Генералот Ѓурчиновски во Брисел учествуваше на заседанието на Воениот комитет на НАТО

Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски во текот на денот, во седиштето на НАТО во Брисел учествуваше на сесиите на второто годишно заседание на Воениот комитет (ВК) на НАТО, а воедно оствари три билатерални средби.

Началниците на Генералштабови на армиите на земјите членки на НАТО, согласно агендата на второто овогодишно заседание на ВК, низ неколку сесии дискутираа на актуелни теми од стратешко значење со фокус на спроведување на зацртаните цели во трансформацијата и операционализација на одбранбените планови на Алијансата, со цел целосна подготвеност за справување со сите актуелни и идни закани.

Генералот Ѓурчиновски во седиштето на НАТО оствари билатерални средби со командантот на Вооружените сили на САД за Европа и на Сојузничката команда на НАТО за операции, генерал Кристофер Каволи, со началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Италија, адмирал Џузепе Каво Драгоне и началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Турција, генерал Метин Гурак , на кои се разговараше на теми од взаемен интерес и заеднички активности.

На средбата со адмиралот Џузепе Каво Драгоне, на генералот Ѓурчинувски му е доделено највисокото воено признание на италијанските вооружени сили како потврда за одличната билатерална соработка и придонесот за развој на сојузништвото, особено за заедничкото учество со италијанските вооружени сили во мисијата КФОР и во контингентот за зајакната будност во Бугарија.

На ова 191-во заседание на ВК, по воведните обраќања на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и претседавачот на ВК, адмирал Роб Бауер, на две сесии од страна на командантот на Врховната команда за трансформација, генерал Филип Лавињ и командантот на Врховната Сојузничка команда за операции, генерал Кристофер Каволи се презентирани конкретни насоки за имплементација на плановите во конкретни домени.

Исто така е разгледуван напредокот во имплементација на Алијансата во однос на спектарот планови за одвраќање и одбрана, усвоени на претходниот НАТО самит, кои дискусии ќе бидат основа за подготовка за претстојниот самит кој ќе се одржи во Вашингтон оваа година.

На сесијата на Советот НАТО – Украина се дискутирало за агресијата на Русија над Украина, актуелната ситуација на теренот и континуираната поддршка за Украина која се обезбедува од страна на НАТО.

Заклучоците од собранието се соопштени на попладневната заедничка прес-конференција на адмиралот Бауер и генералот Каволи.

Воениот комитет на ниво на началници на Генералштабови одржува два редовни состанока во текот на годината, а еднаш годишно се среќаваат во една од сојузничките земји членки.

Канцеларија за воени односи со јавноста

Тошковски: Да се фокусираме на професионалноста, а не на етничкиот предзнак

Никогаш во животот не му значело дали е некој Македонец, Ром, Бошњак, Турчин или Србин, туку колку си ја знае работата и колку е професионален.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска порача дека кога станува збор за вработувањата и назначувањата во институциите, но и генерално, во сите општествени сфери, приоритет мора да бидат знаењето, капацитетот и професионалноста, а не етничкиот предзнак.

Како што нагласи на прес-конференција, одговорајќи на новинарско прашање колкав е бројот на Албанци на управувачите позиции во МВР, никогаш во животот не му значело дали е некој Македонец, Ром, Бошњак, Турчин или Србин, туку колку си ја знае работата и колку е професионален.

-Пред вас господинот што седи е Албанец и од мене е назначен за помошник министер, но не поради неговиот етнички предзнак, туку зашто има огромно искуство во МВР и огромен професионален капацитет. Од него очекувам да даде многу во она што ќе следи во насока на професионализација на полициските службеници. Кога зборуваме на тема МВР, професионални стандарди и потреба на граѓаните, не треба да зборуваме од аспект на етнички предзнак. Никогаш не ми значело кога одам на лекар дали докторот е Албанец, Ром, Бошњак. Макеодонец, Србин, Турчин, Англичанец,... Никогаш не ми значело кога одам на судење, дали судијата е Ром, Влав, Турчин, а секогаш ми значаело дали е професионален, колку знаење и капацитет има. Така треба да ги гледаме работите, рече Тошковски откако претходно се осврна на сработеното во изминатите 100 дена.

