„Нормализацијата на односите им користи на двете страни. Тоа е важно за нив и за регионалната стабилност“, изјави Набила Масрали, портпарол на Европската комисија.
„И, секако, како Европска унија, ние ќе бидеме посветени на решавање на израелско-палестинскиот конфликт во формат на две држави“, додаде таа на прес-конференцијата.
„Ние сме подготвени да работиме на продолжување на преговорите меѓу Израелците и Палестинците“, продолжи таа.
Израел и Обединетите Арапски Емирати вчера постигнаа историски договор со посредство на Соединетите држави, што ќе доведе до целосна нормализација на дипломатските односи меѓу двете земји.
Со заедничката изјава на американскиот претседател Доналд Трамп, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и принцот на Абу Даби, Мохамед Ал Нахјан, се вели дека се надеваат дека „историскиот пресврт ќе придонесе за воспоставување мир на Блискиот исток“.
Според договорот, Израел ги прекина плановите за анексија на голема површина на Западниот Брег, соопштија високи официјални претставници на Белата куќа.
Израел досега немаше дипломатски односи со земјите од Заливот. Но, неформалните разговори дојдоа во услови на заеднички стравувања од зголеменото иранско влијание во регионот.
Иран денеска објави дека договорот меѓу Израел и ОАЕ за нормализација на односите е „опасен и нелегален“.
„Срамниот“ потег на Абу Даби за постигнување договор со Израел „е опасен потег и Обединетите Арапски Емирати и другите земји што го поддржаа ќе бидат одговорни за неговите последици“, се вели во соопштението.
„Тоа е нож во грбот на Палестинците и само ќе го зајакне регионалното единство против ционистичкиот режим“, додаде тој.
Иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф го осуди договорот како претстава што ја подготвиле САД.
Во меѓувреме, Турција соопшти дека размислува за прекин на дипломатските односи со Обединетите Арапски Емирати и за повлекување на амбасадорот.
Турското Министерство за надворешни работи објави дека историјата никогаш нема да им прости на ОАЕ за договорот.