Како што јави агенцијата Анадолија, регистрирани се 64,1 милиони гласачи, од кои над 60,7 милион лица ќе гласаат во Турција, додека во странство се регистрирани 3,4 милиони гласачи. Околу 4,9 милиони лица во земјата ќе гласаат за првпат.
Поставени се вкупно 191.884 гласачки кутии ширум земјата, а гласачите своето право на глас ќе го остварат до 17:00 часот по локално време. Гласањето почна во 8 часот по локално време.
Секој избирач ќе гласа за претседател и за избор на пратеници во парламентот, кои ќе имаат петгодишен мандат.
Гласачите ќе избираат меѓу актуелниот претседател Реџеп Тајип Ердоган, главниот опозициски кандидат Кемал Киличдароглу и кандидатот Синан Оган.
Мухарем Инџе, еден од четирите регистрирани кандидати за претседател, се повлече од трката во четвртокот, но според изборната комисија во Турција, и покрај неговото повлекување „во последен момент“, гласовите дадени за него ќе бидат прифатени како валидни во согласност со член 12 од законот бр. 6271.
И покрај неговото повлекување од претседателската трка, неговата „Партија Родина“ останува во трката за места во парламентот кој брои 600 пратеници.
На парламентарните избори се натпреваруваат 24 политички партии и 151 независен кандидат за пратеници.
Ердоган ги следи изборните резултати од Истанбул каде што гласаше
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека резултатите од парламентарните и претседателските избори ги следи од Истанбул, а не од Анкара, јави ДПА.
Според агенцијата, тој изразил надеж дека изборите ќе поминат без проблеми откако гласаше во областа Ускудар во Истанбул.
Во Турција денеска се одржуваат претседателски и парламентарни избори.
Киличдароглу: Ни недостасуваше демократијата
Турскиот претседателски кандидат Кемал Киличдароглу – главниот предизвикувач на актуелниот претседател Реџеп Тајип Ердоган – ја поздрави потенцијалната претстојна промена во земјата додека гласаше на изборите во Турција, јави ДПА.
- Многу ни недостасуваше демократијата, рече Киличдароглу пред телевизиските камери додека стоеше пред гласачката кутија во главниот град Анкара.
- Се надеваме дека пролетта наскоро ќе дојде, рече 74-годишниот кандидат мислејќи на можната победа на изборите.
Во Турција денеска се одржуваат претседателски и парламентарни избори.
Анкетите покажуваат тесна трка меѓу Киличдароглу и 69-годишниот Ердоган.