Филипче: Сега е исклучително важно да се почитуваат сите мерки

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на редовната прес-конференција информираше дека денеска во Министерството за здравство се отвораат понудите за респираторни машини .

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на редовната прес-конференција информираше дека денеска во Министерството за здравство се отвораат понудите за респираторни машини - постапка во којашто предност се дава на рокот на испорака. Исто така, почнува уште една постапка за набавка на три илјади реагенси за лабораторијата на Институтот за јавно здравје.

На прес-конференцијата, министерот Филипче потенцираше дека е објавена и листата на донатори. Тој изрази благодарност до сите компании и поединци кои донираа. На сметката на којашто се донираат парични средства собрани се близу 60 милиони денари и сите средства ќе бидат употребени за набавка на материјали за третманот на пациентите заболени од коронавирус.

„На Клиниката за инфективни болести се примени пет нови пациенти. Во моментов, вкупниот број изнесува 68. Со потешка клиничка слика се 20 пациенти, а седум се во критична состојба - приклучени на респираторна машина. Примени се мајка и четиримесечно бебе од Кочани, кои во овој момент имаат стабилна клиничка слика. Кај четворица од пациентите кои се лекуваат на Клиниката се чека и вториот контролен тест. Првиот тест е негативен, доколку и вториот тест е негативен ќе бидат пуштени дома", изјави министерот Филипче.

Во Градската општа болница „8 Септември" хоспитализирани се 25 пациенти. Пет од нив се во тешка состојба и тие се наоѓаат во делот за интензивно лекување приклучени на респираторна машина. Во Битола четири пациенти се на болничко лекување - во сосем стабилна состојба. На еден пациент му е потребна кислородна поддршка, а целосно се следат и пациентите кои се на домашно лекување. Двајца пациенти од Штип кои беа на домашно лекување се негативизирани на вирусот во текот на вчерашниот ден. Во болницата во Штип четворица пациенти се на болнички третман –во моментов во стабилна состојба.

Во однос на состојбата, министерот Филипче изјави дека направен е 341 тест и регистрирани се 46 нови случаи позитивни на коронавирус. По градови: Скопје 12, Куманово 13, Прилеп 8, Тетово 1, Струга 2 , Велес 8, Кочани 1, Пробиштип 1. Досега се направени вкупно 6.571 тест од КОВИД-19.

„Има еден притвореник во затворот во Шутка којшто починал од срцев удар. Немал симптоми и немал висока температура, примен бил на 8 март минатиот месец. Меѓутоа, на обдукцијата после земениот брис тој е позитивен на вирусот и сега во овој момент се прават епидемиолошки анкети на сите кои биле во близок контакт, по што ќе се преземат соодветни мерки и за што ќе ја информираме јавноста. Во Домот за стари лица во Битола примен е еден штитеник на 18 март, а една недела подоцна префрлен на инфективното одделение во Клиничката болница во Битола поради зголемена температура. Во следните денови била добиена потврда дека брисот за КОВИД-19 е позитивен. Земени се брисеви на сите во останатите соби, на дел од персоналот кои биле во контакт и дадени се препораки за темелно чистење, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе ја испита целата постапка", посочи министерот Филипче.

Министерот Филипче рече дека сме во фаза во која се воведени најрестриктивните мерки - во смисла на рестрикција на движењето.

„Сметаме дека мерките ќе дадат резултат. Истовремено се спремаме постепено и за тогаш кога ќе дојде соодветниот период, согласно бројот на новодијагностицирани пациенти кои што искрено се надевам дека согласно предвидувањата дека кон крајот на април ќе го достигне врвот по што постепено животот ќе започне да се враќа во нормала, како и целокупниот работен процес. Сакам да упатам една јасна порака дека нема да може така лесно целокупниот работен процес и животот да се врати во нормала со истиот интензитет, имајќи го предвид искуството на некои други земји и предвидувањата во исто време дека секогаш постои ризик и за втор пик на дијагностицирани", информираше министерот Филипче.

Тој додаде дека од следната недела се почнува со интензивна комуникација со претставници на стопанските комори, на коишто од страна на Комисијата за заразни болести ќе им се даде јасна насока на економските оператори, производствените капацитети, рестораните и другите, како треба нивниот работен процес да го организираат - за кога ќе се одлучи дека е дојден моментот да се отстранат сите рестриктивни и ригорозни мерки целокупниот тој процес да се врати во нормала.

„Дозволете да ги повикам граѓаните - сега е исклучително важно да се почитуваат сите мерки. Како поминуваат овие денови во коишто е воведена сериозна рестрикција во движењето ние сме се поблиску до целта - а тоа е да го спречиме ширењето на вирусот и да го сочуваме нашето здравје. Сакам да се сите свесни дека ова е сериозен влог денеска за подобро здравје утре. Навремено воведовме мерки согласно дијагностицирани пациенти. Тие стануваа се порестриктивни и го амортизиравме ударот врз здравствениот систем во нашата земја. Здравствените работници во ниту еден момент не отстапија. Знаеме дека е ова тежок период, ова мора да се издржи, да бидеме дома. Секој ден како поминува ние стануваме се посилни и за што пократко време ќе кажеме дека сето ова вредеше и дека сме го зачувале нашето здравје и постепено нашиот живот ќе го вратиме на нашиот нормален колосек", додаде Филипче.

