Европскиот парламент има нова претседателка на местото на починатиот Сасоли

Новата претседателка на Европскиот парламент е Малтежанката Роберта Мецола, која победи во првиот круг од изборите со 458 гласови.

„Давид Сасоли беше борец, тој се бореше за Европа, за нас, за овој парламент“, рече Мецола на почетокот на својот победнички говор, додавајќи дека ќе продолжи да оди по тој пат.

Таа им порача на европратениците дека Европскиот парламент мора да ги напушти Стразбур и Брисел и да се доближи до сите европски градови, да ја поддржи Конференцијата за иднината на Европа и да обезбеди успех на овој демократски проект. „Треба особено да ги слушаме младите“, рече Мецола, бидејќи 2022 година е европска година на младите.

Таа повика на заедничка борба против климатските промени.

„Треба да му покажеме на остатокот од светот дека борбата против климатските промени е нашата заедничка судбина“, рече новата претседателка на ЕП, додавајќи дека е можно истовремено да се зачува животната средина и да се зајакне економијата.

Мецола е третата жена што го води ЕП по Симона Веил (1979-1982) и Никол Фонтен (1999-2002). Таа е во Европскиот парламент од 2013 година, а во 2004 година како студент ја водеше кампањата за прием на Малта во ЕУ. Во трката за претседател на ЕП, Швеѓанката Алис Кунке освои 101 глас, а Шпанката Сира Рего од Клубот на левицата освои 57 гласа од 705 пратеници во Европскиот парламент.

Италијанскиот социјалист Сасоли, претходникот на Мецола на чело на парламентот, почина на 11-ти јануари во болницата во Авијано, каде што бил хоспитализиран од 26-ти декември „поради тешки компликации од дисфункција на имунолошкиот систем“.

Венеција почнува да наплаќа влезници за еднодневните посети

Од четврток, Вeнеција ќе почне да им наплаќа влез во градот на еднодневните патници, што е прв ваков случај во светот. 

Градското собрание на Венеција, минатата година соопшти дека ќе почне примена на целосно нова такса од пет евра за туристите кои доаѓаат на посета само за еден ден. Давачката, чија имплементација се одложува неколкупати, ги таргетира само туристите кои влегуваат во стариот дел од 8:30 до 16:00 часот по локално време, соопштија градските власти, појаснувајќи дека целта е да се подобри квалитетот на животот во градот. Потенцијалните казни за непочитување се од 50 до 300 евра. За деца до 14-годишна возраст нема да се плаќа таква такса.

Тајланд сака да биде домаќин на трка во Формула 1

Тајланд сака да биде домаќин на трка во Формула 1, изјави тајландскиот премиер Срета Тависин, кој денеска оствари средба со шефот на Ф1, Стефано Доменикали.

„Тајланд има капацитет да биде домаќин на Формула 1 во Бангкок“, напиша шефот на владата на социјалната мреќа Икс, по разговорите во Бангкок.

„Ако го направиме тоа, сигурен сум дека нашата земја ќе остави неверојатни спомени за другите, бидејќи имаме добар потенцијал, капацитет и гостопримство“, наведе Тависин.

Владиниот портпарол, цитиран од локалните медиуми, рече дека трката би се организира низ улиците на стариот дел на Бангкок, познат по големиот сообраќаен метеж и проблемите со инфраструктурата.

Тајланд е домаќин на трка во Светскиот шампионат во Мото ГП која секоја година се одржува во Бурирам, сиромашен, рурален регион на повеќе од пет часа возење од главниот град. /МИА

За една недела во Грција се уапсени 379 лица за семејно насилство

Минатата седмица грчката полиција уапсила 379 лица по поднесени пријави за семејно насилство, а 23 жртви биле пренесени во центрите за згрижување, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерството за заштита на граѓаните на Грција информираше за резултатите од спроведувањето на новиот план на полицијата за справување со криминал, семејно насилство и врсничко насилство.

Согласно неделниот извештај, во периодот од 15 до 21 април, полицијата примила 1.025 повици за семејно насилство, а на 81 жена – жртва на насилство ѝ била инсталирана специјалната апликација за помош „Panic Button“ на грчката полиција .

Биле пријавени 633 случаи на семејно насилство, при што биле уапсени 379 лица, а 23 жртви на насилство биле пренесени на безбедни локации.

Во однос на малолетничката деликвенција и врсничкото насилство биле извршени проверки на 6.004 лица, од нив 344 биле приведени, а 160 уапсени и биле потврдени 270 прекршоци.

притисни ентер