Нема раскол во ДУИ, сите од таканаречената огнена група на вчерашната средба во Мала Речица беа построени зад лидерот на партијата Ахмети- ова е одговорот на првиот вицепремиер Артан Груби, за внатрепартиските барања од високи функционери тој да си поднесе оставка. Анкетите покажуваат дека ДУИ ужива најголема доверба кај албанското гласачко тело, смета тој, и додава дека во време на криза не треба партијата да се фокусира на кадровски политики туку на решавање на проблемите во државата. По прозивките од неговиот сопартиец Изет Меџити, Груби вели дека никој не е незаменлив, и ДУИ може да функционира без него.
Вицепремиерот е горд што претседателот на интегративците Ахмети одлучил да се кандидира за уште еден мандат, како што вели, бидејќи на народот му е потребен. ДУИ според него е посилна од било кога во минатото, а заслугата за тоа смета дека е токму на Ахмети и на гласачите зад него.
Огнената група не го дели мислењето на Груби дека ДУИ е победник во албанскиот табор. Функционерите кои бараат негова оставка сметаат дека опозицијата треба да поднесе интерпелација за работата на вицепремиерот, за која потпретседателот на ДУИ и пратеник Меџити кажа дека ќе гласа ЗА. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пак со предлог до нив, заедно да го распуштат Собранието за да се распишат предвремени избори.
Превирањата во ДУИ траат веќе неколку години, но битката за реорганизација ја започна “Огнената група” пред една недела преку писмо на кое меѓу потпишаните се најдоа и Изет Меџити, Блерим Беџети, Садула Дураку и Мерита Коџаџику. Иако двајца од нив се пратеници, власта тврди дека не постои опасност од раситнување на коалицијата и губење на мнозинството во Собрание.