Две минимални плати не можат да ги покријат основните животни трошоци

 Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во август се зголемени за 214 денари во однос на јули.

Сојузот на синдикати на Македонија пресмета дека за основните месечни потреби на едно семејство му се неопходни 34.342 денари, а доколку во семејството има барем еден ученик, тогаш трошоците се зголемуваат за околу осум илјади денари.

Од Сојузот на синдикати на Македонија за МИА велат дека ниту просечна, ниту две минимални плати, се доволни за да ја покријат синдикалната минимална кошница. Анализите на ССМ покажуваат дека трошоците за живот континуирано се зголемуваат, а платите стагнираат.

Најмногу пари, според пресметките на ССМ, се трошат за храна и пијалоци (14.633 денари) и за плаќање на режиските трошоци (10.818 денари). За лична хигиена, минималните трошоци изнесуваат 2.382 денари, а за превоз минимум се потребни 2.529 денари.

Посебен товар за граѓаните е и почетокот на учебната година. Минимално за ова, според ССМ, би се потрошиле осум илјади денари само за еден ученик.

Пораст на трошоците на живот евидентира и Државниот завод за статистика. Според објавените податоци за август, пораст е забележан кај зеленчукот за околу 15 проценти, кај сирењето и урдата за 1,1 процент, кај месото за 0,9 проценти, лебот и житата за 0,7 проценти и кај млекото за 0,6 проценти.

– Ако со ваков интензитет продолжи зголемувањето на трошоците на живот, тогаш ниту три минимални плати не би биле доволни да го достигнат растот на синдикалната минимална кошница, оценуваат од ССМ и предупредуваат дека ако продолжи минималната плата да стагнира односно да се усогласува без да бидат прифатени забелешките од синдикатите, ќе има тренд на осиромашување на населението.

ССМ извесен период бара минималната плата да изнесува најмалку 60 проценти од просечната плата, а при последното усогласување во март годинава побара да не се земе предвид падот на Бруто домашниот производ како еден од трите параметри за усогласувањето, но нивниот предлог не беше прифатен.

– Поради се поевидентното зголемувањето на цените, очигледно е дека ни треба плата за живот со која како работници, без да се грижиме за нашата егзистенција, ќе можеме да си ги овозможиме најмалку трошоците во висина на една синдикална потрошувачка кошница со само една плата, посочуваат од ССМ во изјавата за МИА.

Од ресорното Министерство за труд и социјална политика, пак, укажуваат дека во изминатиот период се бележи пораст на платите во државата. Повикувајќи се на официјалните статистички податоци за јули годинава посочуваат дека нето платата е зголемена за 1.309 денари во однос на јули минатата година.

– Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна нето плата за јули 2021 година, која е објавена во септември 2021 година, изнесува 28.540 денари и е повисока за 1.309 денари во однос на истиот месец од претходната година или 4,8 проценти. Нашите очекувања се и понатаму да има пораст на платите во земјата со што ќе се влијае и на состојбата на животниот стандард на граѓаните, стои во одговорот што МИА го доби од Министерството.

Во однос на предлогот на ССМ да не се зема предвид негативниот пораст на БДП при усогласувањето на минималната плата, од МТСП појаснуваат дека во законот се утврдени критериуми за корекција и оти какво и да било менување на овие критериуми, мора да биде разгледано во рамки на социјалниот дијалог.

– Минималната плата се утврдува со Законот за минимална плата и истата се објавува секоја година во март а се применува од април. Во Законот се утврдени критериуми за корекција на минималната плата. И сегашното законско решение за утврдување, односно критериумите за корекција на истата се утврдени со социјалните партнери. Поради ова сметаме дека какво било менување на критериумите кои ќе имаат влијание на минималната плата треба да биде предмет на социјален дијалог помеѓу социјалните партнери, наведува МТСП.

Минималната плата во земјава изнесува 15.194 денари во нето износ. Ново усогласување се очекува во март следната година. При усогласувањето предвид се земаат три параметри – една третина од порастот на просечно исплатената плата, една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и една третина од реалниот пораст на БДП.

Петровска: Програмата „Наука за мир и безбедност“ ги охрабрува цивилните аспекти на науката

Програмата „Наука за мир и безбедност“ ги охрабрува цивилните аспекти на науката во служба на безбедноста.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, заедно со шефот на Одделот за управување и координација на НАТО програмата „Наука за мир и безбедност“, Клаудио Палестини, го отвори Информативниот ден на НАТО програмата, на кој учествуваа експерти од НАТО предводени од Палестини, претставници на академската заедница во Македонија, како и невладиниот сектор.

Петровска посочи дека идејата на НАТО за развој на оваа програма е да ги охрабри невоените, односно како што рече, цивилните аспекти на науката во служба на науката и безбедноста базирана врз пристапот на почитување на човековите права.

