ЕК: Очекуваме навремена достава на вакцините и објаснување од AstraZenecа

Европската Комисија очекува навремена достава на претходно договорените количини вакцини од британско-шведската компанија АстраЗенека и денес очекува објаснување за најавените намалени испораки.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен разговарала телефонски со извршниот директор на „АстраЗенека“ и го потсетила дека ЕУ „очекува навремена испорака“ на договорените количини вакцини, изјави денеска портпаролот Ерик Мамер.

Комесарот за здравство Стела Киријакидес вчера испратила писмо до АстраЗенека во кое бара објаснување за најавената намалена испорака на вакцината.

Урсула фон дер Лајен ја потсетила компанијата дека Европската унија обезбедила значителни средства за развој на вакцината, изјави портпаролот на Комисијата, Ерик Мамер.

AstraZeneca минатата недела ја известила Комисијата дека ќе ги намали испораките на вакцините во првиот квартал за 60 проценти, на 31 милиони дози наместо договорените 80 милиони.

Комисијата ги чека одговорите на AstraZeneca на видео средба помеѓу претставниците на Комисијата, земјите-членки на Унијата и AstraZeneca.

Европската агенција за лекови (ЕМА) треба да ја одобри вакцината од британско-шведската фармацевтска компанија „АстраЗенека“ во петок, но добрата вест е во голема мера во сенка на најавата дека компанијата ќе испорача значително помалку дози од договореното со Европската комисија за првиот квартал на оваа година.

Фајзер, производителот чија вакцина за прв пат е одобрена за употреба во ЕУ, претходно најавила доцнење во испораката на вакцината, пишува Франс 24..

Путин: Ловците Ф-16 ќе бидат легитимна цел за Русија, како и аеродромите од кои полетуваат

Доколку американските ловци Ф-16 учествуваат во конфликтот во Украина, полетувајќи од аеродромите во трети земји, тие аеродроми ќе станат легитимна цел на руската армија, предупреди рускиот претседател Владимир Путин.

За време на посетата на Тверската област, Путин потсети дека борбените авиони Ф-16 можат да носат нуклеарно оружје и нагласи дека Москва „ќе мора да го земе тоа предвид“.

Тој порача дека ловците Ф-16 доколку бидат вклучени во конфликтот, руската војска ќе ги уништи тие авиони „исто како што ги уништува нивните тенкови, оклопни возила и друга опрема, вклучително и повеќе ракетни системи“.

Путин оцени дека ловците Ф-16, доколку западните земји ги испорачаат на Украина, нема да можат да ја променат ситуацијата на бојното поле.

Медведев – Синер е првата полуфинална двојка на Мастерсот во Мајами

Русинот Андреј Медведев и Италијанецот Јаник Синер ја сочинуваат првата полуфинална двојка на тенискиот Мастерс во Мајами, САД.

Ова е епилогот по првите два четвртфинални меча на кои Медведев го совлада чешкиот тенисер Николас Јари со 2:0, додека Синер беше поуспешен од Томас Махач (Чешка) исто така со 2:0.

Другите двајца полуфиналисти ќе бидат познати по денешните мечеви:

Александар Зверев (Германија) – Фабијан Марожан (Унгарија)

Карлос Алкараз (Шпанија) – Григор Димитров (Бугарија).

Франција ќе тужи ученичка поради лажно обвинение дека била удрена од директорот поради хиџаб

 Францускиот премиер Габриел Атал денеска најави дека државата ќе тужи ученичка поради лажното обвинение дека директорот на училиштето ја удрил за време на расправија откако таа одбила да го тргне хиџабот.

Според францускиот закон, не е дозволено носење хиџаб и никаб во јавните установи, што директорот им го посочил на трите ученички, од кои две потоа ги тргнале шамиите.

Третата не ја тргнала шамијата и имало расправија, но полицијата не нашла докази дека директорот физички ја нападнал ученичката, а Атал сега тврди дека ќе биде изведена на суд.

„Државата секогаш ќе стои покрај овие службеници, оние кои се на линијата на фронтот соочени со овие прекршувања на секуларизмот, овие обиди на исламистите да влезат во нашите образовни институции“, рече тој.

Во деновите што следеле, директорот бил цел на смртни закани на социјалните мрежи, што училиштето го пријавило до Министерството за внатрешни работи, пренесува Би-би-си.

Обвинителите соопштија дека две лица се приведени во врска со смртните закани, а нивниот идентитет не е објавен, но Министерството за образование соопшти дека тие не се поврзани со училиштето.

Поради смртни закани и загрозена безбедност, директорот поднесе оставка по 45-годишна кариера во образованието.

притисни ентер