ЕМА додаде ретко воспаление на `рбетниот мозок како нуспојава на вакцината АстраЗенека

Експертите од Европската медицинска агенција (ЕМА) денеска предложија на несаканите ефекти на вакцината против коронавирус на AstraZeneca да се додаде ретко воспаление на 'рбетниот мозок, попречен миелитис.

Вакцината наиде на неколку пречки, вклучително и прекин на производството и регулаторни истраги поради ретките случаи на сериозни несакани ефекти како што е згрутчување на крвта, што доведе неколку земји да ја ограничат или прекинат нејзината употреба.

Одборот за безбедност на ЕМА, исто така, ја повтори својата препорака за слично предупредување да се примени и кај вакцината на Џонсон и Џонсон. Попречниот миелитис е воспаление на едната или двете страни на 'рбетниот мозок и може да предизвика слабост во рацете или нозете, сензорни симптоми, проблеми со мочниот меур или варењето.

Комитетот ги разгледал податоците и заклучил дека може да има причинско-последична врска помеѓу овие вакцини и попречниот миелитис. Сепак, додаваат дека односот помеѓу придобивките и ризиците од двете вакцини останува непроменет.

Регулаторната агенција не даде никакви информации за пријавениот број на вакви случаи по вакцинацијата, но наведе дека на информациите за вакцината е додаден попречен миелитис како несакана реакција со непозната зачестеност.

Извештаите за сериозни болести на нервниот систем, исто така, беа во центарот на прекинот на истражувањето во раните фази на развојот на вакцините AstraZeneca и Johnson & Johnson засновани на слична технологија.

Агенцијата, исто така, предложи да се ажурираат информациите за вакцината AstraZeneca во врска со згрутчувањето на крвта по првата доза за да се види дека помалку такви несакани ефекти биле пријавени по втората доза. Од 1.809 случаи на ниско-тромбоцитно згрутчување на крвта пријавени во светот, 1.643 биле пријавени по првата доза и 166 по втората.

Србија со рекорден број новозаразени од почетокот на пандемијата

Србија денеска достигна нов рекорд по бројот на заразени со коронавирус - 18.006 случаи од 39.740 тестирани примероци се потврдени во последните 24 часа, соопшти Министерството за здравство. 

Од скоро 40.000 тестирани, 45,3 отсто од примероците биле позитивни, што значи дека речиси секој втор тестиран бил заразен со корона.

Србија на почетокот на годината имаше нешто повеќе од 2.000 заразени на дневна основа, но бројот на заразени почна нагло да расте, што експертите го поврзуваат со масовните собири за прославата на Нова година. Брнабиќ утринава гостувајќи на ТВ Прва изјави дека според податоците од осум часот ќе се постигне нов негативен и неславен рекорд по бројот на новозаразени.

„Бројките од осум наутро се катастрофални, но добро е што клиничките слики се многу поблаги“, рече Брнабиќ. Таа потсети дека се во сила голем број антиепидемиски мерки и рече дека ситуацијата би била постабилна доколку се почитуваат мерките.

Во Србија во изминатите 24 часа од инфекцијата починале 26 лица, а со 18.000 нови случаи на инфекција, вкупниот број на потврдени случаи од почетокот на пандемијата надминал 1,4 милиони. Официјално се пријавени вкупно 13.124 смртни случаи. Денеска во болниците има 2.559 пациенти, од кои 109 се на респиратор.

Шаќири: Приоритет на МОН е градење квалитетен национален образовен систем

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска одржа состаноци со раководителите од сите сектори во Министерството за да се запознае со тековното работење и заради заедничко планирање и реализирање на натамошните активности.

Како што информира МОН, Шаќири предочи дека ќе го води Министерството како прв човек на зеднички тим и очекува дека секој вработен ќе даде целосен придонес, раководејќи се од начелата на професионалност, стручност и мотивација.

– Со целото Министерство за образование и наука, во периодот што претстои, ќе продолжиме да го градиме националниот образовен систем како столб на општеството. Тоа е наш приоритет. Само преку квалитетно основно, средно и висoко образование, како и натамошни вложувања во наука, можеме да ја оствариме целта за создавање подобро општество за сите, нагласи министерот Шаќири.

Британски виролог: Влегуваме во нова фаза на пандемијата, вирусот се менува

Иако во светот расте бројот на новозаразени, па многу земји воведуваат построги мерки кои предизвикуваат незадоволство кај луѓето, експертите велат дека крајот на пандемијата конечно е видлив.

Питер Пиот, виролог од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, смета дека омикронот и вакцината се добри за колективниот имунитет.

„Влегуваме во нова фаза на пандемијата бидејќи вирусот се менува. Дека тоа го прави често доказ е оваа последна варијанта, омикрон, која побрзо предизвикува зараза, но нејзинити последици се полесни“, изјави Пиот за ХРТ.

Тој вели и дека благодарение на вакцината паѓа смртноста.

„Навистина мислам дека се движиме во насока на постигнување колективен имунитет. Имаме уште многу да научиме, но најважно е да го намалиме ризикот од инфекција“, вели тој.

притисни ентер