Светот, желен за обнова на економијата и патувањата, го поздрави исклучително брзиот развој на вакцините како најдобра можност да се запре пандемијата што однесе повеќе од 2,1 милиони животи.
Сепак, вакцинацијата во ЕУ е бавна во споредба со некои други земји и се соочува со проблеми, особено во врска со нарушувањата во синџирот на снабдување.
AstraZeneca, која ја разви вакцината заедно со Универзитетот во Оксфорд, и соопшти на Европската унија дека не може да ги исполни договорените цели за испорака до крајот на март. Фајзер соопшти дека ќе има привремено забавување на снабдувањето од крајот на јануари до почетокот на февруари.
„Европа инвестираше милијарди за да помогне во развојот на првите светски вакцини против ковид-19, за да се создаде вистинско глобално општо добро“, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на виртуелниот состанок на Светскиот економски форум (СЕФ).
„И сега компаниите треба да ги испорачаат. Тие мора да ги почитуваат своите обврски.“
Земјите-членки на ЕУ можат да ја тужат АстраЗенека за прекршување на договорите за снабдување, ако не се усогласи со планот за испорака, рече министерот за надворешни работи на Латвија, Едгарс Ринкевичис.
„Оваа можност треба да се разгледа и координира меѓу членките на ЕУ“, објави министерот за Ројтерс преку неговиот портпарол.
Секоја земја-членка на ЕУ има посебен договор за набавка со компанијата.
Германскиот министер за здравство ги поддржал предлозите на ЕУ за воведување ограничувања на извозот на вакцината против ковид-19, велејќи дека Европа треба да има свој „фер удел“.
„Можам да разберам дека има проблеми во производството, но тогаш мора да ги погоди сите подеднакво“, рече министерот за здравство Јенс Шпан за телевизијата ЗДФ.
AstraZeneca објави дека првичните испораки на вакцини во Европската Унија нема да ги достигнат целните количини поради доцнењето во производството.
„Почетните количини ќе бидат помали од првичните предвидени заради намаленото фабричко производство во рамките на нашиот европски синџир на снабдување“, изјави портпаролот на компанијата во изјавата во петокот, без да наведе детали.
AstraZeneca понудила испорака до ЕУ во февруари, но не појасниле можно пренасочување на дозите од Велика Британија, изјавија денеска официјални претставници на ЕУ за Ројтерс.
Секој потег за ограничување на извозот во Велика Британија, која што неодамна ја напушти ЕУ, би ја загрозил целта за имунизацијата на најранливите групи до средината на февруари, изјави шефот на Националната здравствена служба на Англија (NHS) Симон Стивенс.
Стивенс им порача на пратениците „дека ако се случи тоа, ќе биде загрижувачко“.
Шведска привремено ги укина плаќањата кон Pfizer за вакцината и бара појаснување за количината на достапните дози, објави денеска дневниот весник Dagens Nyheter.
Шведска сака да го знае бројот на дози што треба да се наплатат, откако Pfizer пресметал по шест дози во секое шише наместо договорените пет, пишува весникот.
Фајзер одбил да го коментира извештајот на Шведска за Ројтерс, но за весникот Дагенс Нихетер изјавиле дека наплатуваат шест дози по шише вакцина.
Лидерот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебреизус минатата недела го нарече нееднаквиот пристап до вакцината „катастрофален морален слом“, повикувајќи ги државите и производителите да дистрибуираат вакцини порамноправно низ целиот свет.
Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса денеска ги повика богатите земји да не ја складираат вакцината, велејќи дека светот треба да се бори против пандемијата со заеднички сили.
„Богатите земји набавија големи количини на дози“, рече Рамафоса на виртуелен состанок на СЕФ. „ Некои земји набавија дури четири пати повеќе отколку што им треба на нивното население за сметка на други земји“.
По хаосот, АстраЗенека и понудила на Европската Унија да испорача поголем број дози од својата вакцина во февруари.
Двајца европски официјални лица за Ројтерс денеска изјавиле дека AstraZeneca понудила да продолжи со испорака на 7 февруари.
Еден извор изјавил за Ројтерс дека AstraZeneca исто така го зголемила бројот на дози на вакцини закажани за испорака во февруари, во споредба со намалувањата објавени претходно оваа недела, но компанијата не ги објавила своите планови за март.
Друг европски официјален претставник директно вклучен во разговорите изјавил дека нема понуда за зголемување на бројот на дози.
AstraZeneca го одредува бројот на дози на квартално ниво. Затоа, зголемувањето во февруари, ако не е придружено со зголемување во март, не може да значи дека вкупниот број на ниво од три месеци ќе биде поголем, објави Ројтерс.