Потоа соопшти и конкретни бројки за етничката застапеност во Министерството.

-Во рамки на управните служби во Скопје 51,96 отсто се Македонци, 39,37 се Албанци, а 8,67 проценти се од друга националност. Во ОУР Тетово има 23,6 отсто Македонци, 66,29 проценти Албанци, а во ОУР Куманово 52,83 отсто Македонци, 45,28 отсто Албанци и 1,89 други националности. Мора да се фокусираме на професионалноста за добото на народот, подвлече министерот.

ВМРО-ДПМНЕ: 7 години СДС и Филипче беа фабрика за скандали и афери

СДС е во целосен хаос и без компас, наместо да манипулираат со јавноста да си ја консолидираат партијата.

7 години СДС и Филипче беа фабрика за скандали и афери.

7 години СДС не купи ниту едно противпожарно возило, во време на СДС пожари се гасеа со децениски стари возила. Бесмислени се соопштенијата на СДС кои направија историски грабеж и ја оставија празна државната каса.

СДС ја остави државата без пилоти, па мораше да се носат пензионирани пилоти и да се потпишуваат договори со нив за да можат авионите да летаат и да се гасат пожарите.

Апсурдно е СДС да зборува за одговорност и безбедност а во редови на СДС се уште седат бандити и криминалци.

СДС е демолирана партија во чии структури владее хаос и немаат расчистено со криминалот во сопствените структури.

СДС најмалку има право да зборува за безбедноста бидејќи во нивно време криминалци и бандите владееа со улиците.

Денес за разлика од претходно постои одговорност. За прв пат се фатени сторители на убиство во центарот на Скопје. Со СДС имаше пукања и убиства а сторителите никогаш не беа фатени и се шетаа слободни.

Сега за разлика од претходно се делува веднаш, а криминалците не гледаат повеќе соработник со МВР како што беше во времето на Спасовски.

Сега пред се има одговорност за секого а во време на СДС полицајци беа тепани од функционери на ДУИ па мораа да даваат изјави дека се удриле од пајак службата на ЈП Паркинзи.

СДС наместо да ја манипулираат јавноста, да си ја консолидираат партијата на која што рејтингот и е во слободен пад.

Неспособноста завршува со нив, работиме 100 проценти одговорно за твојата иднина!

ВМРО-ДПМНЕ

Фич: Курсот на денарот и банкарскиот сектор остануваат стабилни

Курсот на денарот е стабилен, а нивото на девизни резерви е адекватно за понатамошно успешно спроведување на стратегијата на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото. 

Показателите за банкарскиот сектор, исто така ја потврдуваат неговата здравост и стабилност. Ова се заклучоците за монетарниот дел во извештајот на агенцијата за кредитен рејтинг Фич, во кој го потврдува кредитниот рејтинг на земјава на ББ+ со стабилен изглед.

Во извештајот се наведува дека курсот на домашната валута останува стабилен и се нотира заложбата и капацитетот на Народната банка за задржување на оваа стратегија и во следниот период. Нивото на девизните резерви е оценето како соодветно, со 4,5 милијарди евра во август годинава, при што во однос на надворешниот сектор како позитивна карактеристика се констатира и значајната улога на странските директни инвестиции во финансирањето на дефицитот на тековната сметка.

Агенцијата за кредитен рејтинг Фич констатира дека банкарскиот сектор е стабилен, односно добро капитализиран и ликвиден. Според Агенцијата, воведувањето на макропрудентните мерки во 2023 година доведе до понатамошно зајакнување на отпорноста на банкарскиот сектор и до извесна стабилизација на растот на станбените кредити на околу 10%, како и на одредено олабавување на растот на цените на недвижнините. Зголемувањето на противцикличниот заштитен слој на капиталот придонесе кон унапредување на отпорноста на банкарскиот сектор.

притисни ентер