Груби: Чаир е на Али Ахмети и на ДУИ

Демократската унија за интеграција вечерва одржува митинг во спортската сала „Шабан Трстена“.

На митингот присуствуваат лидерот на партијата Али Ахмети, претседателот на Собранието Талат Џафери и владини министри од редовите на ДУИ.

Вицепремиерот Артан Груби пред почетокот на митингот изјави дека очекува масовно присуство. Кажа дека митингот е продолжение на собирите што ги имаше ДУИ Тетово, Гостивар, Желино, Врапчиште и други општини, и најави дека ќе продлжат и по другите ограноци на партијата низ државата. Груби демантира дека луѓето на митингот се дојдени под притисок. Вели дека собирот се одржува во убава атмосфера, спектакуларно и ќе бидат испратени убави пораки.

- Чаир е на на Али Ахмети и на ДУИ, кажа Груби, негирајќи дека станува збор за реваншизам кон Изет Меџити од „огнената група“. Додаде дека Меџити бил поканет, но, како што наведе, „на крајот на краиштата никој не се кани во својот дом“.

Изет Меџити кој ја претставува таканаречената „огнена група“ на ДУИ, пак, претходно изјави дека тој како претседател на чаирскиот огранок на партијата не е поканет на вечерашниот митинг.

Меџити, кој заедно со градоначалниците на Чаир и Град Скопје, Висар Ганиу и Данела Арсовска, присуствуваше на официјалното започнување на изградбата на Мега паркот, рече дека вечерашниот митинг на ДУИ му наликува повеќе на концерт имајќи предвид, како што наведе, „се носат звучни имиња од естрадата“.

Вечерашниот митинг во Чаир е прв голем собир на кој ќе се обрати Ахмети, откако двете „завојувани“ страни на ДУИ половина година оддржуваат паралелни собири.

Пред три недели во Чаир митинг одржа и фракцијата во партијата „огнената група“ на кој беа критикувани министрите на ДУИ, а особено Груби.

Судирот во ДУИ се заостри особено откако Ахмети за координатор на чаирскиот огранок го назначи шефот на дипломатијата Бујар Османи, потег кој за „огнените“ е нестатутарен, бидејќи Изет Меџити е претседател на огранокот на Чаир. Тоа го толкуваат како партиска елиминација на „огнените“ и најава за слични чекори и кон другите „непослушни“ координатори.

Град им нудел милиони на луѓе за да се доселат, но имало бизарен услов- никој не се јавил

Градот Каинан во јапонската префектура Вакајама смислил необичен план за привлекување жители, а понудата вклучувала и финансиска помош за новодојдените.

Стратегијата била дизајнирана за 2021 година, но за кандидатите имало услов - тие да го носат презимето Сузуки.

Како „родно место“ на Сузуки, било одлучено да се игра на таа карта, а посебно се мислело на 750.000 граѓани кои го носат тоа презиме и живеат во Токио и соседните префектури (Чиба, Саитама и Канагава).

Најавено е дека секое семејство што ќе се пресели ќе добие по 1 милион јени (6.300 евра), како и исто толку за секое дете под 18 години, пренесува The Guardian.

Меѓутоа, две години по започнувањето на кампањата, објавени се поразителни резултати.

„Потврдувам дека никој со презиме Сузуки не се преселил во Кајнан. Едно лице се распраша, но не отиде подалеку од тоа“, откри Томонари Фуџита, шеф на канцеларијата за развој.

Покрај паричната стимулација, на луѓето очигледно не им делувал и слоганот дека со преселбата „ќе се поврзат повторно со своите предци“.

Забележано е дека кланот Сузуки се преселил во денешен Кајнан за време на периодот Хејан (794-1185).

„Гледаме сериозен пад на бројот на жители. Мислевме дека со кампањата ќе привлечеме луѓе со презимето Сузуки, но се чини дека имало и други пречки“, изјави Фуџита.

Официјалните лица се надеваат дека новиот хотел, чија изградба ќе биде завршена во 2024 година, ќе ги инспирира граѓаните со презимето Сузуки да дојдат и да се поврзат со местото на нивното потекло.

Наредните два месеца во Грција ќе се игра фудбал пред празни трибини

До 12 февруари 2024 година, на навивачите ќе им биде забранет влез во натпреварите од фудбалската Суперлига во Грција.

Ова го соопшти портпаролот на грчката Влада, Павлос Маринакис.

Ова е конкретен чекор во борбата против хулиганите, кои со децении вршат насилство на трибините.

Последниот инцидент беше виден во четвртокот кога полицаец беше тешко повреден за време на нередите на одбојкарскиот натпревар меѓу Олимпијакос и Панатинаикос. Во таа прилика полесно се повредени десетици полицајци, а уапсени се најмалку 400 хулигани.

Оваа одлука важи и за европските натпревари, па ТСЦ во четврток ќе игра против Олимпијакос без присуство на публика.

Израелците со падобрани им доставуваат вода на своите војници во Газа (ВИДЕО)

Израел со падобрани им испрати седум тони вода на војниците во Газа, соопштија израелските одбранбени сили (ИДФ) и прикачија видео од воената акција.

Оттаму додаваат дека ова е прв ваков логистичко-воен зафат, објави Телеграф.

„Испорачавме околу седум тони вода на израелските војници во градот Кан Јунис со падобрани. Системот „водено снабдување“ е напреден оперативен систем кој овозможува испорака на опрема до копнените сили преку падобрани и со употреба на прецизна навигациска технологија “, пишува ИДФ на Телеграм.

„Ова е прва ваква оперативна употреба на системот по Втората либанска војна. Го користевме товарниот авион Шимшон за испорака“, додава тој.

притисни ентер