Француската ултрадесничарка Марин Ле Пен е ослободена од обвиненија за говор на омраза

Лидерката на француската крајна десница, Марин Ле Пен е ослободена од обвинението дека го прекршила законот за говор на омраза објавувајќи фотографии од злосторствата на Исламската држава на Твитер кон крајот на 2015 година.

Ле Пен објавила три фотографии, вклучително и од телото на американскиот новинар Џејмс Фоли, кого џихадистите го обезглавија откако истакнатиот телевизиски новинар ја спореди нејзината партија со Исламската држава.

Ле Пен рече дека ги објавила фотографиите за да ја докаже апсурдноста на споредбата и негирала дека направила нешто лошо, велејќи дека судењето било политички мотивирано.

Судот во Нантер заклучил дека начинот на кој Ле Пен ги објавила фотографиите на Интернет, без нивно изобличување, е за информативни цели, дел од политички протест и со тоа придонесува за јавна дебата.

Во пресудата, што и била дадена на увид на агенцијата ДПА, се вели дека прогласувањето објавување на фотографии за кривично дело би било непропорционално мешање во слободата на изразување, со оглед на контекстот.

Адвокатите на Ле Пен по сослушувањето рекле дека слободата на изразување е заштитена со оваа судска одлука.

Анкетите покажуваат дека Ле Пен ќе биде главниот противник на претседателот Емануел Макрон на изборите следната година.

Таа беше обвинета според член од кривичниот законик што забранува ширење насилни пораки што можат сериозно да го нарушат човечкото достоинство.

Обвинителите барале парична казна од 5.000 евра, далеку помалку од максималната казна затвор од три години или парична казна од 75.000 евра.

Затворени ковид-центрите во неколку клиники

Затворени ковид-центрите во неколку клиники, во Институтот за физикална терапија и дел од капацитетите во болниците.

Поради намалениот број пациенти со Ковид-19 од изутрината се затворени ковид – центрите во неколку клиники во Скопје и дел од капацитетите за ковид пациенти во болниците во другите градови, соопшти Министерството за здравство.

Затворени се ковид – центрите на клиниките за кардиологија, за ОРЛ, за очни болести и Институтот за физикална терапија.

Од почетокот на неделава без ковид – пациенти се и Клиниките за урологија и Пластична хирургија кои веќе почнаа со редовен хируршки програм. Во петок ќе се затвори и ковид – центарот на Клиниката за трауматологија при ТОАРИЛУЦ, а од понеделник Клиниката за ортопедија и Клиниката за трауматологија почнуваат со редовен хируршки програм, стои во соопштението.

Малолетен пешак повреден во Теарце, бил удрен од возило

Малолетник кој како пешак се движел по патот Отушиште-Теарце бил удрен од возило вчера околу 17 часот.  Поради повредите бил однесен во тетовската болница за укажување на лекарска помош.

-На локалниот пат што ги поврзува тетовските села Отушиште и Теарце, вчера околу 17 часот, патничко моторно возило „Фолксфаген голф" со тетовски регистарски ознаки управувано од 26-годишниот Н.И. од Теарце, удрило во малолетен пешак од истото село.

Портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски информира дека повредениот пешак пренесен е во тетовската Клиничка болница за укажување на лекарска помош.

На местото на незгодата увид извршила екипа од Секторот за внатрешни работи Тетово.

Објавени седум повици за финансиска поддршка за угостителскиот и туристичкиот сектор

Објавени се седум јавни повици за финансиска поддршка за угостителскиот и туристичкиот сектор. 

Јавните повици се однесуваат на туристичките агенции, туристичките водичи, естрадните уметници, компаниите организатори на настани, игротеките, приватните детски одмаралишта, кабареата, ноќните клубови, диско клубовите и рестораните за свадби.

Јавните повици се усвоени на вчерашната владина седница, а се дел од шестиот антикризен пакет, тежок 17,8 милиони евра, со кој се очекува да се поддржат околу 10 илјади компании кои вработуваат околу 60 илјади граѓани.

– За сите овие јавни повици како основа за пресметка на поддршката ќе се земаат просечните месечни приходи остварени во 2019 година. Висината на поддршката се пресметува како износ од 30 проценти од просечниот месечен приход. Дополнително, секој регистриран активен субјект ќе добие финансиска поддршка во износ од 15.200 денари по вработен според бројот на ефективни работни часови со пресек на 31.12.2020 година, појасни министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција во Владата.

Кај туристичките агенции, износот на средства ќе се движи од 60.000 до 300.000 денари, а ќе зависи од остварениот вкупен приход и бројот на вработени во 2019 година, како и од видот на лиценцата.

Така, за туристичка агенција со Б лиценца која имала вкупни приходи до еден милион денари, грантот ќе биде во износ од 60 илјади денари, а за туристички агенции со вкупен приход од еден милион до 2,5 милиони денари, грантот ќе изнесува 90.000 денари. Туристичките агенции кои имале вкупен приход над 2,5 милиони денари ќе добијат грант од 120 илјади денари.

Кај туристичките агенции со А лиценца, оние кои прикажале вкупни приходи во 2019 година до милион денари, ќе добијат грант од 100 илјади денари, оние кои имале приходи до 2,5 милиони денари, ќе добијат 200 илјади денари, додека оние кои имале приходи над 2,5 милиони денари, ќе добијат грант од 300 илјади денари.

Освен туристичките водичи и естрадните уметници, сите останати компании кои на 31 декември лани имале намален број на вработени во однос на почетокот на годината, ќе треба да вратат 50 проценти од доделената финансиска поддршка. Доколку, пак, го задржале истиот број на вработени, ќе треба да вратат 20 проценти од финансиската поддршка, а ако го зголемиле бројот на вработени, тогаш нема да има потреба да ја враќат добиената финансиска помош.

Во однос на реакцијата на Независната угостителска комора дека со шестиот пакет мерки нема да бидат опфатени сите угостители, Бектеши рече дека нивните барања ќе бидат разгледани. Тој лично не се согласува со оценката дека нема да бидат опфатени најголемиот дел од регистрираните угостителски субјекти.

– Имајќи предвид дека во нашата држава има регистрирано околу 6.000 угостителски субјекти со главна дејност, а веќе имаме над 5.000 апликации, јас не мислам дека условите не се прифатливи за повеќето бидејќи интересот е многу голем, рече Бектеши.

Наскоро се очекува да се најде решение и за фитнес центрите и фотостудијата. Веќе следната недела на владина седница, како што најави генералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири, се очекува да се најде решение и за овие две дејности.

– Фитнес центрите секако се во план и се надеваме дека на наредната владина седница ќе се објави повик за аплицирање за поддршка. Ќе бидат опфатени и фотостудијата, изјави Зеќири.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2020 е забележан пад на бројот на странски туристи за дури 84,4 проценти, додека кај домашните туристи падот е 18,3 проценти.

притисни ентер