Европската унија го заостри издавањето визи за Русите

Европската Комисија ги повика граничните служби и конзулатите на земјите-членки повнимателно да ги следат барањата за влезни визи на руските граѓани, од кои многумина се обидуваат да ја напуштат земјата по прогласената делумна мобилизација.

„Европската унија е и секогаш ќе биде област за азил. Но, ова сега е пред сè безбедносно прашање - зголемениот надзор за време на издавањето на визите и построгите гранични контроли ќе ни овозможат да се заштитиме и да го зачуваме единството“, рече Потпретседателот на Европската комисија Маргаритис Схинас.

На барање на земјите-членки, Комисијата објави ажурирани упатства за процедурата за издавање визи и гранични контроли за руските граѓани на надворешните граници на Европската унија.

„Безбедносната закана е реална и ЕУ ќе се заштити себеси и своите граѓани“, рече комесарот за внатрешни работи Илва Јохансон, посочувајќи дека е потребен заеднички пристап кон руските граѓани и издавање краткорочни визи на надворешните граници на Европската унија.

„Во исто време, Европа нема да ги затвори вратите за оние на кои навистина им е потребна заштита“, додаде Јохансон.

Насоките наведуваат дека земјите-членки треба да ги разгледаат условите под кои шенген визи може да им се издаваат на руските граѓани на „рестриктивен и координиран начин“. Ова ги вклучува оние кои бегаат од мобилизација. Што се однесува до оние руски државјани кои веќе имаат шенген визи, граничната полиција и земјата што ја издава визата може да ги укинат тие визи доколку постои основа за тоа.

Доколку барателот на виза, на пример, лице кое бега од воена мобилизација, планира долг престој во ЕУ, конзулатите на земјите-членки треба да го третираат случајот во согласност со важечките национални правила за виза за долг престој.

Кога станува збор за визите за краткорочен престој, конзулатите се поканети рестриктивно да ги применуваат сите хуманитарни отстапувања. Останува на земјите-членки да проценат, од случај до случај, дали барањата на руските граѓани можат да спаѓаат во категоријата хуманитарни причини.

Во случаи кога руски државјани надвор од Русија аплицираат за виза, Комисијата препорачува таквите барања да се упатат до конзулатите одговорни за нивното место на живеење во Русија.

Според упатствата на Комисијата, авиокомпаниите се одговорни за оние што ги донеле во ЕУ на кои им е одбиен влезот и мора да ги вратат во земјата на поаѓање. Тоа значи дека тие треба повнимателно да ги разгледаат патните исправи, особено за руските граѓани, пренесе Индекс.хр.

„Најубава станбена зграда во светот“ се наоѓа во Хрватска

На наградите за архитектура „Биг си“ (Big See), зграда во Кутина, Хрватска, го доби престижното признание „Најубава станбена зграда во светот“ - од сите регистрирани во 2024 година.

Објектот е изграден во 2021 година, а вкупната негова квадратура е 1.969 квадратни метри. Главен белег на поголемите апартмани се кујните на предната страна, коишто може да се користат како трпезарии. Становите се прилично светли и имаат нетипично богат просторен стандард за современото домување, се наведува во описот.

Приземјето е малку повисоко од станбените катови и е целосно застаклено, поделено со врати, што му дава достоинство на јавен простор. На истото приземје, има и пекара и кафуле споени едно до друго.

Фото: БИГ СИ

Во Баварија уапсени двајца руски шпиони

Федералните обвинители уапсија вчера двајца осомничени руски шпиони во Баварија под сомнение дека шпионирале и планирале напади врз воени цели за да ја поткопаат поддршката за Украина, пишува денеска „Еурактив“.

Двајцата мажи се осомничени дека работеле за странска разузнавачка служба во „особено тежок случај“, соопшти обвинителството. Едниот е обвинет и за планирање на напади, пред се против воена инфраструктура и индустриски капацитети во Германија.

- Нашите безбедносни власти спречија можни експлозивни напади за да ја поткопаат нашата воена помош за Украина. Ова е сериозен случај на сомнителна активност на агент на криминалниот режим на Путин, изјави за новинарите министерката за внатрешни работи Ненси Фезер.

Според обвинителството, главниот обвинет бил во контакт со лице поврзано со руската тајна служба од октомври 2023 година.

Двајцата мажи, исто така, се вели дека извидувале неколку потенцијални цели, вклучително и американски бази, каде што собирале информации поврзани со нападот. /МИА

Словенија: Покрај изборите за ЕП на 9 јуни, можно е да се одржат и три референдум

Надлежните комисии на Државниот збор (Парламентот) на Словенија треба да одлучат дали на денот на изборите за Европскиот парламент во Словенија, 9 јуни, ќе се одржат истовремено три референдуми.

Но, не постои единство во владејачката коалиција за ваквиот предлог. Претставниците на Движењето за слобода се „за“, Левицата е рамнодушна, а Социјалдемократите (СД), Словенечката демократска партија (СДС) и Нова Словенија (НСи) се против.

В петок матичните комисии на Државниот збор ќе подготват уредби за распишување три советодавни референдуми, иако коалицијата се уште не се договорила за датумот на нивното спроведување. Во Движењето за слобода бараат референдуми да се одржат на денот на европските избори.

По процедуралните компликации на вонредната седница на Парламентот во средата, претставниците сепак ги прифатија предлозите за распишување три советодавни референдуми.

Така, гласачите ќе го кажат својот збор на референдумите за регулирање на правото на помош при доброволно завршување на животот, за воведување преференцијално гласање на изборите за Државниот збор и за одгледување, преработка и употреба на канабис.

Датумот на нивното спроведување сè уште не е целосно дефиниран, кој се носи заедно со уредбата за распишување референдум. Иако датумот се уште не е договорен ниту во коалицијата, претставниците веќе в петок во матичните работни тела ќе почнат да ги подготвуваат одлуките за распишување на сите три референдуми.

Во работните материјали за состаноците на матичните комисии на 6 мај се посочува на предлозите за одлуки за распишување на советодавнен референдум и датумот на распишување на референдумот, од кој почнуваат да течат роковите за негово спроведување, а недела, 9 јуни, како ден на гласање./МИА

притисни ентер