Програмата, посочи таа, ги поврзува научниците, експертите, како и службениците на НАТО и нејзините партнерски земји, за да се справат со предизвиците преку научно истражување и размена на експертско знаење.

– Покрај гарантираната безбедност и можноста за домашните компании да настапат на НАТО пазарот, овде денес ќе бидат презентирани непрегледаните можности на научно вмрежување, меѓусебната поддршка во развојот на иновациите и технолошкиот напредок, како и размената на знаење. Во свет кој исклучително брзо се менува непходни ни се науката и разумот како темелни вредности и најмал заеднички содржател на компромисот, кој треба да го постигнат низа на општествени чинители, рече Петровска.

Шефот на Одделот за управување и координација на НАТО програмата „Наука за мир и безбедност“, Клаудио Палестини, истакна дека по пристапувањето на земјава во Алијансата во 2020 година, 30 цивилни претставници ги имаат унапредено своите капацитети во справување со кипер одбраната.

– Македонија учествуваше во повеќе проекти, ние сме горди што претставниците од Центарот за управување со кризи дадоа свој придонес и ги унапредија своите одговори во корона вирусот. По нејзиното пристапување во НАТО во 2020 година имавме голем број обучувачи, односно 30 цивилни претставници коишто на еден начин ги унапредија своите капацитети во справување со кипер одбраната. Ние сме среќни што можеме да кажеме дека Македонија е наш сојузник и истражувачите имаат навистина простор и можност за растење во програмата, истакна Палестини.

Кривична пријава за тројца полициски службеници за „несовесно работење во службата”

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднесе кривична пријава против три лица - полициски службеници до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднесе кривична пријава против три лица - полициски службеници до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластување и припадници на затворската полиција за кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в став 4 од Кривичниот законик.

Како што соопштуваат од МВР, кривичната пријава е поднесена против тројцата полициски службеници затоа што дозволиле да настане застареност на дисциплинска постапка која се водела против вработен во МВР кој бил осомничен за злосторничко здружување и присвојување добра под привремена заштита и културно наследство.

Полициските службеници во својство на членови на дисциплинска комисија несовесно постапиле во вршењето на своите должности и овластувања што пропуштиле во законски рок да ја спроведат дисциплинска постапка против вработен во СВР Струмица за кој била поднесена кривична пријава „Злосторничко здружување“ и „Присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство“ и му била одредена мерка притвор во траење од 30 дена.

Пијавените наместо навремено да постапат по иницијативата за утврдување на дисциплинска одговорност, расправата ја одржале дури по повеќе од една година по добиеното известување од страна на јавниот обвинител, со што дозволиле да настане апсолутна застареност за водење дисциплинска постапка, притоа постапувајќи спротивно на законите и подзаконските акти, наведуваат од МВР.

Пошумување на Глишички рид во Кавадарци

Пошумување на Глишички рид се реализираше денеска во близина на Кавадарци, акцијата беше во организација на кавадаречката локална  самоуправа, во соработка со еколошкото друштво ,,Еко - живот" и ученици од трите средни училишта во градот. 

Доне Илов, раководител на сектор за животна средина при Општината, рече дека шеста година по ред, се посадуваат садници на ерозивни подрачја.

- Пролетва ќе бидат продадени околу 2.5 илјади садници. Овојпат посадуваме багрем, додаде тој.

Претседателот на ,,Еко - живот", Роберто Паризов апелираше и други субјекти во општината, да се вклучат во вакви и слични еколошки акции.

Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев рече дека последниве години во Општина Кавадарци се реконструираше целата постоечка јавна зелена површина, но се подигнаа и нови, на повеќе локации, со вкупна површина од над 130.000 метри квадратни.

- По цели 60 години со целосен автоматски систем за наводнување и нови содржини, реконструиран е Градскиот парк Љупчо Шкартов. Кавадарчани добија и нов парк, Киро Крстев, изграден според сите светски стандарди и богат со урбана опрема и зеленило. Во паркот на револуцијата пак, никна нов Дендро парк, богат со разновидни видови на растенија.

Исто така и локалитетот 12 Ваташки младинци е целосно хортикултурно уреден, појасни тој.

Шеста година по ред, додаде, секоја пролет и есен се пошумуваат и околните ерозивни подрачја што го напаѓаат градот.

- Три години се пошумуваше на Журов дол во село Ваташа, во изминатите три години таму се посадија 40.000 садници од чемпрес и багрем. Изминатите две и оваа веќе трета година, се пошумува на локалитетот Глишички рид, каде беа посадени досега 15.000 садници. Во ова пролетно пошумување, ќе се посадат уште 2.500 садници на багрем, а на есен се планира помасовно садење од 5.000 садници, информираше Јанчев.

притисни ентер