Еди Рама претстави област на Шар Планина како дел од Албанија

Планинари од Тетово ја алармираа јавноста и министерствата дека фотографија од втората када на Кривошијска река во месноста Лешница на Шар Планина се претствува дека е дел од Албанија на објава на Фејсбук профилот на албанскиот премиер Еди Рама.

На социјалната мрежа Рама објавил фотографија од планински водопад со хаштаг „прекрасна Албанија" и „Кањон Лешница" (#BeautifulAlbania, #KanioniLeshnicës).

На објавата до 13:30 часот има околу 400 коментари во кои главно се забележува на тоа што Рама убавина на Македонија ја прикажува како убавина во неговата земја и се укажува дека тоа е негова катастрофална грешка. Има и коментари со навреди, но и такви на кои пишува дека Лешница била е и секогаш ќе биде Албанија.

Планинарот Бошко Видоески сподели негови фотографии од Шарска Лешница и вели дека тоа не е во Албанија, туку дека стануав збор за една од т.н. Кривошијски Кади на Кривошијска Река во месноста Лешница, едно од најпосетуваните места на Шар Палнина.

– Еди Рама најверојатно не знае дека фотографијата што ја објавил не е кањонот на Лешница во Албанија, туку е водопадот на т.н. втора када на Кривошијска Река пред нејзиниот влив во реката Пена и се наоѓаат на македонскиот дел од Шар Планина, а не во Албанија. Јас никогаш не сум бил во Албанија ниту во тамошниот локалитет Лешница за да направам фотографија, но имам многу фотографии од Кривошијската Када. Ако се споредат моите фотографии со таа што ја објави Еди Рама убаво може да се види дека албанскиот премиер погрешил, односно го „присвоил" овој локалитет, како тој да е во Албанија. Верувам дека премиерот Рама ова го направил ненамерно или од незнаење, сепак мислам дека овде треба експедитивно да реагира и министерот за надворешни работи на Република Македонија, Бујар Османи, бидејќи станува збор за тенденциозен пост, вели Бошко Видоески.

Во Албанија според мапите на интернет се наоѓа кањон Лешница, инаку во близина на грчката граница и на пат за градот Саранда. Воедно тоа е заштитено природно подрачје.

И покрај жестоките коменатри објавата постирана доцна синоќа се уште не е повлечена. /МИА

Поврзаност меѓу здравата исхрана и срцевите болести кај жени со рак на дојка

Истражувањето спроведено од научници од Истражувачкиот центар „Кајзер Перманенте“ во Калифорнија (САД), е објавено во списанието „ЈНЦИ Канцер спектрум“ (JNCI Cancer Spectrum). 

Жените кои во времето на откривањето и дијагностицирањето рак на дојка, практикувале почесто јадење зеленчук, овошје, протеини и нискомасни млечни производи - се изложени на 47 отсто помала опасност од срцеви заболувања, отколку оние во чија исхрана преовладувале масти, црвено месо и производи од месо.

Истражувањето спроведено од научници од Истражувачкиот центар „Кајзер Перманенте“ во Калифорнија (САД), е објавено во списанието „ЈНЦИ Канцер спектрум“ (JNCI Cancer Spectrum). Наодите од испитувањата се важни и бидејќи се покажало оти жените кои се лекувале од рак на дојка се изложени на значително поголем ризик од кардиоваскуларни болести од оние кои немаат ваков вид рак.

Зголемувањето на можноста од срцеви заболувања е предизвикано од самиот третман на рак на дојка, којшто е кардиотоксичен, а за нив дополнително придонесува и неправилната исхрана, недоволната физичка активност, стареењето и пушењето цигари.

Истражувањето се заснова, вели еден од водечките автори д-р Исак Иргас, на проучување на повеќе од 3.400 случаи на агресивен рак на дојка.

Најуспешни резултати, поврзани со заштитата од срцеви заболувања, се забележани во случаите кога болните жени се лекувале со антибиотикот „Антрациклин“ што ги труе и убива канцерогените клетки. Според податоците на Светската здравствена организација, во 2022 година во светот се регистрирани 3,2 милиони случаи на рак на дојка и 670.000 смртни случаи од оваа болест. Во однос на бројот на заболени, како и по бројот на смртни случаи, ова е еден од најчестите карциноми кај жените во развиените земји во светот.

Научниците тврдат дека опасноста од овој вид рак се зголемува со возраста. Во таа смисла, жените до 40 години имаат 1,5 отсто можност да заболат од овој рак, на 50 - три насто, а на возраст од 70 години и повеќе, ризикот е поголем од четири отсто. /МИА

Видео: Алек Болдвин вознемируван од пропалестинска активистка

Глумецот Алек Болдвин се соочи со вознемирување од пропалестинска активистка, а видеото од тој настан на „Х“ е прегледано над три милиони пати.

На снимката направена во некое кафуле, додека Болдвин плаќа за својата нарачка и го држи мобилниот телефон на увото, жената со својот телефон го снима и неколкупати настојчиво бара од него да каже „Слобода за Палестина“ и да го опцуе Израел и ционизмот. Кога активистката сфаќа дека глумецот ја игнорира, таа ја менува темата. Следното прашање е: „Зошто ја уби таа жена? Ја уби жената и не доби затворска казна? Нема затвор, Алек!“

Активистката тука ја има предвид смртта на кинематограферката Халина Хачинс на снимањето на каубојскиот филм „’Рѓа“. За потсетување, Болдвин се соочува со обвиненија за ненамерното убиство на Хачинс во 2021 година. Продолжението на судењето за убиство од небрежност е закажано за 10 јули.

На видеоснимката, натаму глумецот почнува да се заканува со полиција, но девојката е упорна во своето вознемирување и на крајот, Болдвин ѝ го исфрла мобилниот телефон од рака.

Алек Болдвин ја отфрли одговорноста за ненамерното убиство на Хачинс. /МИА

Oштетена гумената брана за наводнување на оризовите површини кај кочанското село Грдовци

Вработените во водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани утрово забележале намерно оштетување на гумената брана кај селото Грдовци, што се користи за зафаќање на водата од реката Брегалница и наводнување на околните оризови ниви.

Непознат сторител со остар предмет ја исекол гумената обвивка во должина од околу половина метар, по што дошло до истекување на акумулираната вода и празнење на помошниот канал од водозафатот.

-Во изминатите седум дена имаше шест обиди за сечење на гумата и конечно, во текот на доцните вечерни или раните утрински часови, сторителот успеал во намерата. Несфатливо е зошто некој, токму на почетокот на сезоната за сеење на оризот, се одлучил на ваква постапка со која прави повеќекратна штета. Во прашање е доведено наводнувањето на околу 100 хектари оризови површини. Освен тоа, наместо средствата со кои располагаме да ги инвестираме во одржување на каналската мрежа, ќе мора дел да потрошиме за ангажирање служба за чување на гумената преграда. Настанот веќе е пријавен во полиција и очекуваме разоткривање на сторителот и на неговите мотиви за ова кривично дело, истакна Станче Стефанов, техничко лице во водостопанскта подружница „Брегалница“.

Во тек се активности за санирање на оштетувањето на гумената преграда, но постапката е отежната поради зголемената количина вода. Вработените во подружницата очекуваат до крајот на денот да ја нормализираат состојбата со наводнувањето, за да се избегне прекин на сеидбената сезона во овој регион, но и да не дојде до исушување на нивите кои веќе се посеани со ориз.

притисни ентер