Фајзер очекува 26 милијарди долари приход од вакцините против ковид-19

Американската фармацевтска компанија „Фајзер“ денеска објави дека оваа година очекува приход од 26 милијарди долари од вакцината против ковид-19.

Во првите три месеци од оваа година, приходите од вакцините развиени од „Фајзер“ во соработка со германската компанија „БиоНТех“ биле 3,5 милијарди долари.

Тие очекуваат приход од 26 милијарди долари во текот на целата година, со очекувана испорака од 1,6 милијарди дози вакцини, според договорите потпишани до средината на април. Досега тие очекуваа да заработат 15 милијарди долари.

Тие предвидуваат дека ќе произведат најмалку три милијарди дози во 2022 година.

„Врз основа на досегашното искуство, сметаме дека веројатниот исход ќе биде одржливо барање за нашата вакцина ковид-19, слично како и за вакцината против грип“, рече извршниот директор Алберт Бурла во подготвените изјави за телеконференција.

Pfizer и BioNTech подеднакво ги делат трошоците и бруто профитот од вакцината, која е поделена во две дози, со стапка на ефикасност поголема од 90 проценти, според третата фаза од испитувањето.

Фајзер соопштил дека очекува да заработи пари за вакцината, за разлика од, на пример, АстраЗенека и Џонсон и Џонсон, кои објавија дека нивните вакцини ќе бидат достапни на непрофитна основа до крајот на пандемијата.

„Фајзер“ го заврши првиот квартал од оваа година со приход од 14,6 милијарди долари, што „го одразува растот на работењето со стапка од 42 проценти“. Прилагодената заработка по акција скокнала за 47 проценти, на 93 центи.

Во текот на целата година, тие очекуваат приходи во опсег од 70,5 до 72,5 милијарди долари и прилагодена заработка по акција од 2,5 до 2,6 долари.

Лазаревска: Со измените на Законот за наставници обезбедуваме сигурност за наставниот кадар

Денеска на Комисијата за образование наука и спорт овде во Собранието расправаме важни измени и дополнувања на закони од областа на образованието.

Со измените на Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта и Законот за Бирото за развој на образованието реализираме две важни ветувања дадени пред граѓаните кои беа дел и од изборната програма на СДСМ за последните парламентарни избори.

Преку измените на Законот за наставници и стручни соработници во основното и средното образование обезбедуваме правна и економска сигурност на наставниот кадар.

Наставниците и стручните соработници отсега директно ќе се вработуваат на неопределено време доколку ги исполнат законски предвидените услови, односно, со новиот закон им се трансформира работниот однос на сите наставници и стручни соработници кои до моментот на негово стапување на сила се ангажирани на определено време, ако за тоа ги исполнуваат условите.

На овој начин би се опфатиле над 4.700 просветни работници и тоа: 1.464 наставници и стручни соработници кои во моментов се ангажирани на определено работно време до 2 години и 3.326 наставници ангажирани на определено работно време над 2 години на кои не им е трансформиран работниот однос.

Законското решение ќе обезбеди создавање на правна и економска сигурност на наставниците и стручните соработници преку засновање на работниот однос на неопределено време, подобрување на квалитетот на воспитно-образовниот процес преку воспоставување на континуитет во реализацијата на наставата, како и овозможување на професионален и кариерен развој на овие наставници и стручни соработници.

Со ова ставаме крај на неправдите кон одреден број наставници и стручни соработници кои немаа еднаков статус со нивните колеги.

Сепак јавноста треба да знае дека и покрај тоа што овие измени се во интерес на наставниот кадар, во интерес на образовниот процес и во интерес и на учениците, ВМРО-ДПМНЕ и по однос на овие измени се однесува деструктивно и работи на штета на граѓаните.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, членови на Комисијата за образование, наука и спорт денеска се противат наставниците и стручните соработници да добијат правна и економска сигурност, да се ослободат од стресот предизвикан од неизвесноста дали ќе им се продолжи работниот однос, тие се против тоа да се обезбеди континуитет во реализацијата на наставниот процес што е важно, како за самиот наставник, така и за учениците и нивните родители.

Ја уверуваме јавноста, ги уверуваме наставниците и стручните соработници дека и покрај деструкциите, измените на овие важни закони ќе бидат донесени и наскоро ќе започне и нивната реализација.

Прес- конференција, Жаклина Лазаревска, пратеничка на СДСМ

Комуналното претпријатие и вицепремиерот Груби во заедничка акција пред Рамазан Бајрам

Муслиманските верници утре го слават Рамазан Бајрам светиот месец во кој се верува дека се слави победата на верата над неверството, на доброто над злото на великодушноста над скржавоста. 

По тој повод се мијат и дезинфицираат џамиите како и просторот околу нив со цел побезбедно одбележување на празникот од ковид 19 пандемијата..

Во чистењето и дезинфекцијата што ја спроведе Комуналното претпријатие Скопје, синоќа се вклучи и првиот вицепремиер Артан Груби. Тој на фејсбук напиша:

„Вечерва заедно со општинските работници за хигиена ги чистиме, дезинфицираме и подготвуваме џамиите во Скопје во пресрет на Рамазан Бајрам“.

Како што соопшти ЈП Комунална хигиена-Скопје, направено било рачно и машинско миење на поголемите исламски верски објекти на територијата на градот Скопје како што се: џамиите Мурат Паша и Мустафа Паша во Старата скопска чаршија, Јахја паша во Чаир, џамијата Иса Бег на Бит Пазар, џамијата Дуќанџик, џамијата Хусеин Шах во Сарај и други“, се вели во соопштението.

Над 7.000 граѓани вакцинирани во штипскиот регионален пункт

Во регионалниот пункт во салата „Јордан Мијалков" во Штип досега се имунизирани над 7.000 граѓани. Само до 12 часот денеска се аплицирани 600 вакцини на кинеската „Синофарм".

Лекарката на регионалниот пункт во Штип, Дијана Коцева Миланова за МИА изјави дека од отворањето на пунктот, но и при имунизацијата на населението во пунктовите на здравствените домови во општините од штипскиот и струмичкиот регион над 10.000 граѓани примиле вакцина.

-Во нашиот пункт досега се пристигнати околу 14.500 вакцини, од кои дел се дистрибуирани и на здравствените домови во штипскиот и струмичкиот регион. Во моментов се имунизираат граѓаните над 60 години, кои имаат добиено порака од „Мој Термин" и се пријавиле на апликацијата на Министерството за здравство. Покрај вработените од штипските основни и средни училишта, од денеска се имунизираат и вработените во училиштата во Пробиштип, а од утре ќе ги вакцинираме и од Кочани, вели Коцева-Миланова.

Таа додаде дека на пунктот се примаат и лицата со хронични болести, како и вработените во останатата критична инфраструктура. Планирано е и денеска да се аплицираат над 1.500 вакцини. Во текот на денот телефонски се јавувале и граѓани над 55 години, кои имаат изразено интерес за вакцинација на апликацијата и како што вели ги информирале дека добиле порака да се имунизираат во петок, со што старосната граница почнува да се спушта.

притисни ентер