Турскиот совет за информатичка технологија и комуникации им забранил на локални компании и поединци да рекламираат на овие платформи. Огласувачите се соочуваат со парична казна од еден милион турски лири (околу 135 000 американски долари) за сторено такво дело. Самите мрежи веќе се казнети со 30 милиони лири (четири милиони долари) за неименување претставник.
Според законот од 2020 година, компаниите кои обезбедуваат интернет услуги и имаат повеќе од милион корисници во Турција, треба да назначат барем еден официјален претставник во таа земја, кој мора да биде турски државјанин. Анкара објаснува дека е потребен за брзо и ефикасно отстранување на содржините што ги кршат нивните закони.
За одбивање да се отвори претставништво, се предвидуваат големи казни и намалување на опсегот на комуникациските канали во земјата за прекршителите до 90 проценти.
Во моментов е нејасно како раководството на Твитер, Пинтерест и Перископ реагира на одлуката на Анкара и дали ќе размислат за отворање канцеларии.
Вчера турскиот заменик министер за транспорт и инфраструктура, Омер Фатих Сајан изјави дека Фејсбук и Инстаграм ја испочитувале наредбата на владата и назначиле претставници. Тој им се заблагодарил на овие компании и истакнал дека очекува слични потези и од другите.
Според Сајан, намалувањето на опсегот на комуникациските канали за прекршителите „е мерката што властите најмалку сакаат да ја преземат“.