Факултетите на УКИМ денеска отворени за средба со идните студенти

Матурантите кои избрале каде ќе студираат и тие што сѐ уште се двоумат каде ќе аплицираат на претстојното пријавување, денеска ги посетија факултетите на Скопскиот универзитет. 

УКИМ организира Отворен ден на сите факултети за да ги информира за детали од студиските програми, стипендирање и меѓународна размена, за разни активности на студентите, практикантство и за кариерните можности.

Некои и се пријавиле во системот за електронско аплицирање, кој е веќе отворен пред официјалните датуми за пријавување за првиот конкурсен рок – 30 и 31 август.

Бојана Ингилизовска, матурантка во „Васил Антевски-Дрен“, е сигурна во изборот да студира на Правни студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

-Од малечка се интересирав за правото и затоа избрав Правни студии. Но и затоа што во нашата држава нема правда. Има толку кривични случаи кои сѐ уште не виделе правда. Од Правниот факултет треба да излеземе едуцирани и да знаеме како да се снајдеме во такви ситуации. Верувам во себе и дека сѐ ќе си дојде на свое место, изјави Бојана.

Дијана Вујиќ која матурирала во средното медицинско „Д-р Панче Караѓозов“, е заинтересирана за студии на Психологија на Филозофскиот факултет зашто смета дека менталното здравје е дури и побитно од телесното.

-Одлучив токму психологија бидејќи за многу луѓе околу нас не можеме да знаеме дека имаат проблем и да умееме како да откриеме што точно се крие во нив, рече Дијана.

На Филолошкиот факултет најголем интерес од идните студенти имало за студиските програми Англиски јазик и Преведување и толкување, за кои квотите за студенти во 2022/2023 се исти како и минатата академска година.

-Иако има интерес и за останатите други јазици и за другите студиски програми што ги нудиме, но доминантно е интересот за Англиски јазик. Исто така, ги информираме и за некои нејасности што ги имаат кандидатите за електронското пријавување, кое е прилично едноставно, изјави Дарко Митевски, библиотекар на Општа и компаративна книжевност, задолжен денеска да одговара на сите прашања на заинтересираните.

Своите студиски програми на информативни штандови ги претставува и Филозофскиот факултет. Деканот Ратко Дуев вели дека нивниот е меѓу факултетите за кои има најголем интерес.

-Со години сме четврти факултет во државата по интерес за упис. Секоја година се обидуваме да внесеме новитети. Сега засилено работевме на дигитализација, опремување на слушалните со можност за далечинско, електронско учење, веќе имаат можност да работат на мудл платформа. Особено сме концентрирани на студенти со посебни потреби – направен се лифтови, означување за слабовидни, бидејќи специјалната едукација и оние катедри на кои се изучуваат – Психологија, Социјална работа итн., се главно врзани за Филозофскиот факултет, истакна Дуев.

Засилено работат, рече, да им овозможат на студентите да се чувствуваат како дел од европскиот простор и, колку што можат со средствата што ги имаат, да им обезбедат квалитетна настава и пријатен престој на сите студенти, па и на рангливите категории.

-Новата академска година наставата ќе ја почнеме со физичко присуство. Бевме принудени на дигитлна, онлајн настава, која покажа многу послаби резултати во знаењето на студентите и воопшто во самото завршно оценување. Но ќе продолжиме да ја користиме таа можност за оние студенти кои од разни причини нема да можат да ја следат, посочи деканот на Филозофскиот факултет.

За Отворениот ден на УКИМ Економскиот факултет имаше презентација во амфитеатар и организирано разгледување на факултетот за матурантите кои денеска го посетија со желба таму да студираат.

Продеканот за настава Љупчо Ефтимов ни изјави дека интересот за студирање е сѐ поголем од година во година и затоа организираат и повеќе инфоденови.

Факултетот нуди вкупно 700 слободни места на седум студиски програми што, според Ефтимов, се доволно широки квоти кои го апсорбираат целиот интерес на студентите.

-Ова е последниот од серијата Отворени денови кои ги организираме во текот на годината, последен е пред уписите. Одевме и во средните училишта и директно се обраќавме, но и овде, на самиот факултет. Очекувано е што има интерес затоа што Економскиот факултет-Скопје на идните бруцоши им нуди поприлично многу од современите знаења и современи концепции во областа на економијата и бизнисот. Нема никакви проблеми во пронаоѓање работа по дипломирањето, па дури и во текот на студирањето. Така што, идните студенти тоа го препознаваат и се гледа од самиот одѕив, истакна продеканот за настава на Економскиот факултет. /МИА

Убила 19-годишна трудница и ѝ го украла бебето од матката-осудена е на 50 години затвор (ВИДЕО)

Клариса Фигуероа (51) е осудена на половина век затвор откако убила бремена тинејџерка во Чикаго намамувајќи ја во нејзината куќа за да ѝ го украде бебето од утробата, кое потоа го претставила како свое.

Тоа е, накратко, епилогот од страшното злосторство што го потресе овој дел на САД, а се случи во 2019 година, објави Еј-Би-Си Њуз.

