Ѓорѓиевски: Детската градинка „Пеперутка 3” во Драчево е отворена, ќе се згрижат над 100 дечиња

Отворена е новата градинка „Пеперутка 3” во Драчево.

Низ детска насмевка, многу радост и весела приредба организирана од овие паметни дечиња, денес заедно со министерката Тренчевска ја отворивме новата детска градинка ,,Пеперутка 3” во населбата Драчево.

Во оваа градинка ќе бидат згрижени над 100 дечиња, пред сѐ од овој дел на општината.

Ние сме свесни дека раниот детски развој е многу важен и како локална самоуправа се грижиме да ги обезбедиме сите услови за правилен понатамошен развој на секое дете.

Инвестираме во унапредувањето на условите во постоечките градинки, но со засилено темпо работиме и на зголемувањето на опфатот на деца во процесот на предучилишно воспитание и образование.

Покрај ставањето во функција на оваа градинка која беше изградена пред речиси две години, но дури сега беа надминати администативните бариери за нејзино отворање, интензивно работиме и на изградба на нови градинки и проширување на капацитетите на постојните објекти.

Во финална фаза е подготовка на објектот во кој ќе биде отворена првата градинка во Усје.

Тука ќе бидат згрижени околу 100 дечиња од населбите Усје, Стаклара и Градинар.

Работиме на проширување на капацитетот и на градинката ,,Ѓурѓица” во Пинтија.

Веќе е започнато реновирањето и на објектот ,,Кокиче”, каде ќе може да примиме нови 150 дечиња, а ќе потсетам дека веќе го проширивме капацитетот и на објектот ,,Синоличка” од ЈДГ ,,Весели Цветови”.

Дека грижата за раниот детски развој е наш приоритет, говори и фактот што имаме подготвен проект за целосно нова градинка во Расадник и во моментов работиме на финансиската конструкција, односно на начинот на финансирање за нејзината иградба.

Со тој проект, на среден рок целосно го решаваме прашањето за предучилишната инфраструктура.

Илустративно, објектот во кој сме денес може да прими над 100 дечиња, а во моментов на листите на чекање во трите објекти во Драчево има околу 30 деца.

Оттука, сакам искрено да се заблагодарам за соработката на министерката Јована Тренчевска, Министерството за труд и социјална политика, со кои заеднички го ставаме во функција овој објект и даваме силен влог во формирањето на здрави и образовани индивидуи кои во иднина ќе дадат свој придонес за надградба на државата.

Тоа е наша заедничка одговорност и благородна цел кон која сите треба да се движиме.

На овие прекрасни дечиња кои тука ќе го минуваат своето секојдневие им посакувам многу пријатни и весели моменти!

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2023

Во Собранието денеска продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2023 година. Поднесени се 263 амандмани од сите политички партии, а досега се прифатени повеќе предложени амандмани.

Согласно проекциите во Предлог-буџетот вкупните приходи се планирани на ниво од 282,1 милијарда денари и се за 14,8 отсто повисоки во однос на 2022 година, додека расходите се планирани на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е проектиран на ниво од 4,6 отсто од планираниот БДП или на 42,7 милијарди денари, додека вкупните расходи на 324,8 милијарди денари што е за 36,3 милијарди денари повеќе во однос на Буџетот за 2022 година.

Северна Кореја истрела неколку артилериски проектили

 Северна Кореја денеска истрела повеќе артилериски проектили во морето како одговор на вежбите на Јужна Кореја долж границата, јави новинската агенција КЦНА.

Ова следува еден ден откако Северна Кореја соопшти дека истрелала повеќе од 130 проектили во морето, од кои некои паднале во тампон зоната меѓу двете Кореи.

Сеул тврди дека ова е кршење на меѓукорејскиот договор за деескалација од 2018 година.

Јужнокорејските и американските трупи од вчера спроведуваат воени вежби во близина на границата, велејќи дека тие се неопходни за одвраќање на Северна Кореја, која тестира рекорден број проектили оваа година и ги продолжува подготовките за првата нуклеарна проба од 2017 година.

Пјонгјанг накратко ги критикуваше заедничките вежби како провокативни и доказ за непријателската политика на Сеул и Вашингтон.

Ковачевски на Самитот Западен Балкан-ЕУ во Тирана

На Самитот е предвидено земјите од Западен Балкан со ЕУ да потпишат декларација за зајакнување на соработката во повеќе сегменти со што се обезбедува подобри услови и бенефиции за граѓаните од земјите од Западен Балкан.

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со лидерите од Западен Балкан, денеска ќе учествува и ќе говори на Самитот за Западен Балкан-Европска Унија во Тирана, Албанија, посветен на справување со последиците од руската инвазија врз Украина, зајакнување на безбедноста и градење отпорност кон странското мешање, одговор на предизвиците од миграцијата, борбата против тероризмот и организираниот криминал.

Ова е прв самит меѓу Унијата и Западен Балкан што се одржува во земја која не е членка на Унијата.

Учесниците на Самитот ќе ги пречека премиерот на Албанија Еди Рама, а најавено е присуство на високите европски претставници, претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула Фон Дер Лаjен, како и премиерите на Белгија, Луксембург и други европски земји.

На Самитот е предвидено земјите од Западен Балкан со ЕУ да потпишат декларација за зајакнување на соработката во повеќе сегменти со што се обезбедува подобри услови и бенефиции за граѓаните од земјите од Западен Балкан.

Премиерот Ковачевски на Самитот во Тирана ќе учествува и на две панел дискусии на кои фокусот ќе биде европската перспектива на земјите од Западен Балкан, обезбедувањето на демократија, мир и слобода, како и тесната соработка помеѓу земјите во заедничкото справување со предизвиците наметнати од економската и енергетската криза.

Во состав на владината делегација предводена од премиерот Ковачевски во Тирана се и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Вчера албанскиот премиер Еди Рама изјави дека самитот Западен Балкан – Европска Унија во Тирана го покажува зголемениот геостратешки интерес на ЕУ за тој регион за време на војната меѓу Русија и Украина.

Според Рама, војната во Украина потсетува на ранливоста на регионот и ѝ даде поттик на ЕУ да ги внесе нациите од Западен Балкан во ЕУ. Додава дека блокот треба особено да работи „тесно со Србија“, која не се приклучи на воените санкции на ЕУ за Русија за време на војната.

Во рамки на Самитот, телекомуникациските оператори од земјите од ЕУ и Западен Балкан ќе потпишат Декларација со која ќе се овозможи намалување на цените за роаминг меѓу ЕУ и регионот во 2023 година.

Како што најави Советот за регионална соработка (СРС), ова ќе придонесе за намалување на оперативните трошоци на бизнисмените, ќе го поттикне бизнисот надвор од матичните граници и ќе даде дополнителен поттик на туризмот во регионот на Западен Балкан.

Откако стапи во сила регионалниот договор за намалување на цените на роаминг, со кој беше укинат роамингот во Западен Балкан од јули 2021 година, СРС тесно соработува со Европската комисија, операторите од Европската унија и од Западен Балкан, како и со властите од регионот да ги намалат цените на роаминг меѓу ЕУ и регионот, се наведува во соопштението.

СРС потсетува и дека лидерите од Западен Балкан потпишаа три важни договори на почетокот на ноември како дел од Акцискиот план за заедничкиот регионален пазар на Берлинскиот процес – за слобода на движење со лична карта, за признавање на високообразовните квалификации и за признавање на стручни квалификации за доктори по медицина, стоматолози и архитекти.

притисни ентер