Русија ја предупредува Европа: Ако ни го земете имотот, одговорот ќе боли

Матвиенко ја предупреди Европа дека Русија веќе напишала закон за да се одмазди доколку Западот заплени речиси 300 милијарди долари руски имот и ги искористи за помош на Украина.

Претседателката на Горниот дом на рускиот парламент Валентина Матвиенко, блиска соработничка на Владимир Путин, денеска ја предупреди Европа дека Русија веќе напишала закон за да се одмазди доколку Западот заплени речиси 300 милијарди долари руски имот и ги искористи за помош на Украина.

Откако Путин испрати војници во Украина во 2022 година, САД и нивните сојузници ги забранија трансакциите со руската централна банка и Министерството за финансии, блокирајќи речиси 300 милијарди долари руски средства на Запад, пренесува Хина.

Американски функционери сакаат да запленат имот за да и помогнат на Украина, иако некои банкари и европски функционери се загрижени дека таквата заплена ќе создаде опасен преседан.

Претставничкиот дом на САД во саботата усвои закон со одредба која овозможува заплена на руски имот, но главниот дел од руските средства не е во САД, туку во Европа.

- Имаме подготвен одговор. Имаме предлог-закон со одмазднички мерки што сме подготвени веднаш да го разгледаме … А Европејците ќе изгубат повеќе од нас, рече Матвиенко.

Таа не прецизираше каков ќе биде одговорот на запленувањето руски имот, за што се уште се разговара на Запад.

Една од опциите за која разговара Западот е да се конфискува приходот од имотот без да се земе самиот имот.

Путин вели дека Западот почна економска војна против Русија, тврдејќи дека руската економија, која минатата година порасна за 3,6 отсто, е отпорна на западните санкции кои имаат за цел да ја запрат руската трговија.

Кремљ постојано повторува дека секое запленување на негови средства ќе биде спротивно на принципите на слободниот пазар што Западот ги прокламира и ќе ја поткопа довербата во американскиот долар и еврото, а истовремено ќе ги одврати глобалните инвестиции и ќе ја поткопа довербата во западните централни банки.

Русија соопшти дека ќе ја оспори на суд секоја конфискација на нејзин имот.

Некои руски функционери сугерираат дека ако се заплени руски имот, истото може да му се случи и на имотот на странските инвеститори блокиран на специјални сметки во Русија.

Не е јасно колку точно пари има на тие сметки.

Претседателот на долниот дом на рускиот парламент, Вјачеслав Володин, вчера изјави дека Русија има основа да ги заплени имотите на Западот по усвојувањето на законот во американскиот Конгрес.

Володин рече дека од 280 милијарди долари замрзнати руски средства во странство, само пет до шест милијарди долари се во САД, додека околу 210 милијарди евра се во Европската Унија. /МИА

Денеска гласаат 68 штитеници од Домот за стари лица во Прилеп

Непречено се одвива гласањето на штитениците од Домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“ во Прилеп за првиот круг од Претседателските избори. Правото на глас во Домот денеска го остваруваат 68 штитеници.

-Гласачкото место 1419 во Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“ е отворено од 7 часот и правото на глас ќе се остварува до 19 часот. Гласањето е непречено и се одвива без проблеми, изјави Магдалена Лазоска, претседател на избирачкиот одбор на ова гласачко место.

Своте право на глас го оствари и Благоја Богданоски, штитеник во Домот.

-Бев на гласање и го остварив своето право. Сѐ се одвива без проблеми и нема никакви притисоци од никого. Очекувам за нас мирни денови во Домот, подобри пензии и подобро да им биде на младите, рече Богданоски.

Од 68 штитеници во Домот кои денеска гласаат, 27 се од Прилеп, а останатите се од други општини.

Денеска во Прилеп гласаат и 291 немоќно и изнемоштено лице, како и 104 затвореници од прилепскиот затвор.

До четврток облачно со дожд, од петок стабилизирање на времето

Во следните два дена ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Во четврток врнежите локално ќе бидат поројни, проследени со појава на грмежи, а на повисоките планини ќе преминуваат во повремен слаб снег.

Како што најавуваат од УХМР од петок следува период на претежно стабилно и потопло време.

Времето денеска е облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни (над 20 l/m2) и поројни, проследени со ретки грмежи, особено во западните и јужните делови. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието и во источните делови повремено засилен ветер од југоисточен правец.

Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16 степени.

Времето во Скопје облачно со повремени врнежи од дожд повремено поројни, а во делови од котлината со услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Tемпературата ќе се движи до 12 степени целзиусови.

притисни ентер