Град Скопје го врати данокот на оштетените граѓани во измамата при купопродажба на станови

​Град Скопје го врати платениот данок за промет со недвижности на оштетените граѓани во измамата при купопродажба на станови, кои, покрај капар од 18 илјади евра, платија и данок за промет со недвижности во износ од близу пет илјади евра.

Станува збор за тројца од шестмината граѓани за кои МИА откри дека се оштетени со капар од 32 илјади евра при обид за купување на стан. Покрај тоа што биле измамени за капар од 10 илјади евра, своевремено, двајца различни купувачи платиле и данок за промет на недвижности за еден ист стан, секој засебно, во вкупен износ од близу три илјади евра. Да плати данок за истиот стан тргнал и третиот оштетен, кој навреме дознал за измамата и веднаш ја повлекол пријавата за утврдување на данок на промет на недвижности поднесена до Град Скопје. Во овој случај данок имаше платено и уште едно лице засегнато во измамата со капар од осум илјади евра, на кое, исто така, му беше вратен платениот данок.

Оштетените, по долго и упорно „висење" на шалтерите, конечено, преку посредништво на МИА добија одговори дека данокот ќе им се врати по нивна и изјава од сопственикот на становите, за кои е платен данокот, дека не покажуваат интерес за понатамошната купопродажба.

Град Скопје во процесот на претходното истражување од страна на МИА, останаа затворени под образложение дека станува збор за случај кој е под истрага и не можат да споделат информации. Меѓутоа, непосредно пред објавувањето на сведоштвата на оштетените граѓани, по повторно барање на МИА да го споделат нивниот став, кажаа дека тоа што е обврска на Градот, согласно закон, ќе биде реализирано, па така и се реализираше.

МИА иницираше одговори и го следеше случајот континуирано, од пријавата за „Измама", која беше доставена до Министерството за внатрешни работи на 23 март 2021, до оформувањето на предмет, лишувањето од слобода на агентот како и постапката која ја поведе Обвинителството и определените мерки за претпазливост за агентот, сè до обвинителниот предлог кој Основното Јавно обвинителство го објави на 2 јуни, веднаш по известувањето од МИА дека оштетените во видео изјава за нашиот медиум, ги споделија своите сведоштва, како и тоа дека самостојно се обидуваат да добијат одговори, при што се пожалија на неажурност на институциите.

Поради пресумпција на невиност од приказната е изоставен идентитетот на обвинетиот. МИА продолжува да го следи случајот. /МИА

Израел соопшти дека во Ал Шифа се убиени повеќе од 200 борци на Хамас

Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека повеќе од 200 вооружени лица биле убиени за време на операцијата против Хамас во болницата Ал-Шифа во градот Газа.

Во текот на изминатиот ден, напаѓачите на Хамас излегле од собата за итни случаи во Ал Шифа, каде што се криеле и отвориле оган врз израелските војници, тврди ИДФ, додавајќи дека неколку слични инциденти се случиле во последните денови.

За време на борбите што се во тек, армијата вели дека војниците евакуирале цивили, пациенти и медицински персонал во друг дел од болницата „кој ИДФ го подготви и го воспостави за да овозможи продолжување на соодветниот медицински третман“, пишува „Тајмс оф Израел“.

Истовремено, ИДФ тврди дека уште десетици оперативци на Хамас биле убиени за време на операциите во изминатиот ден во градот Ал-Карара во јужниот дел на Газа и во квартот Ал-Амал во Кан Јунис.

Војниците кои дејствуваа во јужниот дел на Газа, исто така, лоцирале и уништиле складишта со оружје, а во централниот дел на Појасот, ИДФ соопшти дека неколку непријателски оперативци биле убиени во текот на изминатиот ден од војниците на бригадата Нахал и во воздушни напади.

МВР: 173 санкции за брзо возење

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден спроведе акциска контрола на територијата на Република Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 173 возачи.

Од нив пет возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 60 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 113 надвор од населено место, соопшти МВР.

Средба на Пецаков со претставниците на УНЕСКО, О.Охрид посветена на задржување на статусот

 Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков со неговиот тим оствари работна средба со претставниците на реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО што престојува во работна посета на земјава.

Пецаков пред членови на Центарот за светско наследство, на Меѓународниот совет за споменици и локалитети и Меѓународната унија за заштита на природата, како и на Националниот координативен тим од Македонија ја истакнал силната посветеност на Општина Охрид за зачувување на природното наследство во Охридскиот регион.

„Детално ги инфомирав за сите чекори кои како Локална самоуправа ги преземаме и со временските рамки за реализација на истите. Силно сме посветени и не отстапуваме во спроведувањето на веќе пропишаните правила за зачувување на статусот од УНЕСКО“, вели Пецаков.

Мисијата на УНЕСКО во Охрид ќе биде неколку дена, а како што посочи претходно министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, претставниците на Светската организација се тука за да ја утврдат фактичката состојба околу заштитата на Охридскиот регион на терен,со средби со претставници на сите засегнати институции и субјекти. Од мисијата на УНЕСКО ќе произлезат заклучоци според кои државата е треба да постапува во насока на заштита на Охридскиот регион и неговиот статус во УНЕСКО.

притисни ентер