И формално заврши учебната година, нема прослави за доделувањето на свидетелствата

Наместо цвеќе за учителката и поздрав со другарчињата, учениците учебната година ја завршија онлајн.

Не се радуваа на скратените часови од последниот ден, а лектирите кои треба да ги прочитаат за време на летниот распуст ќе ги добијат во електронска пошта.

Кризата со коронавирусот ги остави училишните врати затворени и ученичките клупи празни. За прв пат завршува учебната година во вонредна состојба.

Министерот за образование Адеми испрати порака до учениците во која вели дека добро се прилагодиле на промената на наставата и го поздрави нивниот интерес за е-наставата која ја следеле заедно со родителите, велејќи дека не е сеедно што вака завршила учебната година, но тоа мора да се прифати.

„Драги ученици, би посакал оваа учебна година, како и претходните да ја завршевте во училишните клупи, насмеани, заедно со вашите другари и другарки! Но, понекаш работите не одат како што сакаме ние“, вели министерот.

Сепак се пројави загриженост кај граѓаните поради доделувањата на свидетелствата, а посебно засегнати се полуматурантите, на кои од 16 јуни им започнуваат уписите во средните училишта. Од министерството за образование за Канал 5 велат дека на учениците до крајот на неделава ќе им бидат поделени свидетелствата, но додадоа дека нема да има прослави како и минатите години и дека учениците и родителите и сите присутни ќе мора да ги почитуваат мерките.

На ваквиот став се надоврза и Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев,

„Тоа е клучно прашање, тоа е обично еден убав свечен чин, каде што се собираат сите, најверојатно по мене, ќе оди поединечно и за жал оваа година нема да може да биде така групно“, вели Богоев.

Сега е период и на уписи во прво одделение, а Богоев вели дека засега тие течат одлично, а граѓаните ги почитуваат протоколите поради коронавирусот, не се групираат, носат маски и останата заштитна опрема.

Кралот на Маорите на Нов Зеланд сака на китовите да им даде основни човекови права

 Кралот на Маорите на Нов Зеланд денеска повика на китовите да им се дадат основни човекови права за да се заштитат ранливите видови.

Кралот Тухеитија Паки рече дека величествените морски цицачи треба да ги имаат основните човекови права како што е правото на здрава животна средина за да се овозможи обнова на нивната популација.

- Звукот на песната на нашите предци ослабна, а живеалиштето е загрозено. Затоа мора да дејствуваме сега, рече Тухеитија во редок јавен настап.

Во 2017 година, Нов Зеланд донесе закон со кој се дава правен субјективитет на планината Таранаки и реката Вангануи, кои се важни за Маорите, домородни луѓе кои сочинуваат околу 17 отсто од населението на Нов Зеланд, или околу 900.000.

Тухеитија смета дека давање ист статус на китовите би делувало како „наметка на заштита“.

Тој се обрати заедно со високиот поглавица на соседните острови Кук, Травело Ту Арики.

Тие се залагаат домородните знаења да се комбинираат со науката за да се обезбеди „похолистички пристап“ за зачувување на китовите.

- Китовите играат витална улога во здравјето на целиот наш океански екосистем, рече Травел Ту Арики. „Мораме итно да дејствуваме за да ги заштитиме овие прекрасни суштества пред да биде предоцна“, додаде тој.

Сините китови можат да пораснат до 30,5 метри и да тежат до 200 тони.

Но, големината не ги штити. Шест од 13-те големи видови китови се загрозени или ранливи, според WWF, светската организација за заштита на природата.

Откажани летовите од Виена до Скопје и обратно поради штрајк

Откажани летовите од Виена до Скопје и обратно поради штрајк на вработените во „Аустријан ерлајнс“.

Откажани се летовите од Виена до Скопје и обратно поради штрајк на вработените во авиокомпанијата „Аустријан ерлајнс“.

На официјалната веб страница на Меѓународниот аеродром Скопје не се ставени ниту полетувањата, ниту слетувањата со оваа авиокомпанија.

Поради штрајкот, којшто според најавите треба да трае денеска и утре, глобално откажани се околу 400 лета и засегнати се околу 50.000 патници.

Во текот на овие два дена оваа авиокомпанија требаше да реализира 24 лета од Виена до градовите во поранешна Југославија вклучувајќи летови до Белград, Сараево, Загреб, Приштина, Скопје, Подгорица, Дубровник и Сплит.

Царинските службеници во Грција ќе одржат 48-часовен штрајк следната седмица

Од Федерацијата на царински службеници на Грција соопштија дека цариниците од Независната управа за јавни приходи како и од Министерството за финансии ќе одржат 48-часовен штрајк.

Дводневен штрајк за 2 и 3 април закажаа грчките царинските службеници, што ќе влијае и на сообраќајот на граничните премини од Грција кон соседните земји, меѓу кои и Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Федерацијата на царински службеници на Грција соопштија дека цариниците од Независната управа за јавни приходи како и од Министерството за финансии ќе одржат 48-часовен штрајк, а од Синдикатот на вработени во јавниот сектор преку соопштение изразија поддршка за штрајкот.

Според информациите на дописничката на МИА од Атина, поради 48-часовниот штрајк на цариниците целосно ќе биде во прекин сообраќајот на граничните премини од и кон Грција за товарните возила и секаков вид пратки, додека пак во однос на автомобилите, не е исклучена можноста возилата повремено да се пропуштаат, нешто што ќе се дефинира и појасни непосредно пред почетокот на штрајкот.

притисни ентер