Филипче: Со гранковиот синдикат имаме одлична комуникација

Не би се сложил дека комуникацијата со гранковиот синдикат е расипана. 

Напротив, имаме одлична комуникација и целосно се известени и информирани за динамиката која ја планиравме за следниот период, изјави министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на јавната дебата „Јавно приватно партнерство како економски модел за инвестирање".

– Денеска имав средба со претставници од гранковиот синдикат во однос на вклученост и анализа на резултатите од физибилити студиите. Сето тоа друго што беше предмет на дискусија во однос на следната динамика,зголемување на платите и на решение за паркинг просторот во рамки на Клинички центар е нешто на што активно се работи во целиот овој изминат период, со динамика што ја наметнува некогаш спората администрација и сите тие административни процедури, но сето тоа е во тек. Сега се планираат и интервенции во смисла на ребаланс на буџетот, но и некои проекции за буџетите за следната година. Во моментот кога ќе имаме конкретни податоци ќе бидат известени за се. Континуирана е комуникацијата со сите претставници на синдикатите и здруженијата, рече Филипче.

Именувани тројца судии и двајца бранители на Судот на правдата на ЕУ

Комитетот на постојани претставници на земјите членки на ЕУ (КОРЕПЕР) именуваше тројца судии и двајца бранители на Европскиот суд на правдата. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, станува збор за Германецот Томас фон Данвиц и Летонката Инета Зимеле, кои се реизбрани за судии, како и за Французинот Стефан Жервасони, кој првпат е именуван за судија на Судот на правдата.

Членовите на КОРЕПЕР, исто така, го реизбраа Французинот Жан Ришар де ла Тур за бранител во Судот, а на ова должност во прв мандат е именуван и Луксембуржанецот Дин Шпилман.

Именувањата се извршени во рамки на процесот на делумна обнова на составот на Судот на правдата на ЕУ. Мандатите на петмината именувани ќе траат од 7 октомври 2024 година до 6 октомври 2030 година.

Судиите и бранителите на Судот на правдата на ЕУ се назначуваат со согласност на владите на земјите членки на Унијата, по консултации со посебен панел одговорен за давање мислење за соодветноста на потенцијалните кандидати за извршување на должностите. Тие се избираат од редовите на истакнати правници, кои претходно извршувале високи функции во правосудните системи на своите матични земји.

Баерн го вброи Емери во кандидатите за тренерската позиција

Актуелниот бундеслигашки шампион Баерн Минхен размислува за следната сезона на тренерското место да го донесе предводникот на Астон Вила, Унаи Емери.

Според „TZ“ тренерот на Баер Леверкузен, Чаби Алонсо е главна цел на клубот од Минхен, но поради силниот интерес за Шпанецот од Ливерпул, кој на крајот на сезоната ќе го напушти Јирген Клоп, германскиот клуб размислува за други опции.

Претходно беше објавено дека Баерн размислува и за Роберто Де Зерби од Брајтон, како и за селекторот на германската репрезентација Јулијан Нагелсман.

Во февруари, Баерн најави заминување на главниот тренер Томас Тухел од клубот на крајот на сезоната 2023/24.

Џафери – Коцевски: Ефикасност од институциите за фер избори

 Претседателот на техничката Влада Талат Џафери денеска се сретна со јавниот обвинител на Република Македонија Љупчо Коцевски.

Средбата се реализираше на барање на премиерот Џафери, согласно законската надлежност на Владата за организирање фер и демократски избори, соопшти владината прес-служба.

Џафери на состанокот ја истакна недвосмислената определба на Владата за реализација на избори коишто ќе ја одразат реалната волја на граѓаните. Притоа, посочи дека активностите на Владата се одвиваат според законските надлежности, а лично тој и претставниците на Владата се водат од наратив за позитивна клима во предизборието.

Од страна на јавниот обвинител Коцевски беше поздравена оваа иницијатива на премиерот Џафери, која е во насока на координирање на активностите за успешно спроведување на изборите, со поддршка од сите институции кои се дел од овој процес. Коцевски изрази целосна поддршка за активностите за препознавање индиции и пресретнување на евентуални дела спротивни на заложбите за спроведување законски и фер изборни процеси.

Заеднички е констатирано дека двојните избори во државава се од исклучителна важност во рамки на очекувањата за напредок на Република Македонија во евроинтеграцискиот процес. И во таа насока е потенцирана улогата на сите надлежни институции и потребата од ефикасно дејствување, со цел спроведување фер и демократски изборни процеси. Нагласено беше очекувањето од двете страни, дека сите учесници во изборите го согледуваат својот дел од одговорноста и ќе придонесат во поттикнувањето и одржувањето атмосфера на конструктивност, се вели во соопштението од владината прес-служба.

притисни ентер