ГИС – Платформата за Карпош повторно достапна за граѓаните

 Во интерес на зголемување на транспарентноста и достапноста на јавни податоци, Општина Карпош, на својата веб страница повторно го воведе системот на ГИС (географски информационен систем).

-Оваа услуга не беше достапна повеќе години наназад, па затоа отсега граѓаните ќе можат брзо и ефикасно да пристапат до бараните информации. Имено, со само неколку клика на официјалната веб страница на Општината, корисниците ќе имаат увид во фактичката состојба со ДУП-овите и градежните парцели како и фактичката состојба, т.е катастарската ситуација и детален преглед со сателитска снимка од Карпош. Практично, на овој начин заинтересираните странки ќе можат да дојдат до бараната информација по електронски пат, без притоа физички да ги посетат просториите на општинската администрација, наведуваат од Општината.

Таканаречената „паметна електронска карта" ја изработи реномираната софтверска фирма GDI (со претставништво во Скопје). Платформата нуди просторни податоци кои се распоредуваат во неколку тематски нивоа во т.н слоеви во форма на дигитални карти. Подетално разгледано, тоа претставува низа од планови нацртани на проѕирна хартија – транспарент, која содржи одреден вид информација (на пример: патна мрежа, сателитска снимка, просторен план, детални урбанистички планови, катастарска подлога, итн.).

Секоја од просторните податоци на платформата е придружена со координати. Со помош на системот на овој начин, граѓаните имаат моментален увид на предвидената состојба (преклопувајќи ги детално, урбанистичките планови). Технологијата на Географскиот информационен систем може да се користи за научни истражувања, управување со ресурсите, управување со имоти, планирање на развојот, просторно планирање, картографија и планирање на инфраструктурата. ГИС – порталот на Општина Карпош може да се посети преку директниот линк.

Без струја утре повеќе делови од Скопје

Заради технички зафати во дистрибутивната електро мрежа утре без електрична енергија ќе останат дел од корисниците од општините Гази Баба, Ѓорче Петров, Шуто Оризари, Сопиште и Карпош, соопштуваат од РЦУК – Скопје.

Во периодот од 08:15 до 15:30 часот без напојување со електрична енергија ќе останат корисниците од ул.1 во Општина Гази Баба, во делот од училиштето до обиколницата.

Во периодот од 12:00 до 15:00 часот без струја ќе останат корисниците од улицата „Штросмаерова" во Општина Ѓорче Петров.

Во периодот од 09:00 до 12:00 часот без електрична енергија ќе бидат дел корисниците од улицата „Рељо Шестокрило", како и од улицата „Брегалничка" во Општина Шуто Оризари.

Во периодот од 09:00 до 15:00 часот без електрична енергија ќе останат корисниците од сите стопански и нестопански субјекти од село Држилово, село Патишка Река, како и репетиторите на Карст Јаболци и ПЦЦ Хидро во Општина Сопиште.

Во периодот од 09:00 до 11:00 часот без струја ќе останат корисниците од улиците „Огражден" зграда бр.97, „Никола Русински" зграда бр.4, „Карпошо Востание" зграда бр.8, бараките на бивша Општина Карпош, како и градинката Орце Николов, Општина Карпош.

„Врба" на Манчевски во трката за европски оскар

Европската филмска академија (ЕФА) денес ја објави одлуката да го вклучи „Врба" на Милчо Манчевски во селекцијата за најдобар филм 2020 на 33-те Европски филмски награди. 

За филмовите во селекцијата за најпрестижната европска награда, што е позната и како Европски Оскар, ќе гласаат над 3.800 членови на Академијата и ќе изберат по 5 номинации во 5 категории: најдобар филм, режисер, актер, актерка и сценарио. Номинациите ќе бидат објавени на 7 ноември на фестивалот во Севилја, Шпанија.

Годинава доделувањето наградите на Европската филмска академија ќе се одржи во Рејкјавик, Исланд на 12 декември.

Во селекцијата на ЕФА годинава се 38 филмови.

Ова е втор пат филм од Манчевски да влезе во селекцијата за европските филмски награди, во 2011 година селектиран беше и неговиот „Мајки".

Пандемијата го прекина, но не можеше да го загуши подемот на „Врба" – драмата на Милчо Манчевски. „Врба" го започна своето патување со светска премиера на Римскиот филмски фестивал во октомври минатата година, каде што беше забележан со исклучително позитивни критики. Пред ковид пандемијата, по македонската премиера филмот играше в кино два и пол месеци и ги сруши рекордите на гледаност во земјата.

Публиката го забележа на низа фестивали, а филмот продолжи да собира одлични критики – Варајети го нарече „суптилен, длабок", Холивуд репортер вели „те зграпчува, супериорно атмосферски, актуелен и универзален", за Скрин интернешенел е „трогателен и длабок".

„Врба" е добитник на наградите „Хосе Оливеира" на Фантаспорто во Порто, на Најдобар филм на Велингтон, Нов Зеланд, се прикажа и на фестивалите во Талин, Тајпеј, Пекинг, Истанбул, Сараево, ФЕСТ во Белград, Синеквест во Сан Хосе, Клуж-Напока, Бенгалуру во Индија... „Врба" неделава ќе го отвори фестивалот во Софија, а ќе го затвори фестивалот во Тирана. Номиниран е и за Најдобар меѓународен филм и за Најдобар режисер на Рејнденс во Лондон.

„Врба" ги раскажува приказните на три мајки во средновековна и современа Македонија. Играат Сара Климоска, Наталија Теодосиевска и Камка Тоциновски, директор на фотографија е Тамаш Добош, монтажата е на Николас Гастер, продукцискиот дизајн е на Дејвид Манс, а музиката е од Кирил Џајковски.

Филмот е македонско – унгарско – белгиската копродукција со учество на Албанија, а продуциран е од Јане Ќортошев и легендарниот британски продуцент Ник Пауел.

Средба Димитров – Рот: Македонија останува приоритет за германското претстедателство

 Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, утрово во Брисел се сретна со германскииот министер за Европа, Мајкл Рот, чија земја претседава со ЕУ до крајот на годината.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Димитров го информира Рот за приоритетите на македонската Влада во областа на евроинтеграциите и потенцирал дека „пристапниот процес е најдобрата алатка европските стандарди и принципи да ги воведеме дома".

–Македонија е цврсто решена да стане просперитетна европска демократија во која ќе владее правото, нагласи Димитров.

Германскиот министер за Европа престојува во Брисел каде учествува на министерскиот состанок за општи работи на ЕУ. Иако Македонија не е денеска формално на дневен ред, министрите се тие кои одлучуваат за усвојувањето на преговарачката рамка. Рот потврдил дека Македонија останува приоритет за германското претстедателство.

– Првата меѓувладина конференција со Македонија, почетокот на пристапните преговори, е еден од врвните приоритети на германското претседателство со ЕУ, истакнал Рот.

Вицепремиерот Димитров во Брисел денеска ќе се сретне и со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, како и со потпретседателот на Европската Комисија задолжен за миграциски политики, Маргаритис Схинас, а планирана е негова посета на Берлин следната недела, информираат од неговиот кабинет.

притисни ентер