Марлин Очоа-Лопез (19), мајка на двегодишно момче, која била во поодмината бременост, била намамена од Клариса во нејзиниот дом со ветување дека ќе ѝ даде бесплатна облека за бебето. Страшното злосторство го извршила со помош на нејзината ќерка Дезире, која во јануари ја признала вмешаноста во убиството кога била осудена на 30 години затвор. Мајката и ќерката ја задавиле трудница со електричен кабел. Клариса, која е медицински работник, сакала да го претстави бебето како свое, а откако го извлекла од стомакот на мајката повикала брза помош. Поради повредите, бебето два месеци било на интензивна нега во болница, но и покрај сите напори на лекарите, починало.

За време на судењето, се тврдело дека Клариса Фигуероа го изгубила своето бебе пред злосторството, а потоа им кажала на членовите на семејството дека повторно е бремена. Во октомври 2018 година, таа ѝ кажала на својата ќерка дека ѝ треба помош да убие трудница и да го украде бебето од нејзината утроба.

Ракел Уриостеки, мајката на убиената трудница, по изрекувањето на пресудата видно се потресе:

- Губењето на ќерка ми е нешто што никогаш нема да го прежалам.

Откако украденото бебе било сместено во болница, Клариса Фигуероа и нејзиниот партнер Пјотр Бобак тврделе дека бебето е нивно, па дури започнале и хуманитарна кампања за собирање помош за негово лекување. Пјотр подоцна на судењето признал дека помогнал да се отстранат трагите по убиството на бремената тинејџерка.

Страшното злосторство било неоткриено неколку недели, иако Џовани Лопез, сопругот на убиената, уредно ја пријавил за исчезната, но немал помош од надлежните да ја пронајдат. Полицијата реагирала дури по анонимна пријава во која било наведено дека е видена како исчезнатата влегува во куќата на Клариса Фигуероа. На 07.05.2019 година полицијата извршила претрес. Автомобилот на жртвата бил пронајден во близина на куќата на убиецот, а набрзо била наредена и ДНК анализа на бебето. Откако дошле резултатите од ДНК, полицијата ги уапсила мајката убиец, нејзината ќерка и нејзиното момче. Телото на жртвата било пронајдено закопано во дворот.

- Казната што ја доби никогаш нема да биде доволна и мојот син никогаш повеќе нема да ја прегрне мајка си. Изгубив дел од семејството и тоа секогаш ќе ме следи – низ солзи изјавил сопругот Џовани Лопез.


Нуркачи снимија како изгледа силен земјотрес под вода: Сега имам уште еден страв (ВИДЕО)

Страшно искуство е да се почувствува силен земјотрес, а група нуркачи го доживеале под вода додека јачината била 7,2 степени според Рихтеровата скала.

Видеото се рашири на социјалните мрежи, а корисниците пишуваат дека откако го погледнале, се наежиле и откриле нов страв.

На видеото се гледаат неколку нуркачи како пливаат меѓу коралниот гребен и уживаат во живописната глетка. Но, сè се менува кога ќе започне земјотресот. Прашина и нечистотија од морското дно се креваат и изгледаат како морничава магла.

So this is what an earthquake looks like underwater
byu/Literally_black1984 ininterestingasfuck

Се гледаат и нуркачи како се држат до коралите додека водата се движи побрзо и побрзо. „Да, мора да е кошмар“, „Изгледа страшно“, „Морничаво“, се само дел од коментарите.

Ужас во Англија: 80- годишен човек е запален во двор, соседите слушнале крици (ВИДЕО)

Две лица се уапсени откако полицијата пронашла изгорено тело на маж во задната градина на домот на едно „многу повлечено“ семејство, како што ги опишале соседите во Бредфорд.

Соседите во тивка уличка во Бредфорд пријавиле дека слушнале врисоци пред да видат како чад се издига зад куќата. Според извештаите, жртвата била 80-годишен маж кој живеел во куќата со помлада жена и нејзиниот син, објави Сан.

Многумина во соседството биле убедени дека човекот починал, затоа што не го виделе од пандемијата на коронавирус.

„Од градината доаѓаше чад, но не можевме да влеземе бидејќи портата беше затворена. Се обидовме насилно да ја отвориме портата и можевме да видиме крв и осакатено тело. Не можев да верувам, беше како нешто од хорор филм“, рекол соседот Мухамед.

„Семејството буквално никогаш не излегуваше надвор, тие се многу повлечени. Ова се случи целосно од ведро небо и сите се многу шокирани од тоа“, рече друг сосед кој сакал да остане анонимен.

Полицијата денеска соопшти дека го идентификувала телото на возрасен маж, но дека се уште се обидуваат официјално да го идентификуваат мажот и да им влезат во трага на неговите најблиски.

„Според информациите достапни во овој момент, ова го третираме како истрага за убиство. Мојот тим работи на утврдување на околностите кои довеле до смртта на човекот. Имаме две лица во притвор и не бараме никој друг во врска со овој инцидент, што се случи во тивка станбена улица, разбирам дека овој инцидент предизвика загриженост во пошироката заедница и има многу шпекулации за тоа што се случило и кој бил инволвиран.“

На местото на настанот се испратени пожарникарски екипи, полиција и брза помош, а соседите велат дека досега не виделе толку големо присуство на итните служби.

Противпожарната и спасувачка служба во Западен Јоркшир соопштија дека екипите го изгаснале пожарот на имотот.

„Ова беше многу шокантен инцидент за многу тивка и мирна заедница“, рече локалниот лабуристички советник Сајмон Канингам.

притисни ентер