Европратеникот, фатен како бега преку олук од геј-оргија , ја напушти и партијата на Орбан

Унгарскиот политичар Јозеф Шајер ја напуштил владејачката партија Фидес на премиерот Виктор Орбан, откако се обидел да избега од хомосексуална оргија при полициска рација во Брисел, бегајќи преку олукот.

Орбан за весникот Magyar Nemzet изјави дека постапката на Шајер „не може да биде оправдана“ и дека е во спротивност со вредностите на Фидес, која што се претставува како приврзаник на традиционалните христијански и семејни вредности.

Шајер е еден од основачите на Фидес и бил соработник на Орбан повеќе од 30 години.

Тој бил водечката сила на Фидес во Европскиот парламент и одиграл клучна улога во измената на унгарскиот устав по победата на Орбан на изборите во 2010 година.

„Дејствата на нашиот колега Јозеф Шајер се некомпатибилни со вредностите на нашето политичко семејство“, рече Орбан.

"Ние нема да ги заборавиме или отфрлиме неговите 30 години работа, но неговиот чин е неприфатлив и не може да биде оправдан. Тој ја донесе единствената можна соодветна одлука кога се извини, поднесе оставка како европратеник и го напушти Фидес", додаде Орбан.

Шајер во неделата поднел оставка од функцијата европратеник и во изјавата во вторникот им се извинил на семејството, колегите и гласачите, велејќи дека жали што ги прекршил белгиските мерки против коронавирусот.

Околу 20 лица, вклучително и Шајер и засега непознати дипломати, биле казнети за присуство на приватна забава во петокот вечерта на која имало секс, дрога и алкохол. Полицијата открила дрога во близина на Шајаер.

"Не користев дрога, им реков на полицајците дека сум подготвен да одам на тест за дрога. Полицијата соопшти дека е пронајдена една пилула екстази, но не е моја, немам идеја кој ми ја наместил", рече тој.

Политичките аналитичари веруваат дека инцидентот може да му наштети на Орбан, чија конзервативна влада ги застапува христијанските и семејните вредности и ја зајакнува својата реторика против ЛГБТ заедницата.

Инцидентот избил во чувствително време за Орбан, кој е во расправија со Брисел околу условот на долгорочниот европски буџет со почитување на владеењето на правото.

Унгарија и Полска ставија вето на буџетот , во кој другите земји на ЕУ гледаат спас од кризата.

Тевез итно пренесен во болница

Поранешниот аргентински репрезентативец Карлос Тевез синоќа беше примен во болница со силни болки во градите. 

40-годишниот поранешен напаѓач, кој моментално е тренер на локалниот клуб Индепендиенте, беше пренесен во болница во Буенос Аирес откако се почувствувал лошо, но првичните тестови не покажале ништо сериозно за неговата состојба.

-Нашиот тренер Карлос Тевез беше примен во болницата „Ла Тринидад“ во Сан Исидро со болки во градите. Тој ги направи соодветните тестови и тие беа задоволителни. Денеска тој ќе продолжи со нова серија на однапред планирани тестови како дел од поопшт преглед, се вели во официјалното соопштение од клубот, кој ја потврди ситуацијата.

Според локалните изданија, проблемите на Карлос Тевез се поради стрес.

Поранешниот репрезентативец на „гаучосите“ боледувал од висок крвен притисок и редовно се подложувал на тестови и се следи неговата состојба.

Ова доведе до шпекулации во локалниот печат за можноста тој да ја заврши тренерската кариера во обид да го намали притисокот и стресот околу него.

Се уште не е јасно дали Тевез ќе присуствува на денешниот тимски тренинг. /МИА

Мбапе подготвен да игра на нова позиција во Реал Мадрид

Напаѓачот Килијан Мбапе ја прифатил улогата за која е планиран по трансферот во Реал Мадрид, тврди „Ас“. 

Иако официјално не е објавен трансферот на фудбалерот од Пари Сен Жермен, на „Сантијаго Бернабеу“ веќе размислуваат како Французинот најдобро ќе се прилагоди во составот следната сезона.

За време на неговиот престој со парижаните, напаѓачот јасно стави до знаење дека претпочита да игра на левото крило на нападот на тимот, што му овозможува да се потпира на повеќе слободни простори на предните позиции. Во Реал оваа улога вообичаено му се доделува на Винисиус Јуниор, а ова е претпочитана позиција и за Родриго.

Сепак, според „Ac“, Мбапе е подготвен да игра повеќе во центарот на нападот како број 9 следната сезона, а тоа се поврзува и со неговата голема желба да ја освои „Златната топка“, бидејќи оваа позиција се смета за поволна за реализација на повеќе голови.

Францускиот репрезентативец оваа сезона постигна 41 гол на 43 натпревари за ПСЖ во сите натпреварувања. /МИА

Инцидент во грчкиот Парламент – пратеник физички нападна друг пратеник

На нападнатиот веднаш му била пружена прва помош од лекарот во Парламентот.

Независниот пратеник Константинос Флорос, кој беше избран со малата радикално десничарска партија Спартанци, претпладнево физички го нападнал пратеникот од Грчко решение Василис Граменос во Парламентот, пред салата во која се одржува пленарната седница, јави дописничката на МИА од Атина.

На инцидентот му претходела вербална расправија во самата сала, што во ходникот се претворила во физичка пресметка, кога Флорос со тупаници го нападнал Граменос.

На нападнатиот веднаш му била пружена прва помош од лекарот во Парламентот.

Медиумите во Грција коментираат дека станува збор за инцидент без преседан во Парламентот.

Претседателот на Парламентот Константинос Тасулас за насилното однесување на пратеникот побара највисока казна предвидена со правилникот на работа, односно исклучување на Константинос Флорос од Парламентот на 15 дена, а паралелно ќе биде побарано и одземање на пратеничкиот имунитет и кривично да одговара.

Флорос на изборите во јуни минатата година беше избран со малата радикално десничарска партија Спартанци, која подоцна ја напушти и стана независен пратеник.

Спартанци се поврзува со поранешниот пратеник од Златна зора Илиас Касидиарис кој издржува затворска казна./МИА

притисни ентер