Фатени двајца бегалци од КПУ Идризово, ќе бидат вратени во затворот

 Полициски службеници денеска во Скопје лишиле од слобода двајца бегалци од Казнено-поправната установа Затвор Идризово, каде што издржувале затворски казни. 

Од МВР соопштуваат дека лицата ќе бидат спроведени во казнено-поправната установа за доиздржување на казните.

-Денеска околу 15.45 часот на ул.„Орце Николов" во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје и Одделението за криминалистички работи при ЕВР Гази Баба ги лишиле од слобода Б.О.(56) од Гостивар и Е.М.(29) од с.Франгово, струшко. Околу 14:30 часот тие избегале од Казнено-поправната установа Затвор Идризово, каде што издржувале затворски казни. Б.О. бил осуден на казна од 11 години и 8 месеци за сторено кривично дело по член 215 од Кривичниот законик, а има за доиздржување уште пет години, додека Е.М. бил осуден на казна затвор од девет години за сторени кривични дела по член 215 и член 396 од Кривичниот законик и има за доиздржување уште четири години од казната, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Посочуваат дека лицата биле затекнати со патничко возило и кај нив биле пронајдени и одземени 120.000 денари.

Нетанјаху ќе се сретне со Бајден

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху во текот на неделата ќе се сретне со претседателот на САД, Џо Бајден во Белата куќа, изјави неименуван американски извор.

Средбата ќе се одржи како што е планирано и покрај повлекувањето на Бајден од претседателската трка, изјави анонимен американски функционер. Сè уште не е утврден точниот датум бидејќи Бајден заздравува од Ковид-19.

Нетанјаху на 24 јули треба да се обрати во Конгресот. Се очекува тој да се сретне и со потпретседателката Камала Харис.

Јанчев: Спроведено второ авионско прскање против комарци

Утринава беше спроведено второто авионско прскање против комарци, објави градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев. 

Со третирањето беше опфатено течението на реката Луда Мара од с. Марена, целото градско подрачје, с. Ваташа па се до брана Моклиште.

Изведувач на работата е фирмата Бониер од Куманово, напиша Јанчев на социјалните мрежи.

Радев ќе го врачи вториот мандат за формирање влада

Претседателот на Бугарија, Румен Радев ќе го врачи денеска вториот мандат за формирање влада.

Се очекува мандатот да биде доставен претпладнето и веднаш да го врати втората по големина пратеничка група во Народното собрание - „Продолжуваме со промената - Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ).

Според одредбите од бугарскиот Устав, по враќањето на тој мандат за формирање влада, претседателот на државата во рок од седум денови и наложува на следната по бројност пратеничка група да предложи кандидат за премиер.

Во случај и тие да не успеат да формираат редовен кабинет, претседателот закажува нови избори и именува нов привремен кабинет.

притисни ентер