Собранискиот спикер Африм Гаши тврди дека тој не е човекот кој може да каже што точно се случувало вчера на скопскиот аеродром со инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи кога таа одбила безбедносни проверки, а тоа што неговото обезбедување се вмешало, според него, било обид за да се смират страстите и да се избегне, како што рече, дипломатски скандал.
За тоа каков дипломатски скандал можел да настане, Гаши не одговори конкретно. Доколку некој ги пречекорил овластувањата според него треба да одговара, но не смета дека тој ги прекршил надлежностите со тоа што неговото обезбедување интервенирало, како што рече, за да ја смири ситуацијата на аеродромот. На новинарско прашање дека има различна верзија со МВР од каде велат дека е пријавен инцидент, Гаши рече дека кажал се што требало да се каже и имало соопштенија и од неговиот кабинет и од Министерството.
-Моето обезбедување отишло да се смири ситуацијата и ако некој сака да смири нешто и ако сака некој од тоа да гледа да направи тенденција тоа е до тие луѓе. Мојата заложба и денеска и вчера и секогаш била и ќе биде да смирувам да зближувам и да работиме за сите граѓани, а не да делиме и да правиме инциденти...
Новинар: Посоченото лице сè уште работи кај вас во обезбедувањето?
Гаши: Кое посочено лице?
Новинар: Од МВР велат дека има пријавено лице.
Гаши: А кое е тоа лице?
Новинар: Јас не го кажав со име, не знам само прашав?
Гаши: Кога не знаете зошто прашувате дека имало одредено лице? Значи немало“ , изјави Гаши.
Реагираше опозицијата. Според лидерот на СДСМ Венко Филипче, јавноста е во целосна конфузија по вчерашните случувања, откако сите страни излегоа со своја верзија на настанот и побара негово целосно расчистување.
-Недозволиво е за една ваква сериозна работа да нема официјално соопштение од МВР. Се добива впечаток дека некој сака да ја сокрие вистината. Апелираме во што поскоро време МВР да истражи што се случило и со вистински информации да ја информираат јавноста, граѓаните тоа го заслужуваат. Има неколку верзии кои вчера се пренесуваа во медиумите, од Кабинетот на косовската претседателка случајот се опишува како дипломатски скандал, друг е ставот на собранискиот претседател Африм Гаши, а официјалното МВР никаде го нема, изјави Филипче.
Од ДУИ го осудија, како што го нарекуваат, дипломатскиот скандал кон косовската претседателка.
-Скандалозна е и инволвираноста на шефот на обезбедувањето на нелегитимниот претседател на Собранието Африм Гаши во инцидентот, и продлабочувањето на истиот, без никаква надлежност, без да биде повикан и без право, а тоа гласно говори за мизерната и вазална позиција на нелегитимната албанска застапеност во моноетничката влада, се вели во соопштението од ДУИ.
Синоќа од Кабинетот на Вјоса Османи, а денеска од косовското МНР преку соопштение изразија загриженост за инцидентот, нарекувајќи го недостоинствен односот на обезбедувањето на скопскиот Меѓународен аеродром кон претседателката.
Со реакција се јавија и од косовската опозиција. Од Демократската партија на Косово велат дека Османи станала како каубој на Тексас и бараат таа да каже што имало во торбата што според македонските медиуми одбила да ја отвори?
Со став се огласи и професорката Мирјана Најчевска според која доколку имало некаков проблем, лицето од амбасадата задолжено за претседателката треба да реагира до МНР кое е единствено надлежно за разрешување на вакви ситуации, а вмешувањето на обезбедувањето на Гаши е спротивно на законите и вели треба да биде соодветно санкционирано.