На митинг пред утрешните избори, Ердоган потсети на изјавата на Бајден објавена од „Њујорк тајмс“ во јануари 2020 година, во која тој вели дека Вашингтон треба да ги охрабри противниците на Ердоган да го поразат на изборите, нагласувајќи дека тој не треба да биде соборен со државен удар, објави Ројтерс. Едно време, Анкара остро ги осуди овие зборови како интервенционистички.
„Бајден дал наредба да се собори Ердоган. Јас го знам тоа. Сите мои луѓе го знаат тоа. Ако е така, тогаш утре резултатите од изборите ќе го дадат одговорот на Бајден“, рече Ердоган на митингот.
Тој го критикуваше својот противкандидат на овие избори Кемал Киличдароглу за неговите изјави за Русија, наведувајќи дека Москва е важен партнер на Турција.
„Русија е еден од нашите најважни сојузници кога се во прашање земјоделските производи“, рече турскиот претседател.
Ројтерс објави дека анкетите покажуваат дека Ердоган заостанува зад главниот опозициски кандидат Киличдароглу, но забележува дека ако ниту еден од кандидатите не добие мнозинство, вториот круг од гласањето ќе се одржи на 28 мај. Се очекува утревечер да се знае дали ќе има втор круг од изборите.
Се посочува дека една од клучните точки на кампањата на Ердоган била дека опозицијата добива наредби од Запад и ќе ги почитува нивните желби доколку бидат избрани.
Западните сојузници на Турција се намуртени на зближувањето меѓу Анкара и Москва под Ердоган. Турција е членка на НАТО, која цврсто стои зад Киев од почетокот на конфликтот, но не воведе санкции кон Русија.
Киличдароглу изјави за Ројтерс во петокот дека неговата партија има конкретни докази за одговорноста на Русија за објавување на „дип фејк“ содржини на интернет пред изборите во недела. Тој не обезбеди докази за тоа тврдење, а агенцијата вели дека не може самостојно да го потврди.
Сепак, Киличдароглу додаде дека ако победи во претседателската трка, ќе ги задржи добрите врски на Анкара со Москва.