Франција ја разгледува можноста за продолжување на употреба на нуклеарките за уште 60 години

Француското претседателство денеска одобри да се разгледа можноста за продолжување на животниот век на нуклеарните реактори до 60 или повеќе години, доколку дозволуваат безбедносните прописи.

Информацијата уследи откако претседателот на Франција, Емануел Макрон претседаваше со првиот од низата состаноци за нуклеарна политика.

Макрон претходно ги објави плановите за изградба на најмалку шест нови реактори до 2050 година.

Франција околу 70 отсто од потребата за електрична енергија ја добива од нуклеарните централи.

Изгореа складишта за нафта во Ростовската област по напад со дронови

Складишта за нафта горат по напад со дронови рано утринава во градот Азов, што се наоѓа во руската Рорстовска област, соопштија руските власти.

-Според прелиминарните податоци, нема жртви, напиша гувернерот на Ростовската област, што граничи со Украина, Василиј Голубев на Телеграм.

Руското Министерство за вонредни ситуации објави на Телеграм дека десетици пожарникари се вклучени во гаснење на пожарот.

Засега западни медиуми не можат да ја потврдат информацијата и дека од Украина нема информации. Киев често вели дека ударните локации на руската енергетска, воена и транспортна инфраструктура негативно влијаат на воените способности на Москва.

Градот Азов се наоѓа на реката Дон, на околу 16 километри од Азовското Море./МИА

Најмалку тројца ранети и осум уапсени демонстранти пред резиденцијата на Нетанјаху во Ерусалим

Најмалку три лица се повредени, а осум се уапсени доцна синоќа во Ерусалим во жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата пред приватната резиденција на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, објавија израелските медиуми.

Според „Тајмс оф Израел“, полицијата употребила водени топови за да ги растера демонстрантите. Илјадници демонстранти излегоа на улиците на Ерусалим претходно за да го изразат својот протест против владата на Нетанјаху поради неуспехот да постигне договор за заложниците, јави ДПА.

На протест пред зградата на Кнесетот (израелскиот парламент) демонстрантите повикаа на предвремени избори, како и на договор за олеснување на ослободувањето на преостанатите израелски заложници кои се држат во Појасот Газа.

Владата на Нетанјаху ја сочинуваат неговата десничарска верска партија Ликуд, како и екстремно десничарски и ултра-религиозни коалициски партии. /МИА

Новата рекламна кампања на Бајден вредна 50 милиони долари е насочена кон осудата на Трамп

Предизборниот штаб на американскиот претседател Џо Бајден ќе се фокусира кон пресудата за кривично дело на републиканскиот противкандидат Доналд Трамп во кампања од 50 милиони долари пред првата претседателска дебата меѓу двајцата кандидати на 27 јуни

Тоа е еден од најголемите трошоци за рекламирање на кампањата досега и означува голема промена во пристапот на Бајден кон признавањето на вината на Трамп по првичното колебање на претседателот да донесе одлука за ова прашање за да избегне вмешаност во правните проблеми на поранешниот американски претседател.

„Репутацијата е важна“ е слоганот на рекламата од 30 секунди во која се вели дека „овие избори се меѓу осудениот криминалец кој се бори за себе и претседателот кој се бори за вашето семејство“, правејќи спротивставеност меѓу двајцата кандидати.

Видеото ќе се емитува во сите клучни држави, како и во оние каде што републиканците и демократите си разменија пратенички места на последните избори.

На 30 мај, Трамп беше прогласен за виновен од поротата во Њујорк по 34 точки од обвинението за фалсификување деловни документи.

-Нечесниот Џо Бајден и демократите го користеа правосудниот систем како оружје против претседателот Трамп, а оваа нова реклама уште еднаш докажува дека лажното судење отсекогаш имало за цел да се меша во изборите, но Американците можат да го сфатат тоа, напиша на социјалните мрежи портпарол на кампањата на Трамп на мрежата „Х“.

Бајден и Трамп остануваат изедначени во анкетите на помалку од пет месеци пред изборите, но Трамп има предност во клучните држави кои ќе одлучуваат за изборите./МИА

притисни ентер