Град Скопје со нови адаптирани моторни возила за децата и лицата со потешка инвалидност

Градот Скопје со новите специјално адаптирани моторни возила, овозможува полесно движење на децата и лицата со потешка телесна инвалидност. 

Новите возила се посебно адаптирани со автоматски управувана рампа за инвалидска количка и друга опрема која осигурува безбеден превоз на лицата корисници.

Со новите возила Град Скопје обезбедува грижа, инклузивност и безбедност, како и подобрување на условите во секојдневието за лицата со попреченост.

Организираниот бесплатен превоз за лицата со потешка инвалидност во Скопје се реализира со девет посебно адаптирани возила, еден мини бус и еден автобус со автоматски управувана рампа за инвалидска количка и друга опрема која ја обезбедува безбедноста на корисниците, а дневно услугата ја користат околу 40 лица.

Превозот можат да го користат сите лица кои ќе стекнат право и одобрение врз основа на соодветна документација, за што подетални информации можат да се добијат на телефон 02-3297-321.

Град Скопје

Во Србија повлечена серијата на лекови Рудакол за третман на симптоми на иритабилна црева

Агенцијата за лекови и медицински помагала на Србија (АЛИМС) излезе со соопштение дека се повлечени од оптек серија лекови Рудакол кои се користат за лекување на симптоми на иритабилни црева, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што наведуваат, за ова биле информирани од претставништвото на компанијата, која е носител на лиценцата за лекот во Србија.

Во известувањето се наведува дека претставништвото на компанијата доброволно ја повлекува од промет серијата лек Рудакол, капсула со продолжено ослободување, 30X200 mg.

-Лекот се повлекува од превентивни причини. Наведената серија се повлекува поради неисправност во квалитетот на лекот. Не се идентификувани потенцијални безбедносни ризици поврзани со таа неисправност, се наведува во соопштението.

Датумот на истекување на серијата на лекот што се повлекува е април 2025 година, а првата дистрибуција беше на 26 јули 2022 година.

Како што е наведено во упатствата за лекот, Рудакол се користи за лекување на симптоми на синдром на нервозни црева (SIC) и слични проблеми.

Мицкоски:Ветерниот парк на „Алкараз Енерџи“најголема инвестиција во делот на обновливите извори

Ветерниот парк на „Алкараз Енерџи“ најголема инвестиција во делот на обновливите извори во регионот.

Ветерен парк со 55 ветерници кои ќе произведуваат еден терават час електрична енергија ќе се гради меѓу Карбинци, Штип и Радовиш. Изградбата се очекува да започне во втората половина на 2025 година, а со оваа странска инвестиција на „Алказар Енерџи“, вредна над 500 милиони долари, се очекува да се отворат нови 630 работни места.

Ветерниот парк, како што беше посочено на денешната промоција на инвестицијата, ќе произведува електрична енергија со која ќе се задоволат потребите на околу 100 илјади домаќинства.

Според премиерот Христијан Мицкоски, се работи за најголема инвестиција во делот на обновливите извори во регионот.

- Ваквиот почеток на мандатот со ваква инвестиција покажува дека како Влада сме насочени кон проекти што се во интерес на граѓаните. Со завршување на овoј проект дури 100-тина илјади македонски семејства ќе може да се снабдуваат со електрична енергија од овие ветерници. Овој проект е значаен од многу аспекти - со него ќе се зајакне значително енергетката независност, што е наша цел, ќе го зголеми обемот на инвестиции и ќе отвори пат за нови инвестиции. Ваков тип на инвестиции покажуваат дека довербата во оваа Влада уште на самиот почеток е голема и дека како опозиција работевме и сега како Влада само ќе продолжиме да работиме со зајакнато темпо, рече Мицкоски.

Додаде дека целта на Владата е земјата да стане енергетски независна во делот на енелектричната енергија и според него, тоа може да се реализира со детален план.

- Планот го имаме, луѓето ги имаме, останува само да ја завршиме домашната задача што сами ја поставивме. Велат дека секој човек сонува за големи работи, а дека малку кој своите соништа ги креира во вистински проекти, Јас сум од оние луѓе кои сакаат да видат конкретни дела, а не се потпира само на даден збор. Така функционирам, а така ќе функционира и оваа Влада, рече Мицкоски.

Министерката за енергетика Сања Божиновска најави програма за грантови и поволни кредити за 150 илјади домаќинства во еден мандат за сопствениците на приватните куќи и станови.

- Поддршката ќе се однесува на поставување нови енергетски ефикасни фасади, прозорци и врати, исто така и субвенции за граѓаните до 50 проценти од цената за набавка и инсталација на енергетска ефикасна опрема. Домаќинствата ќе имаат можност да го продаваат вишокот од произведената електрична енергија по подобри услови со промена на постоечката регулатива. Предвидуваме и промени на начинот на пресметка за исплата на продадената вишок произведена енергија, посочи Божиновска.

„Алкараз енерџи“ е водечки независен одржлив фонд со седиште во Луксембург и тим на советници со седиште во Дубаи кои се фокусираат на големи проекти за обновлива енергија на пазарите во развој.

Најмалку 24 лица го загубија животот во поплавите и свлечиштата на Брегот на Слоновата Коска

Најмалку 24 лица го загубија животот во поплавите и свлечиштата во најголемиот град на Брегот на Слоновата Коска, Абиџан, по една недела рекордни врнежи, соопштија денеска властите.

Властите изјавија дека количината на врнежи е четири пати поголема од вообичаеното во некои области.

Поплавите и свлечиштата, исто така, предизвикаа голема штета на куќите и патиштата во градот, соопшти Националната канцеларија за цивилна заштита на Брегот на Слоновата Коска.

притисни ентер