Град Скопје ќе додели парична помош за семејствата на загинатите во автобуската несреќа

Градот Скопје ќе додели два милиона денари за семејствата на починатите од Скопје во автобуската несреќа што пред два дена се случи во соседна Бугарија.

На предлог на градоначалничката Данела Арсовска, Советот на Град Скопје на својата наредна седница ќе одлучува за доделување на парична помош во знак на солидарност кон семејствата и почит кон настраданите.

Градот Скопје уште еднаш изразува длабоко жалење и сочувство до семејствата на настраданите, а на повредените им пожелува побрзо закрепнување.

Град Скопје

Најавен е нов електричен „Lexus“

По моделот „UX 300e“, „Lexus“ подготвува уште еден електричен кросовер, наречен „RZ“.

Актуелните најави говорат дека во текот на следната година можеме да очекуваме нов електричен „Lexus“ и дека ќе биде глобален модел, пишува „Autoblog“.

Како основа ќе се користи платформата „e-TNGA “развиена за голем број модели на „Toyota“ и „Subaru“, додека дизајнот ќе биде инспириран од изгледот на концептот „LF-Z Electrified“ претставен претходно оваа година.

Со овој концепт, „Lexus“ го најави својот нов правец и намерите за во иднината, односно почетокот на „следната генерација на Lexus“.

До 2025 година, „Lexus“ ќе претстави 20 нови или модифицирани модели, вклучувајќи повеќе од 10 целосно електрични модели, хибридни и „plug-in“ хибридни возила.

За потсетување, „Lexus LF-Z Electrified Concept“ е долг 4880 мм, широк 1960 мм, висок 1600 мм, меѓуоскино растојание 2950 мм и има 400 kW / 544 КС (автономија со едно полнење на литиум-јонска батерија од 90 kWh е 600 км).

Серискиот „Lexus RZ“ нема да биде толку моќен, но се очекува да има повеќе од 215 КС со колку располага „Toyota bZ4X“.

Дополнително, се споменува и погон на сите тркала, фокус на перформансите и управувањето, како и одреден степен на автономно возење.

Бајден: Гласот ми е засипнат од настинка, добро сум

Американскиот претседател Џо Бајден денес изјави дека неговиот многу засипнат глас е „последица на настинка“ која ја добил кога стапил во контакт со неговиот внук и додаде дека секој ден се тестира на Ковид-19.

Тој со засипнат глас и со неколку напади на кашлање одржа говор за економијата, што го поттикна новинарот да го праша за неговото здравје.

„Добро сум. Секој ден се тестирам за Ковид. Ова го добив од мојот внук на една и пол година кој сака да му дава бакнежи на дедото. Настинка е само“, додаде тој.

Американскиот претседател минатиот викенд го помина со семејството, кога во Америка се славеше Денот на благодарноста.

Пред две недели тој беше на систематски, лекарот вели дека е во добра здравствена состојба

Здравјето на Џо Бајден, со оглед на тоа што тој е најстариот претседател некогаш избран во САД (79), привлекува посебно внимание.

Пред две недели тој беше подложен на систематски преглед, чии резултати ги објави Белата куќа, а неговиот лекар заклучи дека Бајден е во „добро здравје“.

САД стравуваат од зголемување на случаите со Ковид-19 со доаѓањето на зимата и ширењето на новата варијанта, омикрон.

Заев: Градиме инклузивно општество во кое лицата со попреченост имаат еднаков пристап

Фејсбук објава на премиерот Зоран заев по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Преку сеопфатни политики и мулти-институционален пристап градиме инклузивно општество во кое лицата со попреченост имаат еднаков пристап за напредок и развој.

Оваа година го одбележуваме 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост со позитивни промени, како резултат на спроведувањето на најдобрите светски практики за поддршка и вклучување на лицата со попреченост во нивното секојдневие, во здравството, образованието и социјалната заштита. И не само денес, инклузијата на овие лица во општеството е процес на којшто сме посветени секој ден од годината. Тие се дел од нашето секојдневно живеење, наши пријатели и роднини.

Овие наши сограѓани најмногу од сè бараат еднаквост, самостојно живеење и функционирање во општеството и затоа врвен приоритет на Владата е инклузијата на лицата со попреченост во сите општествени текови. Тоа е особено важно кога станува збор за животот на овие лица во актуелниот миг на пандемијата со КОВИД-19 и за нивната транзиција без стрес во пост-ковид периодот.

Со цел унапредување и создавање квалитетно општество, во кое различностите се почитуваат и вреднуваат, Владата посветено работи на унапредување и олеснување на условите за живот на лицата со попреченост, без разлика на возраста на лицата:

- Ја намаливме границата за лична асистенција. Сега право на личен асистент имаат лицата со попреченост од 6 до 64 годишна возраст. На тој начин овозможуваме лицата со попреченост да ги извршуваат секојдневните активности и да бидат активно вклучени во секојдневието.

- Ја изработивме апликацијата Аудио-читач, која на слепите и на лицата со оштетен вид им овозможува пишаниот текст да го слушнат и разберат во аудио верзија на свој мајчин јазик.

-Отворени се 15 нови инклузивни детски градинки, кои им овозможуваат на децата со попреченост да се вклучат во предучилишното образование.

-За оние кои се грижат за своите најблиски, а кои се лица со попреченост државата ја надополнува втората половина од платата доколку работат со скратено работно време, а за оние над 64 години возраст обезбедуваме еден вид на пензија, со цел да имаат економска сигурност.

Во афирмирањето на автентичниот концепт „Едно општество за сите“, Владата и понатаму останува посветена да предничи и да ги промовира и штити правата на лицата со попреченост во областите како што се: еднаквост и недискриминација, слобода на движење, самостојно живеење, образование, пристап до стоки и услуги, вработување, правна поддршка и пристап до правда, здравство, и правото на политичко учество во сите процеси од стратешка важност за нашата држава, објави Заев на Фејсбук.

притисни ентер