Само по препорака на Комисијата за заразни болести, може да се одложи пописот – одговорија од Владата и Државниот завод за статистика, иако претседателот на комисијата Караџовски рече дека таквиот чекор може да биде само политички. Од Владата уверуваат дека пребројувањето ќе биде безбедно за граѓаните и гарантираат строги протоколи со оглед на здравствената состојба. Затоа, велат, се прават последни подготовки процесот да почне од први април според планот.
„ Апсолутно ќе се следат препораките на Комисијата за заразни болести, како и за многу други случаи во однос на безбедносни ризици. Во овој момент сите сили се насочени кон тоа да се почитуваат протоколите и да се реализира пописот.
Досега биле попишани 82 илјади македонски државјани во странство, најмногу во Швајцарија, Германија и Италија. Од Државниот завод за статистика тврдат дека тивкиот бојкот на дијаспората стивнува и иселениците самите почнале да повикуваат на попишување. Веруваат дека негативната кампања нема да се одрази на пописот во земјава, а за сите ковид-позитивни и хоспитализирани граѓани ќе се координираат со “Мој термин”.
„ Доколку се најде некој прозорец кај што може да се попише лицето додека траат пописните активности тоа ќе го направиме, во спротивно доколку целиот период лицето е во изолација ќе се обидеме преку неговото семејство. Лицата кои се лекуваат во болнички услови, ќе бидат попишани од членовите на нивните семејства.
Првата фаза од пописот во затворите, АРМ и бездомниците поминала безбедно, соопштија од Министерството за правда. Никој досега не пријавил дека е заразен за време на попишувањето.
„ Можевме на терен да видиме дека протоколите функционираат. Во ниту еден затвор не се појавија новозаразени од корона вирусот, како последица од попишувањето. Треба да се има на ум дека ова се одвиваше во затворени простории и во вакви околности видовме дека протоколите засега добро функционираат.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ е против одржување на попис во време на пандемија. Со низа забелешки, нивната пратеничка група во Собрание предложи Закон за поништување на пописот, кој е ставен на дневен ред на седницата во вторник.