Во соопштението по седницата што го објавија од Советот на нивната веб страница, стојат само имињата на новоизбраните, но нема образложение за одлуката.
Бубевски, кој се споменуваше и акко можен наследник на Јовески на местот државен обвинител, стана познат на македонската јавност по неколкуте случаи што ги застапуваше како обвинител во СЈО.
Меѓу нив се „Насилство во Општина Центар“ во кој екс премиерот Никола Груевски беше осуден на година и пол затвор, пресуда што во ноември ја потврди и Апелација. Бубевски ги застапуваше и случајот Монструм во повторената постапка, како и Титаник 3 во кој се обвинети функционерите од ДУИ Ејуп Аљими и Исмет Гури.. Овој случај падна на Апелација, и ќе почне од почеток.
Инаку, скопското обвинителство остана без шеф откако Сашо Рајчев во април лани беше избран за виш обвинител. За в.д јавен обвинител на Скопското обвинителство беше назначена Елизабета Павловска која исто како и обвинителот Ермон Незири, беа во трката за шеф на Скопско обвинителство.
Уште еден поранешен колега на Бубевски, од сега згаснатото СЈО, обвинителот Стевчо Донев, заминува во штипското обвинителство. Познат е по тоа што ги водеше случаите Тендери и Триста.
Советот на јавните обвинители го избра и обвинителот Бесир Алиу за шеф на ЈО Тетово. Алиу е еден од обвинителите кои ја водат истрагата за пожарот во тетовската модуларна Ковид болница.
Иако се пополнуваат позиции во обвинителствата, главна забелешка на Советот на ЈО во изминатиот период беше дека кадар недостасува во најголем дел од обвинителствата во земјава.