се фатени во вкрстен оган“

Стои во соопштението на Дечанскиот манастир во врска со вчерашната вооружена пресметка во манастирот Бањска, јави дописникот на МИА од Белград.

„Вчера и денеска имаше низа дезинформации и лажни вести кои се проширија за трагичните настани вчера на Косово и Метохија. Меѓународните претставници потврдија дека косовската полиција по претресот вчера попладне открила оружје само во напуштените возила на непознати вооружени лица во близина на манастирот. Како што се наведува во вчерашното соопштение на Епархијата, вооружени лица со маски ја пробиле заклучената порта на манастирот и размениле оган со полицијата“, се наведува во соопштението од Дечанскиот манастир, предмалку објавено на Фејсбук.

„Според меѓународни извори во Косово, при претресот во манастирот и неговите објекти, не е најдено оружје. Црквата немаше никаква врска со овие трагични настани, а монасите и верниците се најдоа само во вкрстен оган. Фала му на Бога што никој во манастирот не беше повреден. Верниците од Нови Сад се очекува денеска да се вратат дома“, се наведува во соопштенеито.

Во него се додава дека злонамерните напади и ширењето лажни информации на некои социјални мрежи на Косово, кои се насочени кон СПЦ, нашите монаси и поклоници во манастирот Бањска, кои претрпеа голем стрес и поминаа низ тешка ситуација, не придонесуваат за мир, туку само ги зголемуваат меѓуетничките тензии во Косово.

СПЦ на Косово беше меѓу првите што вчера го осуди насилството на северот на Косово, повика на мир и изрази сочувство за сите што ги загубија животите.

-Нашите монаси и верници во манастирот Бањска, каде вооружена група влезе насилно бегајќи од полицијата и даваше отпор, беа изложени на директна опасност за нивната безбедност и заслужуваат солидарност и почит, наведуваат од Дечанскиот манастир, во кое се потенцира дека СПЦ останува цврсто ангажирана во решавањето на сите проблеми на Косово по мирен пат и преку дијалог.

притисни ентер