Гори хостел во Москва: Стотици спасени, уште многу заглавени внатре (ВИДЕО)

Се запалил хостел во северозападниот дел на Москва, каде што има луѓе кои не успеале да излезат, изјави за ТАСС извор од итната служба.

Пожарот избувнал на 4. кат од хостелот, а од него излегува црн чад. Евакуацијата е во тек, но пожарот блокирал неколку луѓе во зградата.

Пожарникарите и спасувачките служби ги евакуираат луѓето од другата страна на зградата и веќе повеќе од 300 од нив се извлечени на безбедно.

Причина за пожарот најверојатно е краток спој, пишуваат руските медиуми.

Почнува одбележувањето на Свети Климент Охридски, патронот на градот Охрид

Со прогласување на Наум Целакоски и Павле Митрески за почесни членови на библиотеката „Григор Прличев“ денеска во Охрид почнуваат активностите за одбележување на празникот Свети Климент Охридски – патронот на градот.

Чествувањата ќе продолжат со концерт на учениците од општинкото музичко училиште „Методи Патче”, по што следува изложба „Охридскиот регион – универзален духовен и природен раскош“ од Нина Ангелоска и одбележување на патронатот на општинското основно училиште „Свети Климент Охридски“.

Општина Охрид, пак, утре ќе одржи свечената академија по повод 8. декември, Денот на Свети Климент Охридски – патрон на градот. Ќе биде промовирана книгата за „Светите браќа Климент и Наум“ од Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски, а ќе бидат поставени и изложби на Фото клуб – Охрид и на учениците од ОСУ „Свети Климент Охридски“.

Програмата треба да продолжи на празникот, в четврток со поклон пред моштите на Свети Климент Охридски во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон” на Плаошник. Потоа предвидено е полагање цвеќе на споменикот на Свети Климент Охридски во училишниот двор на ООУ „Свети Климент Охридски“ и на момументалниот споменик на Свети Климент Охридски на Градскиот плоштад, како и врачување награди на најдобрите поетски творби на наградниот ученички литературен конкурс по повод Патронот на Охрид.

Програмата ќе се заокружи со настап на Македонските фолклорни ансамбли во чест на Свети Климент Охридски на големата сцена во центарот за култура „Григор Прличев“.

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2023

Во Собранието денеска продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2023 година. Поднесени се 263 амандмани од сите политички партии, а досега се прифатени повеќе предложени амандмани.

Согласно проекциите во Предлог-буџетот вкупните приходи се планирани на ниво од 282,1 милијарда денари и се за 14,8 отсто повисоки во однос на 2022 година, додека расходите се планирани на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е проектиран на ниво од 4,6 отсто од планираниот БДП или на 42,7 милијарди денари, додека вкупните расходи на 324,8 милијарди денари што е за 36,3 милијарди денари повеќе во однос на Буџетот за 2022 година.

Северна Кореја истрела неколку артилериски проектили

 Северна Кореја денеска истрела повеќе артилериски проектили во морето како одговор на вежбите на Јужна Кореја долж границата, јави новинската агенција КЦНА.

Ова следува еден ден откако Северна Кореја соопшти дека истрелала повеќе од 130 проектили во морето, од кои некои паднале во тампон зоната меѓу двете Кореи.

Сеул тврди дека ова е кршење на меѓукорејскиот договор за деескалација од 2018 година.

Јужнокорејските и американските трупи од вчера спроведуваат воени вежби во близина на границата, велејќи дека тие се неопходни за одвраќање на Северна Кореја, која тестира рекорден број проектили оваа година и ги продолжува подготовките за првата нуклеарна проба од 2017 година.

Пјонгјанг накратко ги критикуваше заедничките вежби како провокативни и доказ за непријателската политика на Сеул и Вашингтон.

притисни ентер