НАТО и кажа добредојде на 31-та земја членка. Финска од денеска се приклучува на Алијансата, откако доби зелено светло од Турција по 11 месеци од апликацијата. Церемонијата во Брисел попладнево има причина за двојно славје, зашто се совапаѓа и со 74-годишнината од основањето на НАТО. Генералниот секретар Столтенберг порача дека од денеска Финска е побезбедна земја.
-Кога Путин ја донесе одлуката за инвазија врз Украина, сакаше помалку НАТО на границите. Сакаше да ја затвори вратата на НАТО за да нема повеќе членство во НАТО за други земји во Европа. Но, се случи токму спротивното. , изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
Со членството на Финска сериозно се менува и безбедносниот пејсаж кон Русија. 1.300 километри долгата финска граница со Русија ќе ја удвои границата на НАТО кон Москва, која сега од север ќе се протега се до југ до Турција. Москва предупреди дека приемот на нејзината западна сосетка е напад врз безбедноста на Русија, што ќе повлече контрамерки, без да се наведе какви.
-Наскоро Финска станува членка на Алијансата. Се разбира, тоа создава ризик за значително проширување на конфликтот, но тоа нема да влијае на исходот на специјалната операција. , изјави Сергеј Шојгу, министер за одбрана на Русија.
Во Брисел е и шефот на македонската дипломатија Османи, а хибридните и сајбер закани со кои се соочува Македонија во изминатиот период беа тема на синоќешната прес-конференција на Столтенберг. Тој изјави дека при неодамнешната посетата на тимот НАТО експерти во Скопје, биле договорени краткорочни и долгорочни мерки.
-Поддршката што НАТО и сојузниците се подготвени да ја обезбедат за Македонија, се состои од техничка поддршка и посилна соработка во борбата со дезинформациите. Воедно би сакал да ја пофалам македонската влада за брзата и детална работа во развивањето на програмата за соработка што ја договоривме. , изјави синоќа Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
Влез во НАТО чека и Шведска, чие членството засега го блокира Анкара која го обвинува Стокхолм дека им пружа засолниште на членови на Курдската работничка партија.