Иџет Мемети со условна казна се спогоди со обвинителството за случајот во кој со врховниот судија Наке Георгиев беа осомничени дека за 10 илјади евра ќе издејствуваат олеснета постапка за поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев кој е осуден за трговија со марихуана. На Мемети кој е осомничен за примање награда за противзаконито влијание му се закануваше затвор од 1 до 5 години. Со иницијативата за спогодба доставил и неотповиклива оставка од член на Советото на ЈО, како и забрана за вршење професија или должност во следните 3 години.
-Осомничениот со самото потпишување на предлог – спогодбата ја призна вината. Според описот содржан во диспозитивот на предлог – спогодбата тој, по претходен договор со првоосомничениот го искористил своето реално влијание, службена положба и углед како заменик претседател и член на Советот на јавни обвинители и на неутврден датум, во текот на месец април и мај 2024 година, преку Н.Г. му пренел на сведокот дека наводно интервенирал да не се изврши службено дејствие што би морало да се изврши – поднесување на обвинителен акт во врска кривична постапка против таткото на сведокот осомничен за кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции – стои во соопштението на ЈО.
За кривичниот предмет што се водел во обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција против Боро Стојчев, татко на сведокот, Мемети бил претходно запознаен од страна на Наќе Георгиев... При неколкукратна меѓусебна комуникација преку интернет апликацијата Ватсап, врховниот судија во присуство на сведокот разговарал со Мемети, кој не знаел дека разговорите ги слушал и сведокот. Во еден од тие разговори, синот на Стојчев дознал дека наводно од страна на Мемети бил даден налог за спогодување со неговиот татко, а Георгиев притоа му кажал дека казната со спогодба ќе биде 5 години затвор, како минимална за тоа дело.
Сега, Обвинителството најавува дека во тек е постапка за спогодба и со првоосомничениот Наќе Георгиев, на кој му е запретена казна од 1 до 10 години.. Неофицијално, Канал 5 дознава дека на маса е договор за 3 години ефективен затвор..
Обвинителството вели дека ваквиот начин на затворање на случаите при признавање на вина се користи бидејќи правилата на постапката се поедноставени, не се изведуваат докази поврзани за фактичката состојба и постапката е едноставна, брза и ефикасна бидејќи судот треба само да ја изрече санкцијата.
Врховниот судија Наке Георгиев на 20 мај годинава беше фатен на дело како прима 10.000 евра во кеш, од страна на синот на Боро Стојчев. Иститот ден, Стојчев со спогодба со обвинителството добил 5 години и 3 месеци затвор, речиси исто колку што според информациите од ЈО, му ветиле Георгиев и Мемети.