Филипче: Мерките кои се предлагаат имитираат полициски час

Министерот за здравство Венко Филипче денеска истакна дека е против воведување полициски час и измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, кои утре ќе се најдат пред пратениците, се во насока на избегнување на таа мерка.

Но, со самото тоа што по 23 часот ништо нема да работи во државата, е практично имитирање на полициски час, вели министерот Филипче.

-Верувам дека утре Законот ќе се донесе во Парламентот, се со цел да избегнеме полициски час. И тоа се мерки кои практично имитираат полициски час. По 23 часот ништо нема да работи и граѓаните нема кај да одат. Сега и времето не е убаво, па би требало сите да седат дома, вели Филипче.

Тој апелира да се излегува само ако навистина некој има потреба.

-Целта е да се избегне групирањето. Целата е да се носат маски. Сметам дека во овој период полициски час не е решение. Доволно е да се почитуваат мерките за заштита и оние мерки кои утре ќе бидат изгласани во Парламентот. Генерално препораката е да се избегнува воведување на полициски час. И на состанокот кој го имавме преку Берлинскиот процес со сите земји во регионот, беше порачано да нема такво ограничување. А пакет на мерки кои можат да имитираат полициски час, се речиси секаде во сила, нагласи Филипче.

Зошто Обвинителството не ги третира сериозно пријавите за пиратерија

ММА веќе подолг период се борат против пиратеријата и непочитувањето на телевизиските права на дел од кабелските оператори за што имаат поднесено повеќе кривични пријави до ОЈО.

Дел од кабелските оператори флагрантно ги кршат авторските и сродните права на македонските национални телевизии, а се толерира и пиратеријата во медиумскиот простор, реагира Сашко Дуковски, адвокатот на Македонската медиумска асоцијација (ММА) која ја сочинуваат петте најголеми национални телевизии.

Сепак, Јавното обвинителство по речиси две години непостапување, ја отфрли кривичната пријава од ТВ Телма против Македонски Телеком за повреда на авторски права, објаснува Дуковски. Станува збор за боксерски меч за кој телевизијата исплатила огромна сума на пари за законско емитување, а истиот спротивно на законот бил прикажуван на друга телевизија. ЈО ја отфрла кривичната пријава без конкрени докази, само врз основа на три дописи кои ги добила однаводниот сопственик на авторски права Ин Нет Медиа, што според Дуковски е недозволиво и пример како Обвнителството не треба да работи.

-Воопшто не го повикува да го сослуша овластеното лице. Дали тоа е навистина сопственик на правата на реемитирање, во кој обем е сопственик, за што е регистрирана таа компанија...туку верува на еден обичен допис со неколку реда, не вади ни тековна состојба, ништо не изведува како доказ, не сослушува никого, туку вели нема умисла кај кабелскиот оператор Македонски Телеком за пиратерија, за повреда на авторско и сродно право затоа што тие не можеле да знаат. Кривичното дело е направено 02. 12. 2020 година. Согласно временската разлика бокс мечот се емитувал во 5 часот наутро. Како може да нема умисла, а во 5 наутро да биде замаглена програмата на кабелскиот оператор затоа што знаат дека е тоа недозволено, изјави Дуковски.

Дуковски најави жалба до Вишото ЈО, а за случајот ќе бидат информирани сите странски амбасади.

-Особено Делегацијата на ЕУ во Македонија која што на секој состанок или брифинг вели дека една од темелните вредности за влегување во европската заедница е владеење на правото. Еве како владее правото во оваа држава. На начин што имаме монопол којшто може да пушта што сака, кога сака, и да биде покриен од страна на Обвинителството, вели адвокатот.

ММА веќе подолг период се борат против пиратеријата и непочитувањето на телевизиските права на дел од кабелските оператори за што имаат поднесено повеќе кривични пријави до ОЈО.

Ковид-19 и по девет месеци останува мистерија за матичните лекари

Пациентка цел месец со температура предизвикана од Ковид 19, други пациентки се позитивни и по три недели од направените контролни тестови, а немаат симптоми, маж два пати заболел од корона вирус. 

Матичната докторка и педијатрка Мира Атансова со набројувањето на овие специфични случаи со КОВИД 19 објаснува колку вирусот е се уште непредвидлив и опасен. Во случајот со повторената инфекција од корона вирусот кај мажот вториот пат симпотмите биле многу потешки од првиот пат.

Според досегашното искуство заразените кои го изгубиле осетот за мири и вкус поминуваат со полесни симпотми. Најтешка клиничка слика се развива кај пациентите над 35 години, заразата почнува со силни болки во мускулите и губење на силата.

За педијатрите се уште е проблем закажувањето на тестовите, термините брзо се резервираат, најголем проблем е кога матичните се втора смена, тој ден не може да најдат термин.

Градоначалникот на Прилеп бара поригорозни мерки во општината

Воведување на поостри мерки за спречување на ширењето на заразата во Прилеп, бара градоначалникот на градот Илија Јованоски.

Дали тоа да биде карантин ќе одлучат надлежните, вели за Канал 5 Јованоски, и додава, моменталните мерки не даваат резултат.

Според последниот корона-билтен, токму во Прилеп регистрирани се и уште 6 смртни случаи само во последното деноноќие, најмногу, споредено со останатите градови.

Во меѓувреме, сите ковид-центри низ земјава се полнат со пациенти, а граѓаните, периодов, преку социјалните мрежи реагираат и на лоши болнички услови. Дел од нив тврдат и оти нивни блиски не добивале навремена нега. „Под лупа“ на Државниот санитарен и здравствен инспекторат се случајот со 41-годишна пациентка од Штип, за која нејзиното семејство обвинува оти иако со часови барала, не и донеле кислородна боца. Инспекторите треба да утврдат и зошто пациенти во битолската државна болница примале инфузија до починати?

Лекарите велат дека македонскиот здравствен систем носи болести од минатото. Талогот од нерешените проблеми, сега, во време на пандемија, излегуваат на површина, вели за Канал 5 Д-р Мехмедовиќ.

Минаа речиси четири недели од воведување на последните превентивни мерки, забрани за собирање на отворено, постојано носење на заштитни маски. Здравствените власти очекуваа истите да дадат резултат еднаков на мерката „полициски час“, но засега, според секојдневната статистика, не се забележува намалување на бројот на новозаразени.

притисни ентер