Финската владејачка партија го поддржа приклучувањето кон НАТО

Владејачките социјалдемократи во Финска го поддржаа пристапувањето на земјата во НАТО, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на партијата по специјалниот состанок.

Со овој потег, Финска е чекор поблиску до пристапување во НАТО, откако претседателот Саули Ниинисто и премиерката Сана Марин минатата недела ја изразија својата поддршка.

Одлуката на социјалдемократите значи дека во финскиот парламент има големо мнозинство кое се залага за влез во НАТО, што е одлука донесена од владата, но бара и одобрение од парламентот. Марин ја повтори својата поддршка за влез во НАТО за време на денешниот говор пред партиските претставници, велејќи дека Русија покажала дека не ги почитува меѓународните договори, пишува Yle. Таа додаде дека од тоа може да се извлече само еден заклучок, а тоа е дека е време за влез во НАТО.

Финска до утре би можела да објави одлука дали да се приклучи на НАТО.

О. Кавадарци утре ќе одржи јавно извлекување на граѓани за субвенции за купување на велосипед

Градоначалникот на Општина Кавадарци денеска преку својот профил на фејсбук ги информира своите сограѓани дека  утре во просториите на општината ќе се одржи јавно извлекување  на граѓани за субвенции на дел од трошоците за купување на велосипед 

-Утре во 13:00 часот во големата сала на Општина Кавадарци, ќе се одржи јавното извлекување за надомест на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на град Кавадарци, за купување велосипеди за 2022 година.

Секој што сака има поднесено барање за надомест за велосипед може да присуствува, напиша градоначалникот Јанчев на Фејсбук.

Куманово избира економски оператор за авионско прскање против комарци

 Општина Куманово објави оглас за избор на економски оператор за авионско прскање против комарци, соопштија денеска надлежните.

Заинтересираните субјекти покрај општите документи треба да достават и документ за регистрирана дејност, како доказ дека се регистрирани како физичко или правно лице за вршење на дејноста поврзана со предметот на договорот за јавна набавка или доказ дека припаѓа на соодветно професионално здружение согласно со прописите на земјата каде што е регистриран, копија од уверение за работа за вршење на специјализирани услуги со воздухоплов издадено од Агенција за цивилно воздухопловство на РСМ.

Јавниот повик трае до јуни годинава, а избраниот оператор има рок од 60 дена да спроведе авионско прскање против комарци.

Општина Куманово на почетокот од април, избра оператор за запрашување против инсекти, дезинсекција, дератизација против крлежи, лебарки и комарци, информираа од Одделението за јавни набавки. Општината од буџетот одвои милион денари без вклучен данок на додадена вредност за вршење на оваа дејност.

Лани и претходните години со посебен тендер беше избрана и компанија за авионска дезинсекција.

Ангеловска-Бежоска на „Еуромани"

Главната цел на монетарната политика во криза е зачувување на стабилноста.

Главната цел на монетарната политика за време на пандемијата, како и сега со новите предизвици коишто ги донесоа енергетската криза и војната во Украина е зачувувањето на стабилноста. Иако двете кризи се од различна природа и бараат различна реакција и поставеност на монетарната политика, крајната цел е иста ‒ зачувување на макроекономската стабилност. Ова го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на панел-дискусијата „Реобмислување на улогата на централните банки" во рамките на Форумот на Централна и Источна Европа, организиран од „Еуромани".

На панел-дискусијата на која учествува гувернерката Ангеловска-Бежоска, насловен „Реобмислување на улогата на централните банки", учествуваат и гувернерот на централната банка на Грузија, Коба Гвенетаџе, на Хрватска, Борис Вујчиќ, на Албанија, Гент Сејко, член на Одборот на централната банка на Чешка, Војтек Бенда, како и вицегувернерот на централната банка на Унгарија, Михали Патали.

Гувернерката, како што е наведено во соопштението од Народната банка, во својата дискусија се осврна на поставеноста на монетарната политика за време на кризата предизвикана од КОВИД-19.

-За зачувување на стабилноста, во време кога економската активност беше значително забавена, а финансиските пазари затегнати, олабавувањето на монетарната политика придонесе за надминување на ликвидносниот шок. Позитивниот контекст е тоа што во оваа криза влеговме со здрави фундаменти, повисоки девизни резерви, немаше поголеми финансиски одливи и одливи на капитал, а исто така добивме и пристап до репо-линијата од Европската централна банка, односно пристап до дополнителна девизна ликвидност, посочи таа.

Одржувањето на стабилноста, според неа, е насоката на монетарната политика и во тековната криза. -Иако ценовните притисоци дојдоа од страната на понудата преку растот на цените на примарните производи на меѓународните пазари, поради распространувањето на ефектот врз другите цени и зголемувањето на инфлациските очекувања, централните банки започнаа со нормализирање на политиките. Целта е да се придонесе за намалување на инфлациските очекувања и стабилизација на притисоците, вели гувернерката.

Ангеловска-Бежоска во својата дискусија нагласи дека тековната ситуација носи дополнителен предизвик за земјите со фиксен девизен курс, преку ефектите на девизниот пазар. Народната банка, како и останатите централни банки со ваква монетарна стратегија, преку одржување на стабилноста на девизниот курс, придонесува за помали инфлациски притисоци имајќи ја предвид високата увозна изложеност.

На крајот од својата дискусија, гувернерката Ангеловска-Бежоска заклучи дека земјите коишто имаат слична структура како нашата и монетарен режим, треба да продолжат со претпазливи макроекономски и структурни политики коишто ќе ги намалат ранливостите и ќе обезбедат заштитни механизми за справување со шоковите. Исто така, во вакви услови на големи надворешни шокови, за малите и отворени економии е битно да имаат соодветна финансиска поддршка од меѓународните финансиски институции.

Традиционалната конференција на „Еуромани" е настан на којшто водечките експерти од финансиските пазари и носителите на политиките имаат можност да дебатираат и да ја анализираат економската иднина на регионот од Централна и Источна Европа (ЦИЕ). На настанот редовно присуствуваат голем број учесници: гувернери на централни банки, министри за финансии, раководители на финансиски институции и инвеститори, кои разговараат за главните предизвици на носителите на политиките и економиите, а оваа година со посебен осврт на предизвиците коишто произлегуваат од пандемијата.

притисни ентер