Двотретонско мнозинство за уставни измени или избори, што ќе повлечат условените оставки на ДУИ

Отстапка за успешни уставни измени, подготовки за предвремени избори или политички маневар – што ќе донесат понудените оставки од министрите на ДУИ.

Отстапка за успешни уставни измени, подготовки за предвремени избори или политички маневар – што ќе донесат понудените оставки од министрите на ДУИ, кои вчера ги поднесоа до премиерот Ковачевски, но би се активирале ако опозицијата ги гласа уставните измени?

По понудените оставки од ДУИ, дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се огласија на социјалните мрежи со пораки до министрите- „Евтини трикови не ви проаѓаат повеќе, следната утакмица фудбал ќе ја играте во Идризово“, „Наместо оставки, спремајте си одбрани“... Од партиското седиште и денеска го повторија ставот против уставни измени, со повик за оставки од цела Влада, но не со услов, туку неотповикливи.

-Уставни измени со вакви фолирања нема да има. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен. Ако сака Артан Груби веднаш нека си поднесе оставка, но проблем не е само ДУИ, туку и СДСМ да си поднесат оставки ама неотповикливи и да одиме на брзи предвремени парламентарни избори, бидејќи се друго е одолговлекување и играње играчки. Добро е што ДУИ по 20 години власт е подготвена да оди во опозиција од кадешто ќе можат да одговараат за криминалот и да ја докажуваат својата невиност, -Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачките партии сепак сметаат дека барањето на Мицкоски од лидерската средба на почетокот на јуни за Влада без ДУИ сега е исполнето, а следниот чекор треба да го направи тој. Од СДСМ порачаа дека изборот е глас за ЕУ или изолација.

-Ставајќи го државниот пред партискиот интерес СДСМ и ДУИ покажуваат одговорност кон врвната стратешка цел, а тоа е европската иднина на земјата и сите наши граѓани. Сега, на потег е Христијан Мицкоски да докаже дали има државнички капацитет, дали му е важна европската иднина на земјата или се грижи само за својата фотелја во Белиот дворец.-- Богданка Кузеска – портпарол на СДСМ.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски оценува дека потегот на функционерите од партијата на Ахмети е обид за враќање на дијалогот со опозицијата, за кој Мицкоски кажа дека е веќе затворена тема. Според него ова е дополнителен притисок кон ВМРО-ДПМНЕ, но доколку заврши неуспешно – неминовно е да се планираат предвремени парламентарни избори.

-Може да се толкува како потег да се врати темата промена на Уставот на маса, но не е исклучено дека овој маневар нема да успее кај опозицијата, односно дека ке го отфрлат и ќе мора да се разговара за предвремени избори доколку последниот обид на власта не успее. Ако опозицијата се согласи, веќе од овој потег на ДУИ нема назад. --Петар Арсовски - политички аналитичар.

Покрај од министерските места, од ДУИ велат дека се подготвени и на други отстапки. Во последното интервју на Канал 5, вицепремиерот Артан Груби кажа дека за да се реализираат уставните измени со опозициските гласови, ќе се согласат и на избори без техничка Влада и од договорот со СДСМ за премиер Албанец 100 дена пред изборите.

Извозот и увозот на земјоделско-прехранбени производи во ЕУ достигнаа рекордни нивоа

Според овој извештај, лани во октомври извозот на земјоделско-прехранбени производи во ЕУ бил за 10 отсто повисок отколку во истиот месец во 2023 година, додека увозот на годишно ниво бележи раст од 19 проценти. 

Во октомври 2024 година извозот на земјоделско-прехранбени производи од ЕУ достигна вредност од 21,7 милијарди евра, а увоз од 16,2 милијарди евра, што претставува рекордно ниво на трговска размена на блокот на овие продукти, покажуваат најновите податоци на Европската комисија.

Според овој извештај, лани во октомври извозот на земјоделско-прехранбени производи во ЕУ бил за 10 отсто повисок отколку во истиот месец во 2023 година, додека увозот на годишно ниво бележи раст од 19 проценти.

Во периодот јануари-октомври 2024 година извозот на овие стоки од ЕУ пораснал за шест отсто споредено со првите десет месеци од претходната година, а увозот за три проценти.

Главни пазари за пласман на европските земјоделски производи лани останаа Велика Британија и САД. Извозот на британскиот пазар во периодот јануари-октомври достигна 44,9 милијарди евра, а на американскиот 25,1 милијарди евра.

Во Кина, пак, во истиот период се пласирани европски стоки во вредност од 937 милиони евра, што претставува намалување за осум отсто на годишно ниво, како резултат на падот на извозот на житни култура, свинско месо и млечни производи.

Од друга страна, ЕУ најмногу увезувала земјоделска храна од Бразил во вредност од 14,4 милијарди евра, што претставува пад за три проценти како резултат на пониските цени на маслодајните семиња и намалениот обем на набавка на житни култура.

Најголем раст на увозот на стоки во ЕУ има од Брегот на Слоновата Коска и тоа за 60 проценти, односно за две милијарди евра, како резултат на растот на цените на какаото, додека најголем пад бележи увозот од Австралија и Русија.

Стејт департментот ги замрзна речиси сите американски програми за меѓународна помош

Стејт департментот ја замрзна речиси целата меѓународна развојна помош обезбедена од Вашингтон, освен виталните програми за помош во храна и воената помош за Израел и Египет.

САД се најголемиот донатор во светот и дава поголема помош за меѓународен развој од која било друга земја. Оваа ставка од американскиот буџет изнесуваше околу 60 милијарди долари во 2023 година или околу еден процент од американскиот буџет.

Наредбата на државниот секретар Марко Рубио, која беше испратена до амбасадите во Вашингтон, експлицитно ги исклучува програмите за храна, како таа за Судан. Писмото е испратено како имплементација на релевантниот декрет потпишан од претседателот Доналд Трамп на 20 јануари.

Претходно во својата кариера, Рубио беше жесток поддржувач на хуманитарна помош.

Наредбата се однесува од меѓународна развојна помош до воена поддршка, што потенцијално може да влијае на Украина, која доби милијарди долари од администрацијата на претходниот американски претседател Џо Бајден.

Сепак, наредбата јасно ја исклучува воената помош за Израел, која енормно се зголеми поради војната во Појасот Газа, и Египет, кој доби великодушно финансирање од САД во областа на одбраната.

Писмото содржи и наредба да се изврши внатрешен преглед на целата меѓународна помош обезбедена од САД, која треба да биде завршена во рок од 85 дена.

Премиерна изведба на „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ во МНТ

 Во рамки на одбележувањето на 80-годишнината на Македонскиот народен театар вечерва ќе се одигра премиерната изведба на претставата „Народен пратеник“ од авторот Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин.

Во претставата играат Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска.

- Култното режисерско име Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период. Ова е негова трета претстава во театарот, претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996). Бранислав Нушиќ, пак, е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ, а овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Нушиќ. Првата постановка премиерно е изведена на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ. Поставена е уште еднаш - 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави: се игра до 2008 година, со вкупно 188 изведби, соопштија од МНТ.

Сценограф на претставата е Весна Поповиќ, костимограф Роза Трајческа-Ристовска, преводот на текстот го направи Загорка Поп-Антоска Андовска, а дијалектната адаптација е на Томислав Османли. Асистент на режисерот е Шенај Мандак, а изборот на музиката е на режисерот.

Првата реприза е закажана за 30 јануари.

притисни ентер